Премиерот Заев, како што се информира, подвлече дека Владата е цврсто посветена на својата агенда за интеграција во Европската Унија, што е стратегиска цел на земјата, при што додаде дека заклучоците на Советот на ЕУ од март 2020 година, потврдија дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.
Амбасадорот Гир ја истакнал важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања и ја поздрави заложбата на Владата да продолжи да напредува во спроведувањето на реформите поврзани со Европската Унија, кои пред сѐ, се во интерес на сите граѓани, но и важни за приближување на Северна Македонија кон ЕУ.
Што се однесува до пандемијата, амбасадорот Гир потсети на сеопфатната поддршка што ЕУ и ја дава на Северна Македонија во областа на здравствената заштита и макрофинансиската поддршка и заштитата на работните места, а премиерот Заев му се заблагодари за помошта, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, беше разговарано и за резултатот од Самитот на Берлинскиот процес, на кој Северна Македонија беше ко-домаќин со Бугарија на 10 ноември.
Амбасадорот ги поздрави преземените обврски за воспоставување заеднички регионален пазар заснован на принципите на единствениот пазар на ЕУ – слобода на движење на капитал, стоки, лица и услуги, при што беше истакнато дека овие активности ветуваат значителни придобивки, кои ќе произлезат од поголема интеграција во рамките на Западен Балкан и во ЕУ.