„Бруталното замолчување на гласот на синдикалното движење е одлика на исплашен систем, кој масовно ги крши правата. Ваквата одлука е спротивна на моите уверувања како претседател на Совет на Град Скопје, а верувам дека е спротивна и на огромното мнозинство советници чиј интегритет и заштита на верувањата се во преден план. Тоа не е начинот на кој градот треба да се води, преку газење на слободата и правата на другите, колку и тие да се различни и спротивни.
Колку и да е тажно, ова буди асоцијации на некои од најмрачните времиња од историјата на ХХ-тиот век. На 2 мај 1933 година беа окупирани канцелариите на синдикатите во Германија, беа конфискувани нивните средства и синдикатите беа официјално укинати, а нивните лидери уапсени. Голем број синдикални лидери беа претепани и испратени во концентрациони кампови, вклучително и такви кои претходно се беа согласиле на соработка со нацистите.
Погазувањето на синдикалните права на работниците заслужува најостра осуда! Тоа е нешто во што силно верувам“, напиша Славески.
Марјанче Митовски, в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје вчера потпишал решение за отказ за претседателот на синдикалната организација на ова претпријатие Стојанче Кашиковски, кој најавува тужба. За неговиот случај алармираше и најголемиот Синдикат во Македонија, ССМ, од каде предупредија дека тој е отпуштен незаконски.
Во ова јавно претрпијатие во изминатиот период имаше голем број на проблеми на кои реагираше Кашиковски.
„Согласно Закон и колективен договор на претседателот на синдикат не може да му се даде отказ, особено поради тоа што во моментот се спроведува постапка за штрајк и ваквиот притисок е порака за работниците да бидат послушници на Митовски, кој веќе и им испраќаше и заканувачки пораки на сите работници кои сега се остваруваат и покрај предупредувањето од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ што беше и едно од главните барања за разрешување на в.д директорот“, реагираат од ССМ.
Синдикатот бара итна седница на Управниот одбор кој како второстепен орган во претпријатието е надлежен да одлучува по приговори и жалби и да се укине решението за изрекување на дисциплинска мерка – престанок на работен однос. Од Управниот одбор бараат да утврди и зошто Митовски не ги спроведува нивните одлуки.