„Отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’ во Битола, на кој ќе присуствуваат високи делегации од Македонија и Бугарија, јасно ја покажува стратешката тенденција и политичката определба на оваа антинародна власт. Имено, владиното кумувањето на ‘културен центар’, кој ќе го носи името на еден од најкрвничките врховисти, не е ништо друго, освен директна негација на Национално-ослободителната борба на македонскиот народ и нејзините придобивки, преку кои се афирмираше неговата држава, како дел од победничката антифашистичка коалиција.
Со директното учество и поттикнување на историскиот ревизионизам насочен кон демакедонизација, како и имплементацијата на антимакедонски политики преку целиот мандат на власт, особено со поткопувањето на АСНОМ-ските темели на државата, СДСМ се претвори во профашистичка политичка групација, која сама по себе е навреда за македонското национално достоинство, а пак кога оваа партија е на власт, таа станува сериозна закана и за самиот македонски народ.
Денеска, Владата на Македонија предводена од СДСМ, со учество на свеченото отворањето на културен центар, кој, среде македонскиот град Битола, ќе го носи името на анти-херојот од Втората светска војна, фашистот Ванчо Михајлов, уште еднаш покажува дека, како последица од преговорите со Бугарија, со нов капитулантски билатерален договор, има намера да ги прифати и спроведе сите антимакедонски, негаторски, експанзионистички и шовинистички барања и политики на Софија.
Ваквиот владин чин на провокација и понижување на македонскиот народ заслужува осуда од сите релевантни групи и поединци од јавниот домен на општественото живеење во Македонија.
Истакнуваќи дека денеска неофашизмот во нашата држава е современ феномен, кој се етаблира со силни негаторски, понижувачки и крајно антимакедонски елементи, најавуваме дека во Собранието на Република Македонија, ќе поднесеме декларација за осуда и борба против било каква форма на глорификација, рехабилитација и промоција на фашизмот, во која особено внимание ќе биде ставено на борбата против историскиот ревизионизам и рехабилитацијата на неговите соработници, било тоа да се соработници со бугарската фашистичка власт или пак од профашистичкото движење на Балистите“, соопшти Левица.