Интервју со експретседателката на Советот на општина Центар

Јана Белчева: Немам намера повеќе да ставам потписи на одлуки што се спротивни на моите принципи

Влезе во политиката со многу елан, енергија, верба дека конечно граѓанинот е тој што може да ги менува работите однатре. Од граѓанска активистка, стана претседателка на Советот на општина Центар. Се бореше за Дебар Маало, за Центар, за Треска, за зеленилото, за пешаците, за децата, а нејзино дело беше и мораториумот за градење во Центар. Неполни три години потоа разочарано излегува од политиката. Групната хармонија во општина Центар е над независноста на мислата, таа се потхранува и со неа се тргува, нема идеологија, туку е со друга поларизација, вели Јана Белчева-Андреевска истиот ден кога и ја поднесе оставката на функцијата.

Претседателка на Советот станавте како граѓанска активистка, како член на здружението „Во одбрана на Дебар Маало“. Успеавте ли да го одбраните Дебар Маало? 

- Морам да ве коригирам. Нашата платформа беше проширена во Одбрана на Центар, или Здравјето пред профитот. Така, и полето за дејствување беше проширено. 

Планот за Дебар Маало е стопиран, ќе се работи нова документациона основа за да се планира врз точни и ажурни податоци. Тоа е барем успех, зашто предвиденото решение што беше изработено драматично ќе ја влошеше ситуацијата во овој кварт. Нашата иницијатива успеа да разгледа и да оспори, да стопира или да врати на разгледување безброј планови за општина Центар, а не само за Дебар Маало. Со тоа секако сакавме целата територија на општината да биде похумано место за живеење.

Но деновиве Дебар Маало покажа дека може да биде спокојно и убаво место за живеење, за жал нормално во ненормална ситуација на криза. Природата како да се регенерираше, бучавата од кафеани и автомобили ја снема, а се слушнаа птиците, кои можеби биле тука, но нивниот звук бил заглушен. Дебар Маало деновиве стана кварт на велосипеди и пешаци, а не на дивеење со автомобили и мотори. Се надевам дека ќе се случат промени со поуки од оваа криза и дека нема да продолжиме со она за кое сме увиделе дека е погрешно, но е решливо и надминливо.

Како жителка на општина Центар и како активистка отсекогаш бевте на страната на заштитата на интересите на граѓаните, на децата, на дизајнирање на градот според интересите на жителите, а не на урбаната мафија. Отидовте и на другата страна, од страната на тие што одлучуваат за урбанистичките планови, и останавте со истите принципи. Што е тоа урбана мафија? Со какви проблеми со соочивте?

- За мене спрегите што постојат и со кои се работи во корист на малкумина, оставајќи многумина погодени и оштетени, се нечесни, непринципиелни, штетни, па ако сакате и мафијашки.

Но мојата борба не беше само и единствено таа борба.

Се борев за принципи со кои одлуките ќе се базираат на податоци и анализи, се стремев кон отвореност и транспарентност, кон вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки, кон контролирана распределба на приходите и расходите, кон мерливи параметри за следење на резултатите.

Сите Ваши залагања за општина Центар, за Скопје, станаа дел од програмата на власта. Зошто се повлековте?

- Моето повлекување е поради непремостливи разлики што ги имам со актуелното мнозинство и раководство на Општината, а особено со градоначалникот. Се повлекувам бидејќи она што го договаравме и што беше прифатено и договорено како заедничка платформа во изборна програма се заборава и целосно се игнорира. 

За жал, општина Центар е локална самоуправа без стратегија, без јасни цели и со измешани приоритети. Резултатите од ваквото работење не може да бидат квалитетни. Со еден искрен поглед кон реалните состојби, сакам да апелирам дека промените се можни, но само со одговорни, професионални, совесни и свесни лидери што имаат јасна цел, знаење и храброст за промени.

Жал ми е да признаам дека состојбите не се такви, дека моите напори најчесто се сосема залудни и не даваат резултат за граѓаните на општина Центар да добијат квалитетни услуги и напредок. Зад мојата номинација застанаа граѓани пред кои се чувствувам одговорна, кои секојдневно апелираат, а на кои немам никаков одговор да им понудам. Платформата „Здравје пред профит“ остана листа на ДЕЛУМНО неисполнети ветувања.

Спорни ми беа многу одлуки за кои пишував издвоени мислења и се оградував од мнозинството, од финансирањето на КК Работнички, од бројот на децата што е дозволено да се запишуваат во градинките, од програмите за работа по најважните сектори, од извештаите на училиштата, доделувањето финансиски поддршки на поединци, од буџетот...

Но последна капка беше и денешната седница, која беше продолжена без мене и дел од непосакувани советници, без учество на граѓаните и надвор од препораките на Владата за одржување на е-Совет.

Трансформации кон подобро се можни ако има мнозинство што за нив се залага, но не сакам да сум со мнозинство што нема капацитет ниту волја за размислување, за идеи, прашања, дебати, критички информации. Најмалку сакам да бидам покритие, параван за соработка што не постои.

СДСМ кога беше опозициска партија беше близок со невладиниот сектор, со граѓанските здруженија... Што се случи сега од позиција на власт?

- Не сакам да верувам дека политиката што ја води локалната власт е политика на СДСМ. Ова што се случува во Центар не е за изедначување со политиките и идеологијата на социјалдемократијата, во која и јас единствено верувам. Не е ниту репрезент на политичка идеологија.

Како што пишав: Донесувањето лоши одлуки е најчесто случај ако се преферира групна хармонија над независноста на мислата, над аргументите и анализираните достапни информации. Групната хармонијата во Центар се потхранува и со неа се тргува, а тоа води кон неефективно донесување одлуки. Таа групна хармонија во Центар не е партиска, нема идеологија, туку е со друга поларизација, па затоа се случуваат екстремни, ризични, конзервативни или назадни решенија. Приклонувањето кон таква групна хармонија значи и лично помирување дека понапредни, поразумни или стручно/научно сугерирани одлуки се невозможни. Советот, листата на луѓе составена во партиите за да ги претставува граѓанските интереси и да ја насочува работата на Општинската администрација и градоначалникот, одговорно тврдам дека не успева во претпоставената улога. Со чесни исклучоци, тоа е само листа на партиски членови што не покажуваат ниту интерес ниту волја да придонесат кон напредок. Граѓаните сепак заслужуваат поинакво ниво на луѓе да бидат нивен репрезент. Со чест на исклучоци, но неукоста, неодговорноста, немањето желба за промени и повторно фокусирајќи се само и единствено на лични интереси, не смее и не може да биде избор на луѓе што ја водат општината Центар. Поразителни се впечатоците на граѓаните што имале прилика да присуствуваат на седница на Советот. Очигледно е немањето желба за сериозна дискусија, аргументирана расправа, анализа и залагање, кои би придонеле за донесување поквалитетни одлуки. 

Што мислите, како ќе завршат сите тие граѓански иницијативи за општина Центар, за фабриката Треска, за висините на објектите, за законските норми за одреден процент на зеленило...?

- Одлуките за просторот се многу комплексни, бараат стручност, аналитика, ажурирани податоци, мултидисциплинарен приод, транспарентност, граѓанска партиципативност. И тие одлуки не зависат само и единствено од една институција, туку се спрега на институции и закони. Одлуките за просторот се поврзани со трошоци, со програми и со спецификации што треба да ги изработат стручните служби на општината.

Но ако Програмата за урбано планирање чини помалку од 1% од вкупниот буџет на општината, а се очекува уредувањето на просторот да донесе над 50% приход во буџетот, многу нешта изгледаат нелогично. Помалку од 1% значи помалку отколку за енергетска ефикасност на фасади на колективни згради, помалку од изградба на монтажен паркинг и далеку помалку од парите предвидени за спорт.

Амандманска расправа не се сакаше при носењето на буџетот, па така остана реализација на програми за 2020 што не се никако поврзани со барањата од платформата на „Здравје пред профит“.

А на барањата на граѓаните многу често не се одговараше, но не се одговараше ниту на моите дописи и барања за информации, од градоначалникот добивав игнорантен однос. Кога побарав Советот да разговара за прашања и претставки добиени од граѓаните, се бараше таа точка да не биде на дневен ред. Ете така завршуваа моите иницијативи, а онаа за Треска ќе се види по резултатот.

И покрај толкавата посветеност, желба и верба дека нештата може да се променат, сега се повлековте. Толку ли е сè безнадежно во тој бирократски апарат на испреплетени интереси на бизнисот и политиката? Или има трошка надеж?

- Нема простор да се дејствува во општина каде што во групна хармонија, мнозинството е со целосно спротивни определби и принципи на моите. Јас не можам да се приклонам кон група во која мнозинството не е спремно за прогрес, не сакам да сум во мнозинство што лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или комфор, не сакам да сум дел од тим без желба за транспарентност, споделување, но и знаење и информации потребни за да донесат одлуки. Не сакам да сум со мнозинство што нема капацитет ниту волја за размислување, за идеи, прашања, дебати, критички информации. Немам намера повеќе да ставам потписи на одлуки што се спротивни на моите разбирања и принципи, ниту да бидам покритие за соработка со граѓанскиот сектор.

Надеж има ако граѓаните гласаат за личности, а не за листи, ако имаат, како што и предвидува Законот, листи на кои ќе има докажани и искусни професионалци, интелектуалци, ликови со неоспорлив интегритет и принципи. 

Си оставате ли простор за уште еден ваков (некаков) политички ангажман, да не кажам екскурзија?

- Во општината не влегов за титула, ниту за политичка кариера, ниту за личен бенефит или интереси. Искрено верував дека на локално ниво можам да придонесам со капка во морето од промени што ќе следуваат, ја прифатив понудата само и единствено сакајќи да покажеме дека може и поинаку и дека навистина има можност да се живее со повеќе достоинство, поспокојно, побезбедно, поумно и поурбано.

А.Д.

Објавено

Понеделник, Мај 4, 2020 - 22:31

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе

Како Босна и Херцеговина се справи и се уште се справува со кризата предизвикана од пандемијата? Зошто немавме единствен кризен штаб на ниво на држава? 

повеќе