Реакција

АД ГТЦ ги демантира тврдењата на дуќанџиите

Тврдењата на Здружението на граѓани сопственици на дуќани ГТЦ 1973 објавени на МКД.мк под наслов „Сите знаат дека АД ГТЦ работи без лиценци и сите молчат“ не се точни и се насочени кон омаловажување на угледот на АД ГТЦ и повреда на честа и угледот на извршниот директор лично, се вели во демантот испратен до редакцијата потпишан од извршниот директор на АД ГТЦ Ѓоко Трајчевски.

Неговото барање за објавување на демантот го објавуваме во целост:

„Според членовите на здружението, АД ГТЦ нелегално им рефактурира на дуќанџиите во ГТЦ многу поскапа струја, вода и топлинска енергија и иако тоа сите го знаеле, никој не преземал ништо. Понатаму, се истакнува дека постоел очигледен криминал со кражба на струја од ГТЦ, а дозволен од АД ГТЦ на сметка на дуќанџиите кој останал неразјаснет и затворањето на овој скандал во јавноста се поврзувал со политичка одлука.

Исто така, во оваа статија даваат појаснување дека РКЕ официјално вели дека АД ГТЦ нема лиценци за препродажба на струја, вода и топлинска енергија, дека оваа ситуација е недозволива, ама едноставно нема кој да го натера раководството на АД ГТЦ на чело со Ѓоко Трајчевски да се преземе нешто за да целата оваа долгогодишна нелегална работа влезе во некои нормални текови. Во исто време, констатирано е во оваа статија, дека директорот Ѓоко Трајчевски упорно не го реализира единственото решение ГТЦ да стане затворен дистрибутивен систем и да побара дозвола за тоа, по што РКЕ би ги издала потребните лиценци.

Ваквите тврдења не само што не се точни, туку се насочени и кон омаловажување на угледот на АД ГТЦ Скопје и повреда на честа и угледоит на извршниот директор лично.

Имено, не е точно дека АД ГТЦ Скопје нелегално им рефактурира на дуќанџите во ГТЦ многу поскапа струја, вода и топлинска енергија, туку рефактурирањето се врши согласно склучените договори, сразмерно на површините  кои ги имаат сопствениците на дел од деловен простор во ГТЦ и потрошената количина на струја, вода и топлинска енергија. Впрочем, неприфатливо е да се користи зборот нелегално, од причина што не постои ниту еден единствен доказ од кој би произлегле такви индиции, а најмалку некој од надлежните органи и судови утврдил таква работа.

Апсолутно неприфатливо е и тврдењето за некаков очигледен криминал за кражба на струја во ГТЦ, а дозволен од АД ГТЦ, од причини што криминал не може да биде очигледен, туку единствено докажан во соодветна постапка, што во конкретниот случај не постои. Од битно влијание е да се напомене дека јас како директор ниту сум донел политичка одлука за затворањето на кој било евентуален скандал, ни пак сум бил во можност таква работа да направам, туку оставам надлежните институции и органи слободно да ги вршат сите потребни дејства без какви било пристисоци или евентуално мои вмешувања од причина што како извршен директор на АД ГТЦ  Скопје, моја единствена цел е унапредување на работата на друштвото.

Посебно се неточни тврдењата дека официјален став на РКЕ е дека АД ГТЦ нема лиценци за препродажба на струја, вода и топлинска енергија и дека оваа ситуација е недозволива, а немало кој да го натера раководството и директророт Ѓоко Трајчевски да преземат нешто. Имено, вистината е дека РКЕ укажува дека АД ГТЦ  формално правно ги има регулирано ондосите со крајните потрошувачи преклу склучените договори за користење и одржување на заедничките делови и функции на ГТЦ, а со оглед дека не станува збор за затворен систем, вакви лиценци не се потребни. Посебно важно е дека не постојат услови ГТЦ од отворен да стане затворен дистрибутивен систем и тоа не претставува моја лична желба, како директор на АД ГТЦ, како што сте го претставиле во објавената статија, туку напротив тоа е фактичка состојба  на која јас како директор не можам да имам какво било влијание.

Преку објавените навреди и клевети на Здружението на граѓани сопственици на дуќани ГТЦ 1973, вашиот медиум ги прекрши етичките вредности и професионалните стандарди на чесност, објективност и веродостојност при пренесување на информациите.

Ѓоко Трајчевски, извршен директор ГТЦ АД – Скопје

 

х х х х х х

Во врска со серијата написи за проблемите во работењето на Градскиот трговски центар во Скопје објавувани во последниот период на МКД.мк, редакцијата во неколку наврати се обиде да контактира со одговорните лица на АД ГТЦ, но без успех. Ова писмо на директорот Трајчевски е прв наш официјален контакт. Како новинари за проблемите во ГТЦ во секое време остануваме отворени за комуникација со раководството на АД ГТЦ.

Редакција на порталот МКД.мк

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе