Финансиска полиција поднесе кривични пријави против обвинители од ОЈО ГОКК

Управата за финансиска полиција соопшти дека поднесе кривична пријава до скопското Јавно обвинителство во која се опфатени сите обвинители за кои што Управата смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Во соопштението не се наведени имињата на обвинителите, поради „почитување на пресумцијата на невиност на пријавените“, но по медиумската преписка деновиве, извесно е дека станува збор за шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Управата за финансиска полиција информира дека се опфатени сите обвинители за кои сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела при постапување во предметот по кој на 18 јули беше извршен претрес во Управата.

„Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на пријавените, тоа е сѐ што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението до медиуми од Управата за финансиска полиција.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, минатата недела на брифинг со новинарите најави дека до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување" и „фалсификување на службената исправа".

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 18 јули годинава изврши претрес во Управата за финансиска полиција, по што следуваше јавна преписка и обвинувања меѓу шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата Арафат Муареми.

Русковска изјави дека се постапува по предмет отворен по пријава од граѓанин, а Муареми претресот го квалификува како незаконски и обвини дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од „еден ист центар“. Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до Судскиот совет за судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на обвинителството.

Во врска со овој случај, пред неколку дена Русковска ги повика САД, ЕУ и европската обвинителка Лаура Ковеси да ѝ помогнат поради, како што наведе, притисоците од владиниот службеник - директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, притоа оставајќи им простор да ги проверат нејзините предмети и да се расчисти, како што нагласи, кој во државата се бори против криминалот и корупцијата. Од амбасадите потоа одговорија дека надлежни за таква проверка се македонските државни институции.

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе