Обвинителството постапува, МВР проверува

Габриел Бајрам се криел за кражбата на струја во ГТЦ, го барале со потерница, па со полиција го носеле во станица

Габриел Бајрам, синот на починатиот пратеник Амди Бајрам, со полициска придружба бил донесен во станица на распит за кражбата на струја во ГТЦ и копањето на биткоини. Бајрам неколку пати бил повикуван во полициска станица, му биле испраќани покани, но не се појавувал пред службените лица. По ова по него бил распишан централен распис и на 30 јуни, годинава бил приведен и спроведен во полициска станица на службен разговор. 

„Ве известуваме дека по насоки и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје преземени се повеќе мерки и активности за расчистување на случајот. По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица", одговорија од МВР за МКД.мк.

Во декември, лани Обвинителството и МВР изјавија дека никој не пријавил сомнеж за кражба на струја и дека за настанот во Градскиот трговски центар нема сомнеж за кривично дело. Тогаш Обвинителството ни одговори дека чека сопствениците на дуќаните во Градскиот трговски центар да пријават дека се оштетени во висината на сметките за струја, за да може обвинителите да постапуваат.

Обвинителството сега постапува по, како што велат известување за настан добиено од МВР.

Во полициска станица се повикани и извршени се службени разговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје, а се вршат службени разговори и со други лица.

Од МВР известуваат дека по комплетирање на целокупниот материјал ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство Скопје за преземените мерки.

Во врска со кражбата на струја и копањето на биткоини во подрумот на ГТЦ, од Обвинителството велат дека ОЈО Скопје постапувајќи по примено известување од МВР, издаде наредба до МВР, да се направат неопходните проверки со цел да се утврди фактичката состојба и дека по наредбата се постапува.

Ѓоко Трајчевски, директорот на АД ГТЦ по протестот на сопствениците на дуќаните во овој трговски центар во Скопје, за одредени медиуми првпат призна дека имало кражба на струја од страна на фирмата на браќата Елвис и Габриел Бајрам. Сопствениците на дуќаните во ГТЦ со месеци укажуваат на тоа дека по откривањето на магацините преполни со ригови за „копање" биткоини, тука некој вршел кражба на струја.

Здружението на граѓани уште лани на 16 ноември официјално од АД ГТЦ побара да пријави кражба на електрична енергија во подрумите. Tие се сомневаат во двојна кражба со електрична енергија во АД ГТЦ - електрична енергија крадена од системот на ГТЦ и преку покривање на загубите во системот на АД ГТЦ со кражба на дуќанџиите преку зголемување на сметките за дури 500 отсто.

Од 16 ноември во подрумите на ГТЦ не се веќе Елвис и Габриел Бајрам кои најверојатно со години тука „копале" биткоини користејќи струја која очигледно ја плаќале сите, освен копачите.

Во врска со копањето на биткоини од Обвинителството велат дека тука нема простор за постапување, бидејќи тоа не е кривично дело, но треба оној кој што се занимава тоа да си ја плати сметката за струја.

„За да се утврди евентуална кражба на електрична енергија, потребно е потенцијалните оштетени да ги пријават своите сомненија до надлежен орган и да приложат докази за своите тврдења. До овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесена кривична пријава од оштетено физичко или правно лице, ниту известување за настанот за кој покажувате интерес", велат од Обвинителството.

Во „бизнисот" со биткоините, освен набавката на голем број на компјутерски машини, т.н. „ригови" најголемата ставка е дневната потрошувачка на струја.

Бајрам, со голема помош на раководството на АД ГТЦ, тоа со години го правел во подрумите на ГТЦ, плаќајки струја колку за осветлување и ништо повеќе, а енормната потрошувачка на струја била најверојатно „солидарно" делена со сите сопственици на дуќани.

Кога тоа се дознало, на 16 ноември полицијата најпрво влегла во подрумите, полицајците потоа само го обезбедувале просторот за безбедно изнесување на скапата опрема, по што и официјално било соопштено дека тука нема грабеж на струја. Има струјомери, ние не сме надлежни, гласеше во кратки црти соопштението на МВР по нивната акција и брзото повлекување од магацинските простори на ГТЦ на 16 ноември.

И покрај снимките и покрај сведочењата, и покрај очигледната скапа вентилација монтирана низ подрумите на ГТЦ, ниту една надлежна државна институција не реагираше на овие основани сомневања дека се работи за голем грабеж на струја од страна на советниците на СДСМ, во Скопје и Шуто Оризари, Елвис и Габриел Бајрам. Случајот брзо беше затворен.

Само Регулаторна комисија за енергетика официјално кажа дека АД ГТЦ нема лиценца за трговија и дистрибуција на струја, вода и топлинска енергија, а тие тоа со години го прават.

Но, само еден месец подоцна стигна уште еден доказ во корист на сомневањата – сметките за струја на дуќанџиите. Освен тоа, наеднаш, АД ГТЦ за 2022 распиша тендер за купување на струја за многу помали количини од она што било купено за годинава и за 2020.

И во одговорот од канцеларијата на ЕУ во Скопје до Здружението на дуќани ГТЦ се вели дека тие внимателно го мониторираат развојот во областа на владеење на правото во Северна Македонија и во 2021 како дел од преговарачкиот пакет за членство.

Здружението на сопственици на дуќани ГТЦ 1973 Скопје се упорни во докажувањето на бројните неправилности за тоа како стопанисува со овој трговски центар раководството на АД ГТЦ.

Тие и официјално до АД ГТЦ испратиле барање да се пријави кражба на електрична енергија од напојувањето на ГТЦ, бараат податок каде се мери потрошената електрична енергија. Сакаат да знаат колава е фактурата за струја за корисникот на магацинските простори и колку време тој бил корисник.

Прашуваат кој и кога им издал одобрение за уривање и преправање на магацинскиот простор со сите тие додатни инсталации што се монтирани.

Ова тие го бараат затоа што забележале големи разлики во сметките за потрошена електрична енергија кој им е фактурирана на приватните сопственици на деловните простории.

Се сомневаат дека се оштетени и затоа бараат информации. Се разбира АД ГТЦ не одговара на такви прашања, како што не ни одговори и нас на прашањата за набавките на електричната енергија во последните три години.

Одговорите треба да ги дадат МВР и Обвинителството. 

К.Д.

 

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе