Обраќање на претседателката на Уставниот суд

И по 31 година тврдиме дека Уставот не е комплетен без уставна тужба, вели Кацарска

„Денешно одбележување на 31 година од донесувањето на Уставот го користам како повод да се актуализира прашањето за уставна тужба и испраќам апел до надлежните за амандманска интервенција во Уставот, преку која би се вовел овој инструмент. На тој начин би се проширил опсегот на покривање на човековите права и слободи и би се постигнал огромен напредок во унапредувањето на заштитата на слободите и правата на национално ниво“, вели во обраќањето преку медиумите претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

На денешен ден, пред 31 година е донесен Уставот со којшто во нашиот уставно-правен поредок беа афирмирани нови темелни вредности, како што се основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, поделбата на државната власт, политичкиот плурализам, слободните непосредни и демократски избори, истакнува претседателката на Уставниот суд.

Tоа, како што нагласува таа, се вредности коишто се негуваат во една современа демократска држава, вредности кои се основа на уставно-правната независност која обезбедува континуитет и гаранција за заштита на правниот поредок и човековите слободи и права до денес.

„Но, тие не се однесуваат само на правниот поредок. Истовремено се и насока која ќе ја следат државните органи остварувајќи ги своите надлежности, а граѓаните како носители на државниот суверенитет само на таков начин, ќе можат да ги остварат уставно загарантираните слободи и права“, вели Кацарска.

Таа посочува дека со Уставот од 1991 година, на Уставниот суд му беше доделена автентична и единствена положба во македонскиот конституционализам, бидејќи е гарант за владеење на правото, што има многу пошироко значење од називот орган на државната власт со задача да ги штити уставноста и законитоста, како и основните слободи и права.

Овој изминат период, како што истакнува Кацарска, покажа дека Судот не може да ја оствари во целост улогата на заштитник на уставните слободи и права, поради својата ограничена надлежност во делот на заштитата.

„Имено, нашиот Устав припаѓа на новата генерација европски устави во коишто се инкорпорирани значајни меѓународни акти, меѓутоа за разлика од најголемиот дел од уставите во регионот не предвидува посебен инструмент за обраќање пред Уставниот суд од страна на граѓаните, односно уставна тужба или жалба“, вели претседателката на Уставниот суд.

Според неа, Уставот во својата структура е концизен, јасен, но не и сеопфатен бидејќи гарантира директна заштита на слободите и правата единствено за одредбите кои ја забрануваат дискриминацијата по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, правата на политичко здружување и дејствување на граѓаните и правата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, предвидени во член 110 алинеја 3.

„Токму ова денешно одбележување го користам како повод да се актуализира прашањето за уставна тужба и испраќам апел до надлежните за амандманска интервенција во Уставот, преку која би се вовел овој инструмент. На тој начин би се проширил опсегот на покривање на човековите права и слободи и би се постигнал огромен напредок во унапредувањето на заштитата на слободите и правата на национално ниво, при што утврдена повреда од страна на Уставниот суд ќе значи и насока за другите органи како да постапуваат и одлучуваат. Несомнено, почитувањето на Уставот и неговите темелни вредности, подразбира постоење и на услови за непречено функционирање на неговиот гарант, односно Уставниот суд. Ова подразбира функционална институција со полн состав, што во моментот не е случај бидејќи недостасуваат уште двајца судии, а на еден од судиите, мандатот му престанува за помалку од еден месец“, нагласува Кацарска.

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе