Арафат најави кривична пријава против Русковска, обвинителката вели дека ќе го објави целиот случај за него

Обвинителката Вилма Русковска бара странска и владина помош против притисоците од директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми. Претходно тој најави кривична пријава против неа и уште две обвинителки кои минатиот месец направија претрес во финансиската полиција.

Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција синоќа преку писмено обраќање ги повика на помош амбасадите на САД и ЕУ, Владата и јавноста од „загрозувачкиот притисок од претставник на Владата, од директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми кој е под истрага“.

Директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, откако на 18 јули обвинители вршеа претрес во неговата канцеларија, најави кривична пријава против шефицата на ОЈО ГОКК Вилма Русковска и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот.

„Не смее Вилма Русковска да ги руши државните институции, да создава јавен впечаток дека Финансиската полиција е корумпирана и не работи според закон, а истовремено да смета дека никој не смее да ја контролира и оценува нејзината работа“, вели Муареми.

За него претресот бил тенденциозен, со единствена цел да му се наруши угледот, да се доведат во пршање сите постапки што ги воделе и води, а се со цел, како што вели, да ги заштити интересите на нејзините блиски луѓе, пријатели и соработници за кои Управата води предмети.

Обвинителката постапувала по анонимна пријава, а до Судот навела дека директорот на Управата за финансиска полиција сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание и дека располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело“.

Тоа според Управата значи дека обвинителката кога го поднесувала барањето за претрес до судот располагала со докази каква награда примил директорот и од кого ја примил, и во кој период, но кога се вршел претресот обвинителите барале „предмети оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот“.

Од Финансиската полиција велат дека ќе поднесат кривична пријава за обвинителките за злоупотреба на службена положба и овластување и за фалсификување службена исправа.

И Јавното обвинителство соопшти дека обвинители на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапиле недоследно во случајот со претресот во Управата за финансиска полиција.

На ова синоќа Русковска соопшти дека ќе објави сѐ што има за Муареми, па јавноста нека суди кој е криминалецот, а кој се бори против криминалот.

„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така ја замолувам и европската обвинителка Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК откако јас сум на чело на обвинителството, со посебен осврт на предметите за Драги Ршковски, Мухамед Зекири и овој најновиот за Арафат Муареми“, пишува Русковска.

Таа прашува „како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Фросина Ременски, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери“, како и дека „никогаш нема две вистини, има само една“.

Таа вели дека во наредниот период е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има за директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, „па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминал“.

„Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ сериозно да преземат мерки затоа што ова најмалку доликува на членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ, каде владеењето на правото е имератив“, пишува Русковска.

Таа ги повика домашните институции да реагираат за притисоците лично кон неа и кон Обвинителството за гонење организиран криминал затоа што „во државата има криминал, но има притисоци тој да не се гони“.

„Македонија не е ниту диктатура, ниту монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па и тој да е во највисоките ешалони на власта“, пишува Русковска.

За Арафат Муареми, Русковска вели дека нема да дозволи лице против кое се постапува да ѝ го валка образот, а пред јавноста ќе презентира што е откриено за да се види кој сторил криминал.

„Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, чесноста ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт“, пишува меѓу другото Русковска.

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе