ИНФОРМАЦИИ И РЕАКЦИИ ЗА ПРОГРАМАТА ЗА ЖИВОТНИ-СКИТНИЦИ

„Вардариште“ останува единствениот стационар, Скопје во 2016 без нови чекори за бездомните кучиња

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе гласа предлог-програма за решавање на проблемот со животните скитници на градската територија во 2016. Како и секоја година, репризно се наведени низа активности поврзани со бездомните кучиња и дејностите во „Вардариште“. Од Здружението „Анима Мунди“ велат дека и оваа програма нема никаква подобрување, реагираат на критериумите за еутаназија, а сметаат единствениот стационар нема капацитет за третман на бездомните кучиња. 

И покрај многубројните реакции од скопјани и протестните барања од здруженијата за заштита на животните, „Вардариште“ и во 2016 останува единствениот стационар за третман со бездомните кучиња. Градот во својата годишна програма планира околу 250 месечно, а 3.000 животни годишно да се заловуваат, транспортираат, стерилизираат и еутанизираат преку „Вардариште“, односно преку ангажиран медицински тим и службите од ЈП „Комунална хигиена“.

Евидентен е проблемот што „Вардариште“, лоциран на истоимената бивша депонија во општина Гази Баба, со години го следат многубројни контроверзии и контрадикторни информации за начинот на работа и условите за животните. Искуствата од љубителите на животни покажаа дека стационарот досега не направи исчекор напред и не понуди поквалитетено, похумано и избалансирано решение за прекубројноста на скопските кучиња-скитници. А, освен „Вардариште“, кој според реакциите воопшто не е пример за соодветно згрижувалиште, во Скопје не постои каква било друга служба за животни. Уште претходно е регистрирано дека стационарот располага со 72 кафеза, а во еден кафез, во зависност од големината, може да се сместат и повеќе кучиња. Одделението на ЈП „Комунална хигиена“ во „Вардариште“ е составено од 28 теренски работници - заловувачи, а на терен функционираат две возила, плус специјални сајли и мрежи.

Сега во Програмата се наведува дека стационарот е проширен со нов објект во 2010 со зголемен капацитет. Пишува дека заловените животни се транспортираат до ’Вардариште’, каде се врши преглед од надлежен доктор по ветеринарна медицина, при што се одредуваат животните што ги исполнуваат критериумите за еутаназија, а сите клинички здрави животни се пренесуваат во болничкиот дел. Теренската идентификација за секое заловено животно веднаш се евидентира и се заведуваат и други податоци за животното како раса, пол, старост, особени знаци, место на заловување и др.

„Еутаназијата ќе се врши во сите случаи кога тоа е утврдено од надлежно министерство, во согласност со важечките закони и наредби (епидемии на заразни болести). Исто така, ќе се врши при дијагностицирање на болести за кои по мислење на ветеринарот и лабораторискиот наод, третманот е веројатна причина за беспотребна болка и страдање, или третманот нема да да биде ефикасен за да овозможи овозможи прифатлив квалитет на живот. Еутаназија ќе се врши и во случај на старост на кога, исто така, не може да се овозможи прифатлив квалитет на живот, односно кога животната кондиција е таква што еутаназијата ќе го превентира страдањето. Ќе се врши и кога темпераментот на животното е таков што предизвикува непосредна опасност за околината“, стои во градската Програма за 2016 година.

Секторот за комунални работи, кој ја подготвува програмата, дополнува дека еутаназираните животни се отстрануваат на законски пропишан начин и се закопуваат во специјално изградена гробна јама на санитарната депонија Дрисла. Потенцираат дека во 2011 година е изградена нова јама со зголемен капацитет.

Од друга страна, од повеќе здруженија со години праќаа забелешки, реагираа и протестираа за функцијата на „Вардариште“. Сметаат дека стационарот ги прекршува европските препораки и стандарди за кучињата засновани на етика, ефикасност, економска исплатливост и здравствена заштита. На неколку пати рекоа: „Ако нема хуманост, Вардариште да се затвори“. Истовремено, се спроведуваше и петиција за затворање на стационарот, на која во првите месеци од 2015се потпишаа близу 5.000 граѓани.

Додека здруженијата бараа кататец на стацинарот, против условите во „Вардариште" на почетоков на годината беше поведена и силна меѓународна кампања. Па, проблемот стигна и до Европската комисија. Со оваа проблематика во март 2015 се запозна и европскиот комесар за проширување Штефан Фуле, кој на прашањето на пратеничка одговори дека ЕК ја разбира ситуацијата со бездомните кучиња во Македонија и истиот тој проблем го поистоветува со проблемот во Романија. Оваа изјава уште повеќе ја распали атмосферата помеѓу активистите, бидејќи, како што рекоа, споредбата со Романија е премногу низок удар. 

Сега од „Анима Мунди“ потенцираат дека Програмата за 2016 е речиси иста како и секоја година. Односно, велат, за жал нема никакво подобрување.

„Од друга страна бројката која ја предвидуваат (250 кучиња месечно) е огромна за капацитетот на ’Вардариште’ и за таа прогресија да ја запазат индикативно е дека повеќе животни ќе ги убиваат. Понатаму критериумите востановени за еутаназија се формулирани на начин да може произволно да се применува нон стоп. Изземена е и обврската за ветеринарна грижа за повредени животни што е обврска за општините дефинирана согласно Законот за заштита и благосостојба на животните - во Програмава воопшто нема таква ставка и буџет за тој вид интервенции. Тоа значи дека кучиња и со најмала повреда нема да им се укаже никаква помош, туку ќе се убиваат. Воедно ние како здружение кое и те како може да помогне и нуди помош сме целосно исклучени од процесот на носење на Програмата, иако имаме укажувано на голем број нејзини слабости и имаме поднесено и предлог програми до градот“, велат од „Анима Мунди“.

Дополнително, во Програмата нема прецизирано колку средства се предвидени, туку само стои дека финансирањето ќе се врши со средства од градскиот Буџет за 2016 година, а цените за заловување на животните-скитници и престој во „Вардариште“ се утврдени со ценовникот усвоен од ЈП „Комунална хигиена“ и одобрен од градскиот Совет. Цените на ветеринарниот третман предвидени со Програмата се дефинираат од најповолен понудувач, избран преку тендер од „Комунална“.

Ако се погледне документацијата од буџетите, тогаш може да се види дека за згрижување и третман на кучињата-скитници од градскиот Буџет за 2015 година биле предвидени 7,5 милиони денари. Во предлог-Буџетот за претстојната 2016, пак, стои точка „ерадикација на животни скитници“ - 7 милиони денари, а дополнителни 600.000 денари за „подигнување на умрени животни“, кои се впишани во Секторот за комунални работи.

На почетокот на 2015 година поимот „ерадикација на животни-скитници“ се појави и во локалната Програма на општина Гевгелија за третманот со животните, по што дојдоа остри реакции. „Анима Мунди“ потенцираа дека зборот ерадикација значи потполно уништување, истребување на кучиња-скитници на територија на општината.

„Очигледно општината не е свесна дека кучињата не се скитници, туку бездомни животни (така се дефинирани со закон), напуштени, бездомни, но не по своја вина! Дека проблемот со прекубројноста на кучињата е проблем кој може да се реши само со масовна стерилизација на бездомните, одговорно сопствеништво (вдомување, стерилизација на кучињата со сопственик) казни на неодговорните сопственици доколку ги напуштаат милениците и никако поинаку. Со оваа Програма општината има намера најгрубо да го прекрши Законот за заштита благосостојба на животните на територијата на Македонија во кој е недвосмислено посочен методот за масовно стерилизирање на бездомните кучиња, нивно вакцинирање, обележување и враќање назад на територијата на која биле заловен!

Секој акт на насилство согласно истиот закон предвидува казни од 6.000 евра за правно лице; понатаму глоба од по 1.500 евра се предвидува за сите во продолжение наведени одредби: доколку интервенциите не се вршени во регистриран стационар; доколку не се ангажирани стручни ветеринарни лица; не обезбедува соодветни мерки за заштита и благосостојба на кучињата и грижа околу нив ; не се соработува со здруженијата за заштита на животните и сл. Поточно секој друг метод претставува најгруб противзаконски акт, акт на насилство, нецивилизираност, примитивизам кој го крши и Кривичниот закон кој предвидува и казна затвор (член 233 Мачење на животни или доколку е труење би било и член 288 Предизвикување општа опасност)!“, реагираа на почетоков на годинава „Анима Мунди“ кога се појави поимот „ерадикација“ во Програмата на Гевгелија.

Третманот со бездомните кучиња низ годините оди рака под рака со нужноста од зголемување на капацитетот на стационари. Сето се споменува со години, но, сепак, останува на збор, на ветувања и предлози „за разгледување“. Одамна кружи идејата и за таканаречена „Полиција за животни“, служба одделена од МВР, која би ја сочинувале познавачи на домашни миленици, дресери, кинолози и ветеринари, со ингеренции кон кучињата и кон нивните неодговорни сопственици. Единствено, позитивно е тоа што општините од пред некоја година започнаа да одредуваат локации за миленици, да поставуваат канти за собирање измет од животните и да организираат информативни штандови.


Бојан Шашевски 

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе