Коронавирусот влезе и во казнено-поправните установи

Заразени со ковид-19 се Чавков и уште четворица осуденици во затворот во Штип

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и уште четири осудени лица од затворот во Штип се позитивни на ковид-19. Информацијата за петмината заразени лица во овој затвор за МКД.мк ја потврди директорот на затворот, Мики Тодоров. Тој вели дека за сега состојбата на осудените лица е стабилна и се следи од затворскиот лекар, но и три од осудените лица биле спроведени со полициска придружба на Инфективното одделение во Штип каде им биле направени сите потребни лекарски анализи.

„Во моментов имаме 5 осудени лица кои се позитивни на ковид-19. Тие се сместени во 2 посебни ќелии во затворениот дел во затворот. Позитивни на ковид-19 се и тројца вработени. И вработените и осудените лица се изолирани. Три осудени лица веќе беа во Инфективното одделение во Штип каде им беа направени сите потребни прегледи, по што беа вратени назад и нивната состојба за сега е добра. За двајца од осудените немаше потреба да се носат на Инфективното одделение и тие се добри. Во затворот има лекар кој ќе ја следи нивната состојба и доколку има било каква потреба, тие ќе бидат однесени во болница", вели Тодоров.

Директорот на штипскиот затвор за заштита од ширење на вирусот вели дека на своја иницијатива ќе го затвори делот каде престојуваат овие 5 осудени лица позитивни на ковид-19. Во ова крило во затворениот дел има уште 15 осуденици, но тие немале контакт со заразените, ниту пак имаат симптоми.
Како се заразиле Чавков и останатите четворица осуденици, точно не се знае.

Тие имале контакт со заразените чувари, но, како што вели директорот во ќелиите на осудените лица се влегува исклучиво со опрема за заштита од вирусот, односно со маска и ракавици.

Заразените осудени лица имале и посета, па не е исклучена можноста да се заразиле и за време на посетата со блиските, иако и при посетите строго се почитуваат мерките за заштита од вирусот.

Во Штипскиот затор, тврди Тодоров, од почеток на пандемијата се почитуваат сите мерки за заштита од ковид-19. Редовно се врши дезинфекција на возилата, се мери температура и се врши задолжителна дезинфекција на секој што влегува во затворот, односно на сите вработени, како и на оние кои доаѓаат на посета, се делат и се носат заштитни маски, редовно се дезинфицираат просториите...

Дали затворот во Штип ќе биде затворен комплетно за посети и контакт на осудениците со лица од надвор, ќе треба да одлучи Управата за извршување на санкции која е одговорна за сите затвори во државава.

Чавков издржува казна од 16 година за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

Во февруари годинава, Апелацискиот суд му ја намали казната од 18 на 16 години затвор.

К.Д.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе