Т-портал

Шест клучни прашања зад кулисите на уличната војна во Куманово

Контрадикторната и непроодна шума од информации што ги преплави регионалните медиуми за време на конфликтот во македонско Куманово доведе до низа неодговорени прашања, кои ја мачат јавноста ден по завршувањето на полициската акција во која вкупно загинаа 22 лица. Се обидуваме да заклучиме што всушност се случило и каква е врската на овој конфликт со актуелната политичка криза во Македонија, пишува Бојан Стилин за хрватски Т-портал.

Каква е официјалната верзија на настаните и кој е поширокиот контекст?

Македонската полиција за време на викендот во кумановската населба Диво Насеље спроведе акција во траење од речиси ден и пол, во која разби терористичка група составена од 50 до 70 искусни „кучиња на војната“, од кои 30 ѝ се предале на полицијата.

Станува збор претежно за припадници на албанските паравоени сили, кои во земјата се инфилтрирале од Косово, а премиерот Никола Груевски тврди дека некои од нив учествувале во низа судири во регионот и надвор од него. Власта тврди дека планирале да извршат напади врз државни институции, трговски центри и спортски настани, но и еден ден по завршувањето на операцијата, во која смртно настрадаа 8 полицајци и 14 терористи, не е јасно кога, како и зошто тие напади требало да се случат.

Исто така, иако власта демантира постоење на цивилни жртви, во одделни извештаи од теренот станувало збор и за загуби меѓу населението. Немирите се случиле во екот на политичката криза во земјата на улиците на чиј главен град повеќе илјади луѓе бараат оставка од конзервативната влада поради корумпираната, скандалозна и пред сѐ нехумана содржина на снимките од разговори на високи државни функционери, кои веќе со недели ги објавува опозицијата. По прогласувањето два дена жалост, уличните протести се смирени, но денес продолжуваат.

Зошто токму сега?

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето до нацијата по неделната седница на Советот за национална безбедност изјави дека четири месеци ги предупредувал дипломатските претставници на земјите од ЕУ и НАТО за постоењето на терористичка група што планира акции во државата.

Се наметнува логично прашање – зошто силите на редот не дејствувале против терористите ниту еднаш во тие четири месеци, особено ако се има предвид дека, како што тврди власта, припадници на таа иста група веќе зазеле полициска караула на границата меѓу Македонија и Косово и активирале експлозивни направи пред зградата на владата? И уште повеќе, зошто дозволиле бандата да се групира во густо населена област во третиот по големина град во државата? И на крај, зошто владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го поместила одржувањето на својот конгрес, закажан токму за саботата, 8 мај, во Куманово, за една недела порано? Одговорите на овие прашања секако се поврзани со актуелната политичка криза во Македонија, но до тоа ќе дојдеме подоцна.

Зошто токму Куманово?

Покрај Скопје, Куманово е град со најголем број национални заедници во Македонија – според пописот од 2002 (подоцнежните обиди за попис на населението пропаднаа), околу 60 отсто од населението се Македонци, 25 отсто Албанци, а речиси седум отсто Срби, но се претпоставува дека учеството на Албанците во меѓувреме пораснало. На власт во овој град традиционално е опозициската СДСМ, партијата што во рамките на серијата прислушувани телефонски разговори на високи државни функционери неодамна објави и разговори што покажуваат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ со методи на застрашување и закани и таму се обидела да ја преземе власта. Куманово има репутација на град во кој доминира толерантна атмосфера – таму дури ни во 2001, кога дел од земјата беше разурнуват од македонско-албанскиот конфликт, немаше улични борби. Затоа радува реакцијата на локалното население, кое веднаш по избивањето на полициската интервенција повикало на мир и разбирање, а најдобра илустрација за тоа е видеоснимката во продолжение.

Што прават САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО и каква е улогата на соседните земји?

Низ регионалните медиуми се прошири теорија на заговор, според која актуелните случувања во Македонија, почнувајќи од прислушуваните разговори, преку уличните протести, сѐ до полициската акција, се дел од „пошироко сценарио“ во режија на „светски моќници“, а чија цел е американски обид за спречување на договорот меѓу Русија и Турција околу изградбата на Турски тек за транспорт на гас.

Такви теории најверојатно немаше да има доколку меѓународните фактори не ѝ дозволеа на власта на Никола Груевски да се размавне во насока на брутален орвеловски популизам, па меѓународната заедница сега има прилика конечно да си го врати кредибилитетот околу прашањето на Македонија. Првата заедничка изјава на мисиите на САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО во Скопје е прилично воздржана и протоколарна – се изразува жалење за изгубените животи, се истакнува дека терористичката група е „изолирана појава“ и се повикува на дијалог на сите политички сили поради надминување на кризата. Од друга страна, соседните земји се далеку поконкретни во своите пораки. Српскиот премиер Александар Вучиќ веднаш свика седница на државниот совет за безбедност и државата испрати воено и полициско засилување на границата, пружајќи му рака на колегата Груевски во заедничката борба против вечниот албански непријател и медиумски поддржувајќи го преку добро уиграната мрежа таблоиди. Од друга страна, бугарскиот премиер Бојко Борисов го советувал Груевски да поднесе оставка со зборовите „Само да го потсетам на она што премиерите го прават кога ја немаат довербата од народот“.

Каква е врската меѓу уапсените терористи и политиката и каде се албанските политичари?

Одделни портали на албански јазик објавија дека меѓу уапсените има истакнати имиња на Ослободителната војска на Косово, како Бег Ризај, поранешниот телохранител на своевремено хашкиот обвинет и командант на ОВК Рамуш Харадинај. Го спомнуваат и Сами Уксими, попознат како „командант Соколи“, чиј глас исто така неодамна се слушна во „бомбите“ (каде соговорник му е шефот на албанската опозициска партија ДПА, Мендух Тачи, кој во еден од разговорите му се заколна на доживотна верност на шефот на тајната полиција и братучед на Никола Груевски, Сашо Мијалков). Македонските медиуми, пак, особено го истакнуваат името на Адем Шеху, кој беше командант на 153-тата бригада на ОВК во судирите на Косово и во Македонија, а подоцна и телохранител на Али Ахмети, претседателот на најсилната албанска партија и членка на владејачката коалиција ДУИ, која во македонско-албанскиот конфликт во 2001 беше командант на АНА, македонското крило на ОВК. Овие информации им одат во прилог на заклучоците дека водечките албански политичари во Македонија, во најмала рака, имале многу конкретни сознанија за овој конфликт, а ако на ова го додадеме фактот дека Ахмети лично воопшто не се огласил од избивањето на инцидентот ниту се појавил на седницата на Националниот совет за безбедност која вчера ја свика претседателот Иванов, добиваме нова доза разбирлив гнев кај албанската јавност во Македонија. Ќе се канализира ли тој гнев во масовни протести против власта, особено ако јавноста од опозициските „бомби“ дознае нови детали за национално запаливиот настан – судењето за убиствата на пет млади Македонци кај Смилковско Езеро, ќе откриеме во следните денови.

Осум полицајци загинале, а акцијата била „успешна“. Навистина, Груевски?

Премиерот Никола Груевски 35 часа по почетокот на полициската акција не се појавуваше во јавност, а потоа одржа воинствена прес-конференција, на која ги испофали храбрите припадници на полицијата за пожртвуваниот ангажман при разбивањето на опасната терористичка група што „војувала и на Блискиот Исток“, но заклучи и дека акцијата била успешна. Колку полицајци треба да загинат за да се посомнева во успехот на акцијата, нормално, не кажа, но затоа за време на обраќањето до медиумите неколку пати ги прозва политичарите и „таканаречените новинари“ за злоупотреба на трагедијата во политички цели (што самиот наголемо го право), а на сите „што сакаат да ѝ нанесат зло на Македонија“ им порача дека ќе „завршат како терористите“. Откако јавноста со недели ги слуша снимките од бескрупулозните телефонски разговори на врвот на власта, во кои целата земја ја третираат како семеен бизнис, не треба многу да се мудрува за да се заклучи дека Груевски всушност им се заканува на опозициските политичари, медиумите и демонстрантите, кои на улиците на Скопје во последните денови фаќаат залет за „македонската пролет“. Прашањето е само – ако на големиот протест на 17 мај, за кој власта очигледно добро се подготвила, навистина има немири, колку луѓе ќе треба да загинат за „акцијата да биде успешна“?

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе