Улицата „Козара“ и онака е позната по урбанистичкиот хаос предизвикан од решенијата за градба издадени од општината, а сега згора на тоа им се заканува и поплава при можен уште еден пороен дожд. Заедно со асфалтот мајсторите покриле сѐ - сите решетки и шахти за одвод. По реакцијата на жителите, мајсторите се обиделе да откопаат по некоја шахта и одвод, ама сега тие се затнати и полни со асфалт. На првиот дожд Козара ја чека истото што и остатокот од Скопје, предупредуваат жителите.
На терен излезе и градоначалникот Горан Герасимовски и општинските служби кои вршеа чистење на сливниците.
Герасимовски вети дека општината ќе биде строга и ригорозна со казнување доколку во иднина повторно се случат недоследности во работата на изведувачите како затрупувањето на шахтите во овој случај. Следува подигање и нивелирање на сливниците, шахтите и капаците за водовод, вети градоначалникот.
Недалеку од таму, на улицата „Петар Поп Арсов“ неодамна исто така беше завршено асфалтирањето, а и таму жителите забележаа дека со новиот асфалт дојде и до затнување на одводите од олуците на зградите.
А.Д.