Интервју

Јошевска: Кога со твоето дејство си одзел нечиј живот, самото каење не е доволно

Деновиве актуелни се судските постапи за Монструм, за Диво Насеље, за Алфа, бидејќи за нив се бара ревизија поради политички договор. Пред овие случаи актуелни беа ниските пресуди за тешки сообраќајки, во кои за изгубени човечки животи се досудуваше условна казна или затвор од само 6 месеци, кои исто така не сме ги заборавиле. Се чини дека и за едните и за другите случаи постои револт во јавноста, а довербата во правосудните органи тешко оди во нагорна линија. За тоа колку вреди човечкиот живот, има ли пропусти во судските постапки за овие тешки кривични дела, за тоа каков пример даваат судиите со досудувањето ниски казни кога има жртви, зборуваме со Сузана Јошевска Анастасовска, адвокатка од Скопје, која постојано и гласно јавно критикува за овие случаи. Таа е бранител на човековите права со искуство во работата од над 18 години.

Затворска казна од 6 месеци е пресудата за Зоран Милевски – Кичеец, кој призна вина. Обвинителството предложи, а судот прифати ваква казна со образложение дека се работи за небрежност. Процената на обвинителот Арсим Адеми дека Кичеец усмртил човек во сообраќајка од небрежност, го спаси од долги години затвор. Го прашавме обвинителот Адеми што било пресудно за да утврди небрежност кај Кичеец, на што ни беше одговорено дека обвинетиот бил свесен за штетните последици што би можеле да настанат, но лекомислено сметал дека нема да стори кривично дело. Дали „лекомислено“ може да е издржан аргумент за казната наместо над 4 години да биде само 6 месеци таму каде што има една жртва и 7 повредени или пак, лекомислено е нешто со кое можеме да го опишеме донесувањето на пресудите?

Обвинителот практично ви ја дал законската дефиниција за небрежност притоа не образложувајќи зошто така проценил, а тоа е прашањето што си го поставува и стручната и општата јавност. Обвинителите имаат некој непишан став дека единствено возење во алкохолизирана или интоксинирана состојба го сметаат за умисла, речиси сѐ друго подведуваат под небрежност. Оттаму и причината зошто беше така нагласено дека обвинетиот во овој предмет не бил во алкохолизирана состојба. Сепак, дури и да е така, прашањето што овде треба да се постави е зошто и покрај тоа што одлучиле да одат со небрежност, се одлучиле за казна под законскиот минимум од 1 година? Кои биле тие особено олеснителни околности што му дале право на обвинителот да мисли дека и со одење под законскиот минимум ќе се постигнат целите на казнувањето? А особено што околностите што се јавно познати за овој случај и кои не се побиени ниту од обвинителството ниту од било кој друг, се отежителни, а не олеснителни. Исто така, треба да се постави прашањето зошто обвинителот воопшто сметал дека е добро да се спогоди за ниска казна кога ги имал сите докази во рака?

Што е клучно за квалификацијата на кривичните дела против безбедноста на сообраќајот, односно во ставовите од членот 300 има затвор од три месеци до три години, па од 1 до 5 и до 10 години...?

Клучна е свеста на обвинетиот кога го преземал противправното дејствие и неговиот психички однос кон можноста од настапување на последицата. Тоа не е лесен процес иако како таков се третира. Всушност, исклучително е тешко да се докаже врз основа на што обвинетиот градел очекувања дека последицата нема да настане за да може да се процени колку тој можел или не можел да ја предвиди. Ова е предизвик откако постојат овие дела и не може да се генерализира, туку мора секој предмет да се гледа детално и студиозно и сам за себе. Но, повторно ќе нагласам, кога има смртни последици, секако е предвидена затворска казна, а зошто судовите толку често се одлучуваат да одат со условни осуди навистина не разбирам.

Има ли судијата правен механизам што може да се употреби во случај ако обвинителот определил правна квалификација со пониска затворска казна, а доказите покажуваат дека за случајот постојат поинакви факти, кои носат поголема затворска казна и што во случај кога има признание на вина и не се изведуваат доказите?

Начелно, судот не е врзан за правната квалификација на делото во обвинението. Но, во пракса, судот ретко или воопшто не прави преквалификација. Што се однесува до признанието на вина, точно е, кога има признание на вина, не се изведуваат докази, таков е процесниот закон, односно Законот за кривичната постапка.

Дали измените во законот што ги предложи Министерството за правда и со кои се предвидува кривично дело безобѕирно управување со моторно возило, ќе донесат подобри времиња во македонското правосудство или пак, веќе имаме кривични дела во КЗ со кои може да се постигнат целите на казнувањето? Не чини законот, судиите не го познаваат доволно, се прават пропусти поради „пазарење“... што, според вас, се случува при донесувањето на пресудите за тешки сообраќајки и каде гледате пропусти?

Предлогот за измени на Кривичниот законик со воведување ново кривично дело е целосно непотребен бидејќи постојната регулатива е сосем доволна за распонот во кој овие кривични дела може да се движат, како кон полесни, така и кон потешки облици на истото кривично дело. Според мене, се работи за површно гледање на овие кривични дела и нивно подведување „под калап“. Истовремено, се работи за пристап во казнената политика што не соодветствува со зачестеноста на овие кривични дела, преголема толеранција, целосно промашена цел на казнување и лоша порака кон општеството, особено возачите, а најлошо - младите возачи. Би требало да поработиме на дискусии и дебати за нулта толеранција за дивеење со автомобили уште од добивањето на дозволата. Би требало да работиме на собирање докази за возачкото однесување на сторителот. На пример, колку казни за брзо возење или други прекршоци има Кичеец, да видиме каков возач е тој, дали тоа воопшто е истражено? И крајно, би требало да се засилат надзорните мерки на вештаците од сообраќајната област што прават вештачења „по порачка“ и притоа не биваат казнувани од никого.

Се чини дека за обвинителите и судиите е тенка линијата помеѓу умислата и небрежноста. Што за Вас, како правник и познавач на законот, е клучно за да има умисла и небрежност при казнување за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот?

За мене разликата е во три критериуми: безобѕирност, безобразност и свест за последицата. Секогаш кога сторителот пред настапување на последицата постапувал без обѕир кон другите учесници во сообраќајот и пешаците и секогаш кога однесувањето му било безобразно, постои умисла. Исто така, секогаш кога надежта дека нема да дојде до последица ја темели на целосно несигурни и нереални околности, секогаш кога може да се утврди дека разумен човек и пристојно искусен возач би можел да има свест дека од такво дејствие е извесно да настане последица, има умисла. Од друга страна, ако свеста дека нема да настапи последица ја темели на нешто релативно разумно и сигурно, ако не постапувал ниту безобѕирно ниту безобразно, туку направил само погрешна проценка, која и друг релативно разумен и искусен возач би ја направил, постои небрежност.

Мене многу ми жал што не се навлегува подлабоко и попсихолошки во утврдувањето на овие околности, иако не спорам дека е исклучително тешко да се дојде до тоа што некој мислел или очекувал или сакал во даден момент. Кога и кои околности се клучни за може да се користи ублажување на затворската казна, односно дали ако не возите под дејство на алкохол, не поминете на црвено светло, не возите со брзина над дозволената, а „само“ поминете на полна линија, постојат услови за ублажување на казната, па макар и да признаете вина? (Тука мислам на случајот со Кичеец). Институтот ублажување на казната МОЖЕ да се примени кога постојат особено олеснителни околности, кога постои спогодба со обвинителот и кога законот го дозволува тоа. Нагласувањето на зборчето „може“ е во насока на тоа дека не мора, туку дека постои таква можност, а сепак од другите околности и од други важни околности за постигнување на целта на казнувањето (како претходна осудуваност, во случајот на Кичеец дека до сообраќајната незгода воопшто и не требало да дојде доколку се има предвид дека ја злоупотребил дозволата да оди на лекување и сл.) треба да се цени дали е оправдано да се казни под законскиот минимум.

Повторно ќе речам, дали е постигната целта на казнувањето е клучното прашање, односно задачата на правораздавањето е да го казни соодветно сторителот, значи е насочена кон него лично, но и кон општеството, значи да прати порака што се нарекува поле на генерална превенција, за да се спречи или да се намали зачестеноста на тој тип кривични дела.

Вештачењата се главниот доказ врз основа на што се носат судските пресуди за тешки сообраќајки, односно се чини дека тие ја пишуваат казната уште пред да биде донесена. Колку вештачењето треба да биде во тесна врска со пресудата и може ли човек што добил лиценца за вештак да може да ја утврди реалната брзина со која е сторена сообраќајката?

Вештачењето е и мора да биде клучен дел од утврдувањето на фактите и да, вешти лица можат да ја утврдат брзината со кое се движеле возилата. Проблемот е во, како што кажав погоре, изоставувањето на надзорот врз нивната работа, па во речиси секој предмет имаме вештачења со целосно спротивни наводи, што некогаш е невозможно, а секако е недозволиво. Мора да се гради систем во кој вештаците ќе бидат одблиску мониторирани и ако се утврдат неправилности, и санкционирани.

Дали признанието на вина е реалност што соодветствува со настанот и донесената пресуда?

Самиот факт дека некој го признава и се кае за делото секогаш треба да се земе како олеснителна околност, но не може таа сама по себе да претставува основа за ублажување под законскиот минимум. Јас би рекла, речиси секој во овие дела се кае. Не само тоа, често и самиот има последици од сообраќајката, па со сигурност може да се каже дека не го сакал делото, ниту последицата и сигурно да може да избира, би одбрал да не се случела. Но кога со твоето дејствие си одзел нечиј живот или си упропастил нечиј живот, самиот израз на каење не е доволен.

Ако се сеќавате на случајот со Снежана Караџовска, жената што во сообраќајка со автобус во Турција ги изгуби двете нозе, дали ќе се зачудите ако ви кажам дека и таму возачот доби условна осуда? Покрај огромната траума за Снежана и нејзиното семејство, има и едно починато лице и уште едно тешко повредено. Животот на Снежана и на нејзиното семејство не е и никогаш нема да биде ист, можете ли да замислите еден ден да сте целосен човек и да одите, трчате, работите, живеете и наеднаш за еден миг, поради нечие невнимание, да ви е одземен целиот живот каков што го знаете. Цели семејства се распаѓаат, цели животи се уништуваат. Каењето е најмалку што може сторителот да им го даде на жртвите, но не е доволно за казнената политика и таа треба да се занимава со малку повеќе од само каење и признавање на вина.

Мали казни, а голем број жртви на улиците. Дали кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот е убиство и треба да се третира на таков начин, односно треба ли на осомничениот за сообраќајка да гледаме како на осомничен за убиство што во раце наместо пиштол, држи волан?

Не, но треба да стануваме свесни дека секој пат кога возиме какво било возило, ние управуваме т.н. опасна ствар, а тоа повлекува поголем степен на внимание и речиси објективна одговорност. Прво, мора да се следат правилата, второ, мора возачите да се однесуваат како тие да се гостите на улицата дојдени кај пешаците и велосипедистите, а не да демонстрираат доминација затоа што се посилни туку понизност и давање предност. На автопатиштата треба да се практикува контрола во секој момент на возилото и свесност за тоа како се управува тоа, да не биде ИН да стигнеш побрзо. Сето тоа е свест на која не се работи доволно. Со вакви пресуди се чини дека довербата во правосудните органи е на многу ниско ниво.

Што ни е потребно и дали воопшто би можеле да ја вратиме довербата во оние што се клучни за спроведување на законот?

Секогаш може да се врати довербата ако се работи професионално и чесно. Но најнапред треба да најдеме чесни и професионални луѓе за тие позиции, а тоа некако со годините ни оди сѐ потешко. Граѓаните веднаш препознаваат професионалност и чесност, исто како што препознаваат и неправда. Ако тие добијат чувство дека системот ги заштитил и е ист за сите, без оглед на која страна се, дали како обвинети или како жртви, но и како јавност, тие внатрешно ќе ја градат довербата.

Што вели законот за случај кога во сообраќајка има човечка жртва, конкретно ете, за сообраќајката во која возач на шлепер прегази девојче што минуваше на пешачки премин на зелено, а зелено му беше и на возачот, но не ја виде поради мртов агол, а сепак судијата Седат Реџепегиќ таму, иако возачот не сторил прекршок, изрече затвор од една година бидејќи има човечка жртва.

Последните пресуди се сосема спротивни од ова, односно се прават прекршоци, има по една или две жртви, а казните се скоро колку да ги има? Уедначувањето на судската пракса е горлив проблем со години, како да е занемарен процес. За тоа треба постојано да работи посебно одделение во секој апелационен суд, за основните судови на неговото подрачје, а потоа и одделение во Врховниот суд за територијата на целата држава. Не може да се споредуваат во оваа мера пресуди без да се имаат предвид сите околности што, како напоменав, ја прават целата разлика во одлучувањето. Но мојот генерален став е дека кога има смртна последица, како и особено тешка телесна повреда - тежок инвалидитет, мора да се казнува со затворска казна освен ако околностите се толку олеснителни што оправдуваат условна осуда.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски 

Ние Македонците од село Гореме, општина Струмјани, го поздравуваме народот покрај Вардар (барем реката сѐ уште е таму) и се „восхитуваме" на дејствувањата на мудрите мажи на државата.

 

повеќе

Земјите треба да бараат начини за градење мостови и унапредување на билатералните економски врски, а не да гледаат во минатото и да му наметнуваат на македонскиот народ поинаков идентитет или историски наратив.

повеќе

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе