Повик до Арсовска да ги посети и да го реши проблемот

Во ЗОО Скопје пак се спрема колеж на животни, разрешениот директор пак е на работа како директор, велат вработените

Иако Град Скопје го разреши вршителот на должност директор на Скопската зоолошка градина Кристијан Стаменов пред 5 дена, тој уште доаѓа на работа, се сместува во директорската фотелја и продолжува со задачите кон вработените. Дел од оние кои работат во Зоолошката градина во Скопје велат дека се подготвени да се сретнат со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која ја повикаа да дојде во ЗОО Скопје порачувајќи и дека за 10 минути пеш ќе стаса до нив, ако сака да ја види реалната состојба. 

Негователот Војо Иванов на својот фејсбук профил замоли за брзо решение, посочувајќи дека насетува иста состојба како и претходно, односно на слично дело мислејќи на колењето на животни поради кое кривични пријави добија петмина вработени во ЗОО Скопје. 

„Замолувам за брзо решение. Висиме на штетни одлуки и наредби со закани. Не ми се допаѓа вака јавна преписка како панаѓур, но за жал работите брзо се одвиваат и можат повторно да излезат од контрола. Ова за жал, сметам дека е најбрзиот начин информацијата да стигне до Вас. Колегите веќе ги гонат кривично за извршување наредби, затоа да Ве потсетам дека насетувам повторување на слично дело, одбивам за бидам во слична состојба како нив и затоа ви најавувам и молам за брзо решение, доколку сте во можност, стоиме на располагање со група вработени“, се вели во статусот на Фејсбук на вработениот во ЗОО Скопје. 

Тој вели дека не бара титула, ниту покачување, ниту некаков специјален статус во установата, и додава дека ужива во работењето на својата професија зоонеговател. Но, додава дека им треба директор кој ќе ги остави да работат со животните, а не, како што вели Иванов, да ги тера да чистат паркинзи и тоалети.

„Деновиве за жал на улица ни дофрлуваат работи кои не направија да се чувствуваме мизерно, лошо... чувство на наприпадност. Фамилиите на мои колеги трпат стрес и омаловажување, со само една штетна одлука на директорот. Замолувам пак: директор кој ќе не остави да работиме со животните, а не да чистиме паркинзи и тоалети со човечки измет, директор што ќе има почит кој сите луѓе инволвирани во установата, а не да не омаловажува вербално, директор што ќе има слух за вработените и животните, директор што на зоолошката ќе гледа како на установа од која треба првенствено да се направи дом за животните, а не луна парк... Знаме дека се соочувате со технички проблеми, но само заедно може да дојдеме со решение. Најдете време и дојдете, од бараките за 10 минути пеш сте до кај нас. И да, да не ми забранува со велосипед да се возам низ зоолошката бидејќи повеќе работа ќе завршам така отколку со пешачење на 13 хектари", стои во пораката од вработениот до градоначалничката на Скопје.

По скандалот со колењето на коњи во Зоолошката градина во Скопје, со реакција пред неколку дена се јави и директорот Стаменов.

Тој порача дека изразува жалење за информациите кои се пласираа во јавноста овие два дена, дека во Зоолошката градина работи повеќе од 12 години како самостоен зоо негувател и остро демантира дека е некаков „убиец" на животни.

Во неговата реакција посочува дека и порано било пракса да се убиваат животни кои се изнемоштени и да се даваат како храна на други животни, а појаснува и дека жирафата Орка која угина од воспаление на дванаесетпрсното црево и од бронхитис била дадена како храна на лавовите.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пред неколку дена спровеле вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина на Град Скопје, по добиената информација од Министерството за внатрешни работи (МВР) и медиумите дека таму нелегално се заклани десеттина коњи, чие месо ќе се користи за исхрана на дивите животни.

Во депото, биле затекнати и две живи животни, а во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња.

 

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе