По којзнае кој пат се реконструира булеварот „Кузман Јосифовски-Питу" на потегот од Железничка станица до Народната банка, што е главната градска сообраќајница за жителите на Аеродром. Метежот во утринските часови допира некогаш до после „Скопјанка“. Голем број возачи избираат кон Центар да одат преку „Монополот“, па и таму се соочуваат со метеж.
А еднонасочниот булевар од „Макпетрол“ кон некогашната НИП „Нова Македонија“ е секогаш наутро во сообраќаен метеж, но тој сега е продолжен и по НИП-от, зашто кракот на „Теодосиј Гологанов“ што минува крај Клубот на пратениците, веќе подолго време се реконструира.
Се реконструираат и други сообраќајници, како на пример во Кисела Вода, кон „Шампионче“
Градските власти очекуваат двете фреквентни сообраќајници во Центар да бидат завршени по Нова година, а зошто токму сега се реконстрираат, велат - поради дотраеност, заради поголема безбедност и на барање на граѓаните.
Крајниот рок на изведба на двата проекти кои се штотуку започнати, е на почетокот од следната година, велат од Град Скопје.
Реконструкцијата на улицата „Теодосиј Гологанов" опфаќа градежни активности на коловозот од 5.350 квадратни метри, велосипедската патека и тротоарите од 4.500 квадратни метри, нови рабници, нова фекална канализација, изведба на нова водоводна мрежа и ново улично осветлување со лед светилки. Реконструкцијата чини 43 милиони денари, а градежните работи ги изведува фирмата „Бауер".
За реконструкцијата на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу" кај Народна банка, нема информација . На овој булевар неколкупати во минатото се правеше реконструкција, но асфалтот остана оштетен. До моментот на објавување на веста, од Град Скопје не стигна одговор за деталите поврзани со реконструкцијата на оваа улица.