Неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ е единствената причина за колапсот што му се случува на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, изјави денеска Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје.
„Ова е документ, дел од склучениот договор за гориво за потребите на ЈСП. 14,5 милиони литри дизел гориво ЈСП ќе набавува по цена од 100 денари за литар плус 18 отсто ДДВ, односно за 118 денари за литар. Вредноста на договорот е 1,71 милијарда денари со ДДВ или скоро 30 милиони евра. Цената на дизел горивото, денеска изнесува 86,5 денари за литар, а дневната потрошувачка на гориво на ЈСП е помеѓу 25 и 28 тони. ЈСП дневно прави загуби од 1.000.000 денари или месечно околу 500.000 евра. Ова е класичен пример како се испумпуваат пари од граѓаните и пример како јавното претпријатие влегува во загуба. Каде завршува разликата од реалната цена и цената утврдена во Договорот која е далеку повисока? Одговорност за овој класичен пример на расипничко трошење на народните пари треба да понесе Управниот одбор, чии членови се главно активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Шутаров.
Кадар на СДС, поставен од Арсовска го потпиша тендерот во четири очи за набавката на гориво за 118 денари по литар, одговори ВМРО-ДПМНЕ.
„Директорот на ЈСП е кадар на СДС. За тоа сведочат и фотографиите на Александар Стојковски во штабот на СДС. Стојковски е кадар на Ковачевски и Зечевиќ назначен од Арсовска. Тоа е тајната коалиција СДС – Арсовска. Кадарот на СДС Стојковски го потпиша тендерот од 27 милиони евра. Токму ваквите матни зделки со СДС и криминогеноста на Арсовска беше една од причините за повлекување на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за Арсовска“, одговори ВМРО-ДПМНЕ.
Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ, партија која е дел од владеачката коалиција со СДСМ, е сопственик на Пуцко петрол. Оваа компанија за време на владеењето на ДУИ е редовен добитник на тендерите за нафтени деривати за министерствата и државните претпријатија.