РЕПОРТАЖА ОД KEJOT НА ВАРДАР

Вардар тече, барок и рушевини влече (ФОТО+ВИДЕО)

Поплавената галија „Ројал Македонија“ не е единствената атракција што може да се забележи при една крајбрежна променада на Вардар. Содржините на и во коритото на реката се „храна“ за сите сетила. Доза апсурд, чудење и очобол манифестирани преку историско-политичко-социјални белези. Секој обид за интерпретација на имагинацијата ќе донесе дополнителна главоболка, но некои искуства сепак мора да бидат забележани, подвлечени, па затоа се пуштивме во една минирепортажа. 

 

Фотографиите со надојдениот Вардар и поплавената галија со брзина на светлината ги окупираа социјалните мрежи и разните електронски медиуми. Сите ги видоа. Се уверија дека кралската галија, сепак, не заплови накај Егејско Море. Иако, лани летото герила-активисти на неколку места низ градот поставија плакати со возен ред за галиите. „Јавна пловидба Скопје“ и „Брод сидро“ како подружница на ЈСП на Град Скопје нудеа домашни патувања во странство, во Солун, Пустец и Подградец. И тоа по доста поволни цени!

Ден по поплавувањето, кај галијата беше ангажирана екипа со цистерна на ЈП „Комунална хигиена“, од оние што навечер и рано наутро чистат коловози и тротоари. Екипата со црево со вода го замиваше делот од мајор-коритото, кое вчера беше исполнето со кафеавкаста вода. Присутните на палубата на ресторанот повторно можат да размислуваат за менито, да листаат и да избираат дали ќе јадат свинска коленица „Филип Втори“ или телешки мускул „Букефал“. Дождот веќе два дена го нема, пука сонце, па речната галија се спрема за нови посетители. Нема веќе потреба ниту за вреќи песок на вратите, тие се извадени. Излеаниот Вардар се повлече.

Додека екипата на претпријатието си ја довршува задачата, до галијата рибар со трска си лови риби. Има придружба - човек со скрстени раце го посматра и му ги проучува рибарските потези. До нив им се паркирани велосипедите, а тука уочивме и огромно дрво, веројатно извадено од водите на Вардар. Се забележуваат и новата тура барокни канделабри. Наредени се насекаде по кејот. Со златестите елементи стилски си одговараат со рамките од прозорите на галијата, а и со позлатената статуа со сирена.

Насред Вардар близу мостот „Гоце Делчев“ се гледа железарија. Штрчи од водата. Не е позната функцијата на целата железна арматура. Дали тоа е брана, па да собира отпадоци, или можеби некоја уметничка инсталација, од типот на трите ајкули што ја „демнеа“ галијата?! Како и да е, веќе служи како брана и досега насобрала гума, дрвенарија, по некоја кеса, амбалажи... Насобира цела колекција работи што редовно пловат накај Егејот.

Понатаму накај Камени мост е друга приказна. Нема пристап до коритото. Целиот простор е ограден со тараби. Се спрема „Панорамското тркало“. Познато е дека ќе има дијаметар од 57 метри и ќе се извиши 73 метри од брегот на реката, со 30 кабини во форма на гондоли од 750 килограми. Осумнаесет милиони скапото тркало ќе има капацитет за 300 луѓе. Начелно се споменува како реквизитен и панорамски објект, меѓутоа, не е познато дали ќе се оствари идејата тоа да профункционира и како огромен вентилатор, со оглед на горливиот проблем на Скопје со аерозагадувањето. 

За потребите на тркалото е раскопана целата ширина на реката. Натрупана е со камења и разен градежен материјал. Започната е и примарната платформа за мостот. Тој ќе се протега под барокното МЕПСО и бродот-ресторан, од десниот брег на Вардар, па ќе се спојува од другата страна со плажата „Камен мост“, која патем веќе не постои.

Оваа плажа замина во историјата по само неколку лета, без можност да се развие идејата на градските власти да направат тропско-урбан амбиент крај река со четврти и петти степен на загадување на водата. Сепак, ваму-таму сè уште опстојуваат знаци со натпис „Забрането капење“. Целта е да се премислат и најупорните најекстремни капачи да не се фрлаат и прават „ласта“. Што е сигурно, сигурно!

Одиме до Камени мост. Тој претставува еден од најзначајните знаменитости, симболи на градот. Со тоа се согласува и „Википедија“, која и за паднатите од Марс потврдува дека ги поврзува плоштадот „Македонија“ и Старата скопска чаршија. Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата, која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во шести век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 година, во текот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од императорот Јустинијан Први. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед Втори Освојувачот, во периодот меѓу 1451 и 1469 година.

Императорот Јустинијан Први историјата го памети како најголем кодификатор на класичното римско право, а симболично доби и свој споменик покрај Вардар. И сега го чува Камени мост и реката што тече под него. Ги чува и водоскоците, од двете страни на мостот, кои требаше да прскаат високозагадена вода и да ги освежуваат минувачите од Камени мост. Требаше да бидат високи и по 20 метри, и да бидат осветлени во боите на виножитото, но ги „изеде“ забот на времето, иако поминаа едвај четири-пет години откако се изградени. Сега се само декорација, исто како и трите врби што дојдоа во пакет со „Скопје 2014“.

Овој проект буквално го смени личниот опис на градот. Досега чини над 640 милиони евра! Распослан е низ цело скопско подрачје, придружен со десетици споменици со апаратчиња против катиљ-птици, „барокни“ и ребарокизирани објекти, а со себе донесе и придружни забавно-туристички реквизити. Просторот-шеталиштето покрај Вардар горе е облагородено со вртелешка, вовче, а долу до коритото доолго време се натрупани огромни парчиња камења. Истовремено, раскопана е површинската земја и цели делови од минор- и мајор-коритото, сето во налетот на „Скопје 2014“.

Мостот на цивилизациите ги поврзува кејот кај ГТЦ, па од другата страна со барокниот Археолошки музеј/Уставен суд, чии подрумски простории пред извесен период беа поплавени. Некои тврдеа дека се тоа подземни води, од Вардар. Под мостот сега се дополнителни раскопани фрагменти од коритото, насекаде камења и каменчиња, обраснат дел со трева. Во Вардар ѕиркаат штици, како импровизација за насочување на водата. Просторот под пешачкиот мост е претворен и во јавен тоалет. Горе туристи прават „селфиња“ со бронзени скулптури на антички и пајонски кралеви, кнезови и благородници, а четири-пет метри одоздола е слободна зона за уринирање и графити-изразување! Сегмент од ѕидот под конструкцијата буквално позеленел. Mувлосал.

Не треба многу мудрување да се заклучи дека вечно траат градежните активности крај реката, уште кога почна изградбата на мостот „Око“ (сега Мост на цивилизациите) и Мостот на уметноста. Па, пешаците и велосипедистите како да се заложници на целиот градежен процес.

Шеталиштето покрај кејот, кое некогаш беше симбол на урбани приказни, всушност, веќе неколку години е претворено во слободна сообраќајна зона. Делот покрај ГТЦ остана узурпиран и окупиран. Сакале или не, ова е единственото пешачко, а од пред две-три години и коловозно решение да минете покрај кејот на потегот од „Холидеј ин“ до објектот на „Т-мобиле“ или плоштад „Македонија“. И тоа независно дали сте во автомобил, комби, на мотор, велосипед или на ролерки.

Всушност, зградата на новиот објект на „Т-мобиле“ (на местото на старата Народна банка) беше условена со изградба на подземна улица, која требаше на вработените да им овозможи сообраќаен пристап до објектот. Но откако инвеститорот почна да ја гради зградата, беа направени измени во ДУП „Мал ринг“ со кои подземната улица беше избришана на сметка на 320 метри од најпопуларниот дел од кејот на Вардар, кој се пренамени во надземна сервисна улица. Па, истовремено стана и јавен паркинг, пешачка зона, а поради градежните зафати крај Вардар - и велосипедска и ролерска патека. За „решавање“ на новоформираниот сообраќаен пристап единствено беше ставена рампа, со цел кејот да (о)стане пристапна улица за службени возила на Телеком.

Долу, на коритото на Вардар се планирани вкупно шест галии. Една е меѓу мостовите - „Виктори“, градена по оригиналот на англискиот воен брод на Кралската морнарица од пред два века. Таа е поставена меѓу барок-институции од лево, врбите и ископан дел од коритото. Има сопствена влезна платформа од некогашното шеталиште. Не беше поплавена кога се подигна водостојот на Вардар. На почетоков на месецов дел од медиумите објавија дека во оваа галија-хотел преноќиле, т.е. сефте направиле претседателот на Уставниот суд на Албанија и уште неколку уставни судии и секретарот на судот, кои добиле можност вистински да го доживеат „Скопје 2014“. Не се дозна како си поминале.

По неа доаѓа Мостот на уметноста. И тука туристи прават „селфи“ со бронзени ликови од македонската уметничка сцена, а под мостот градежните ораници со време создале мини полуостровчиња со вода од Вардар. Паркиран е багер. Не се знае од кога. Ѕидната конструкција е поцрнета. Некој очигледно зимата се греел, запалил оган, a на два метри до него има кутија со инсталација за струја, на која пишува „Внимание“. Од тогаш изгорениот ѕид само му дава дополнителен шмек на овој запуштен и руиниран простор.

Индиферентниот третман кон кејот го доловуваат и десетици пластични амбалажи и разно ѓубре. Овде веќе подолго време се гради уште една галија, веднаш до мостот - „Слобода“ (меѓу МНР и „Холидеј ин“). Под него расфрлано ѓубре, а на горниот дел уште врз оградата стојат боите од „Шарената револуција“. Во изминативе години тој беше доста актуелен, врзан со контроверзии, особено што новоуредената ограда со сите елементи, релјефи и фигурите досега голтна околу 1,4 милиони евра, иако неофицијално се споменуваат и повисоки суми. Стилската скапа ограда претставува своевидно учество на Градот Скопје во проектот „Скопје 2014“.

На оградата се извишуваат ангели со крилја - серафими. Некој би ги споредил со огромната статуа од градот Мирин, каде што владее Денерис Таргериен од „Игра на престолите“. Денерис во серијалот ослободува од робомислителство, како врежан елемент од една историско-владетелска епоха. Ова, за момент, дава мала инспиративна нишка во целиот овој барокно-историско натрупан простор крај Вардар.

Но откако ќе издишете, моментот како да го снемува. Ветрее. Видокругот е зачинет со поглед кон палморедот пред МНР. Засадените палми од плажата „Камен мост “ едно време се исушија, бидејќи беа нестручно засадени. Па, ЈП „Паркови и зеленило“ интервенираше, успеа да ги спаси тропските растенија, за потоа да добие налог и да ги пресади на кејот пред МНР. Уште се таму. Ја симболизираат земјата на палмите.

Во далечина се слуша класична музика за минувачите на барокизираниот простор меѓу МНР, Јавното обвинителство и Археолошкиот музеј. Ова сега се вика плоштад „Мајка Тереза“. И се забележуваат повеќе статуи отколку луѓе.


Бојан Шашевски

 

 

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок.

повеќе

Кога ќе се каже Западна Европа, во Македонија се мисли дека се работи за место каде што царува сознанието.

повеќе

Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. 

повеќе