А завива ли, завива тоа сирената на итната помош. Останува надежта дека болниот издржал до болницата.
Е кога веќе си избрал да излезеш од под јорганот, најмалку ќе згрешиш ако тргнеш пеш. Ако можeш да доодиш до кај што треба да стигнеш. Пешаците во Скопје се најбрзите учесници во сообраќајот. Тие се пробиваат и таму каде што не поминуваат не „сканија“, не комби, не „бмв“, не „смартче“, не па „кавасаки“, ниту старото „томовче“. Скопје, пешачкиот рај!
Ама, ако треба да стигнам од Ново Лисиче до Карпош, најдобра опција не ми е „пешачката“ да ја фатам, туку под јорганот да останам.
А точакот? А зима е? Е ај да го активираме тоа двотркалско чудо.
И тргнуваш. Добро завиткан со капа и шал. И гледаш како зад задниот калник ги оставаш сите камиони, автобуси, комбиња, автомобили. И немоќно те гледаат зашто немаат шанса да те тркаат. Праќаат само чадни сигнали од ауспусите дека во секој момент би можеле да стартуваат и да развијат стотка. Ама не ќе можат ова утро.
Ауспуси? Чад? Јаглерод моноксид, диоксид, сулфури, олово, цел Менделеев систем во воздухот! Брцаш во џебот и ја пронаоѓаш маската што останала подзаборавена, зашто, нели, ковид-19 и нема повеќе. Нема барем зашто повеќе не се испраќаат до медиумите ниту дневни, ниту неделни извештаи, за болни, за починати. Кому му е сега да мисли на короната. Корона или чад од ауспуси? Ама избор...
И така. Со маска преку носот и устата, со капа и шал, завиткан во дебела јакна под која си почнал и да се запотуваш иако студи (ех, кондицијата останала под јорганот и на седиштата од автомобилот и од автобусите на ЈСП и на приватните превозници).
Си правиш паузи и фотографираш со мобилниот телефон. Туѓа мака. А за да ја направиш оваа несекојдневна приказна во која всушност не си главниот јунак.
Јунаци се разните власти што ги има низ Скопјево и земјава. Јунаци на јазик. Јунаци надлежни и ненадлежни, знајни и незнајни. И потоа, кога ќе го паркираш точакот, ќе ги чекаш нивните изјави за тоа што понатаму.
За тоа време, карваните од коли си лазат, пешаците се пробиваат, точаците возат, тротинетите летаат низ облачниот град, полицајците си прават муабет на оние три големи, ама утрово тивки крстосници, каде што од 6 часот спијат паркираните автобуси.
За назад до дома, веројатно иста „песна“.
П. Џамбазоски
П.С. Вика колега од работа, а бе јас бев со точак. Е, ако де... некој мора и под јорган да остане...
Ех, вечно Скопје!