„Во законска постапка ја преземаме целокупната база на податоци потребна за изработка, достава и наплата на фактурите, вклучително и личните податоци за потрошувачите (субјекти на лични податоци) на централниот систем за греење и/или сопствениците на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти лоцирани на подрачјето на општините: Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир во градот Скопје,“ соопшти денеска „ЕСМ Снабдување со топлина".
Правниот основ за преземање на целокупната база на податоци вклучително и личните податоци за потрошувачите потребни за вршење на дејноста снабдување со топлинска енергија произлегува од обврската за вршење јавна услуга согласно Законот за енергетика како и Одлуката за давање лиценца за вршење на дејност снабдување со топлинска енергија на друштвото „ЕСМ Снабдување со топлина" ДООЕЛ Скопје. Целта е обезбедување континуитет односно непрекинато вршење на енергетската дејност и заштита на јавниот интерес.
„ЕСМ Снабдување со топлина" најавува дека во иднина ќе биде контролор на личните податоци на потрошувачите. Ќе ги обработува согласно важечките законски прописи и Законот за заштита на лични податоци, за што, како што укажува, потрошувачите на топлинска енергија- субјекти на личните податоци ги имаат сите права пропишани со Законот за заштита на лични податоци во однос на обработката на нивните лични податоци.