Неисчистените оџаци причина за пожари, на последниот повик се пријавиле само шест кандидати за оџачари

Во услови на енергетска криза кога поради недостиг или висока цена на енергенсите се бараат алтернативни начини за затоплување на домовите, се очекува грејна сезона во која ќе се користи секаков вид огревен материјал што ја зголемува можноста од појава на пожари. Дополнителен предизвик се неисчистените оџаци и несоодветното користење на ложиштата.

Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје очекуваат зголемување на бројот на интервенции на затворен простор. Во изјава за МИА, командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Ѕвонко Томески апелира да не се импровизира, да се внимава при ракувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.

„Се уште владеат благи временски услови и немаме интензивно греење на домовите, но очекуваме дека ќе има зголемување на бројот на интервенции особено на пожари на ложишта и димоводни канали. Апелираме навреме, додека се уште не е интензивно загревањето на домовите, да се исчистат димоводните канали и да не се оставаат запаливи материи и непотребна количина на огревен материјал околу печката за греење“, вели Томески.

Бројот на интервенции на противпожарната служба во главниот град засега се движи во рамки на годишниот просек (1.200 на годишно ниво), но забележително е зголемување на бројот на пожари на затворен простор кои, како што посочува Томески, опфаќаат повеќе од две-третини од вкупниот број на пожари.

„Во 99 проценти од случаите, причина за пожарите е човечкиот фактор. Апелираме сите недостатоци да се отстранат што е можно поскоро бидејќи имајќи предвид дека е енергетска криза очекуваме грејна сезона во која ќе се гори се и сешто. Луѓето ќе се обидуваат да се затоплат“, вели Томески.

На последниот јавен повик за обука на оџачари пријавени само шест кандидати.

Со оглед на тоа дека според најавите не очекува најтешката зима во изминатите години и дека ќе се гори секаков запалив материјал за да се загреат домовите, МИА побара одговор од Град Скопје колку лица досега се обучени од јавните повици за оџачари што градот ги спроведуваше изминатите години.

Оттаму не информираа дека досега се обучени 25 оџачари, а на последниот повик пријавени се само шест кандидати за кои обуката е во тек со што вкупниот број би се искачил на 31.

„Град Скопје годинава во соработка со збратимениот Град Нирнберг, финансиски поддржан од Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија во тек е дополнителна обука на шест кандидати за оџачари во СУГС "Здравко Цветковски" во Скопје и пракса во соработка со искусни оџачари од Германија. Во последните две недели од месец ноември се спроведува пракса во Центарот за обука на оџачари во Милбах, Германија по што ќе следи пракса на терен преку споделување на искуства од оџачарски претпријатија во Херсбрук, Германија“, велат од Град Скопје за МИА.

Во тек е и јавниот повик од Градот за користење на субвенции за годишно одржување и чистење на оџаците. Од 22 јуни кога беше објавен повикот досега доставени се над 250 барања. Можноста за аплицирање трае до 30 овој месец, а субвенциите се однесуваат на жителите на град Скопје односно од оштините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај.

 

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе