Како што пишуваше МКД.мк, околу три месеци не работат пумпите од Системот за спас на Дојранското Езеро бидејќи пумпите за доток на вода се исклучени поради високата цена на струјата што државата ја плаќа за снабдувањето со вода преку истиот систем на приватната хидроцентрала „Топлец“, од која за концесијата пак, добива само 15 отсто од парите. Поради тоа, Министерството за животна средина во чија надлежност е системот, побара од Владата да се раскине концесијата дадена за „Топлец“ со важност до 2032 година.
Поисплатливо е да се исплатат парите за концесијата отколку државата да плаќа за струјата, рекоа за МКД.мк од министерството. Барањето е во владина процедура, велат и порачуваат дека Дојранското Езеро не е загрозено и дека во моментов не му е потребен доток на вода, а дека пумпите во секое време можат повторно да се вклучат.
За разлика од Дојранското Езеро, според УХМР, нивоата на Охридското и на Преспанското Езеро се пониски од просечните и тоа за два сантиметра кај Охридското и за 1,86 метри кај Преспанското Езеро.
Пониски од просечните се и водостоите на повеќето реки во земјава. Исклучок се реките Бабуна на мерното место кај Богомила, Струмица кај Сушево, Црна Река кај Р.Б. Мост и Црн Дрим кај Ложани, каде нивото е повисоко од просечното за овој период од годината.