По вчерашниот прекин на проектот за автобуско метро

И во студијата на сообраќајните инженери од Битола има многу резерви за проектот БРТ за Скопје

Во рецензијата на проектот за брз автобуски систем (автобуско метро) во Скопје за трасата Ѓорче Петров – Ново Лисиче (запад-исток) на фирмата 24 ИНГ од Битола назначени се бројни слабости на сообраќајните решенија за кои се неопходни дополнителни сообраќајни проекти  и изградба на нов мост на реката Вардар кои ќе имаат нови финансиски импликации, а не се предвидени во прифатениот проект од 70 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој. 

Вчера градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска реши да ја прекине тендерската постапка за изградба на проектот БРТ, брз автобуски систем.

„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, соопштија вчера во Град Скопје.

Во документот на компанијата 24 ИНГ од Битола изработен во декември 2020 година има бројни замерки на замислениот проект. Сообраќајните инженери од оваа компанија на одговорните на Град Скопје пред една година им ја презентирале оваа студија во која има навистина бројни недоследности за оправданоста на еден ваков проект.

Од нашиот увид во оваа студија, за реализација на автобуското метро неопходна ќе биде изградба на нов мост на реката Вардар на местото на постоечкиот мост „Обединети нации“ што ги спојува населбите Карпош 4 и Влае. „Мостот ‘Обединети нации’ е основната врска запад – исток. Овој мост не може да обезбеди доволен попречен профил кој би ги задоволил сообраќајните потреби и резервирана траса за БАС. Треба да се гради нов мост што е сериозна задача и од финансиска и од гледна точка на попречување на нормалниот живот во текот на изградбата“, пишува во студијата.

Бројни се проблемите што би произлегле од спроведувањето на овој проект: дополнителни возачки вештини на шоферите заради променети околности на функционирање, проблеми со пристапот, застанувањето на БАС станиците, со експлоатацијата на 16 и 24 метарските возила, нема бекап систем за напојување на сигнализираните крстосници, на се предвидени ситуации во случај на вонредни околности (сообраќајки, протести, временски неприлики, потребно е зајакнување на ресурсите на превозниците – инженери, квалификувани мајстори, менаџери за квалитетно одржување на БАС возниот парк..., пишува во студијата.

Поставено е и прашањето на заштитата на скапата софистицирана опрема што треба да биде инсталирана по станиците - влезни излезни капии, вендор машини за издавање/надополнување билети, информативни дисплеи, осветлување, клупи... „чие оштетување би довело до сериозни проблеми во самото функционирање на системот и до значајни дополнителни трошоци“. Поставено е и прашањето за одржување на возилата како проблем – резервни делови, навремени тендери...

Што ако се затвори дел од трасата заради вонредни околности?

Во случај на протести или други манифестации пред Собранието не се обезбедени можностите за алтернативна рута, а и тие се многу лимитирани, забележале сообраќајните инженери од Битола.

„Овој проект бара старт на два други независни проекти за оптимизација на мрежата за отстранување на ризиците... Докомплетирање на сообраќајната мрежа низ центарот на градот, булеварот ‘Македонија’, меѓу булеварот ‘Свети Климент Охридски’ и Тутунски комбинат (Лимак)... Во Аеродром, пред почетокот на функционирањето на БАС, неопходно ќе биде продолжување на булеварот ‘АСНОМ’, конекција со булеварот ‘Гоце Делчев’ пред почетокот на функционирање на БАС.

…За целосна реализација на предностите на БАС недостасува сообраќајна врска на депото/терминусот во Ново Лисиче со источниот влез во градот Скопје, односно булеварот ‘Александар Македонски’. Ова е сериозна пречка за примена на концептот ‘парк анд рајд’. …Поврзувањето со меѓуградски патен и железнички сообраќај е доведен во прашање заради градежни проблеми пoврзани со постоење на подземни тунели и прашања за носивост на коловозот…

…Постојната состојба со сообраќајната мрежа во Скопје не дозволува обезбедување на заштитени две БАС сообраќајни ленти по насока што би овозможило обиколување во случај на дефект и препрека на БАС лентите.

...Поставувањето на трасата на БАС на главниот коридор исток-запад повеќе ќе ги истакне недостатоците на постојната сообраќајна мрежа бидејќи се одзема по една сообраќајна лента во секоја насока.

Од булеварот ‘Партизански одреди’ се одзема по една сообраќајна лента за секоја насока. …Неопходно е продолжување на булеварот ‘Илинден’ со нов мост на Вардар и негово поврзување со западниот дел од сообраќајната мрежа“.

Освен ова, регистрирани се и бројни пречки во Законот за јавни патишта, како на пример забрана за поставување и градење на какви било објекти  освен сигнализација и сообраќајна опрема на разделните острови и разделното зеленило на улиците, патиштата и крстосниците... Ова подразбира и неопходни законски измени и дополнувања“, пишува во студијата.

Освен сите овие забелешки, од Град Скопје главните забелешки се однесуваат на уништувањето на средишното зеленило на булеварите „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандаски“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Кочо Рацин“ и „Партизански одреди“. Патниците треба да поминуваат три ленти за да стигнат до автобускта постојка или при излегување од автобусот да го поминат булеварот, а не како сега директно од автобусот да се најдат на пешачка зона. Главната водоводна цевка со дијаметар од Ф 1.600 мм од која со вода се снабдуваат општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром , Гази Баба, Кисела Вода, Драчево, Зелениково и Студеничани се наоѓа на 2 метри длабочина во средишната зона на булеварот „Партизански одреди“ така што и најмали осцилации може да имаат фатални последици, а средишната зелена површина претставува заштитна зона на вододната цевка, велат од новата администрација на Град Скопје.

А.Д.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе