За 9 месеци во Скопје, Штип и Велес

Ве лажат дека ваш близок направил сообраќајка и ви бараат пари, 69 лажни повици пријавени во МВР

Досега не е откриен ниеден од 69-те лажни повици пријавени во МВР, во кои повикувачот лаже дека ваш близок направил сообраќајка и ви бара пари „за да ја среди работата“.

„Вашата ќерка направи сообраќајка, прегази дете. Ние можеме да ѝ помогнеме, но ќе треба да платите 2.500 евра“. Ова се зборовите што периодов ги слушаат граѓаните од другата страна на слушалката од фиксниот телефон.

Додека да сфатат дека се работи за телефонска измама, дел од нив веќе ја дале бараната сума и остануваат и без парите и без помошта што измамниците им ја нудат, а која воопшто и не им е потребна, бидејќи се работи за лажен телефонски повик.

На ваквата измама наседнаа многу граѓани, а кај дел од нив овие измами останаа само во обид, односно навреме сфатија дека се измамени.

Вкупната бројка на регистрирани вакви измами до сега за помалку од 9 месеци е 69. Дали се работи за едно лице или за организирана банда што на овој начин нелегално заработува пари, не се знае бидејќи до сега не е решена ниту една од пријавените измами.

До сега од почетокот на годинава во МВР ваков тип на измами се регистрирани на подрачјето на три сектори, односно СВР Скопје, СВР Штип и СВР Велес.
Кога измамниците вртат на фиксните телефони за да ви соопштат дека некој ваш близок е учесник во тешка сообраќајка, тие точно знаат кој член од семејството треба да ви го посочат.

Дали се работи за случајно избран член со кој измамниците се обидуваат да ве излажат или знаат точно сè за вашето семејство, засега не е познато.

Од МВР не добивме одговор дали овие лица што се кријат зад лажните телефонски повици знаат податоци за семејствата кај кои се јавуваат и дали треба да сме загрижени како граѓани за тоа.

Во почетокот на месецов во 21 часот во СВР Скопје, М.Ј. (69) од Скопје пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 2.800 евра. Според пријавеното, околу 9 часот му се јавило лице што му кажало дека неговата ќерка прегазила дете-мигрант и дека треба да даде пари за да ѝ помогнат. Според пријавеното, околу 15 минути подоцна пред зграда во Скопје М.Ј. на непознатото лице му дал 2.800 евра, но откако му се јавил на својот син, сфатил дека е измамен.

На подрачјето на Скопје евидентирани се вкупно 14 случаи во кои сторителите успеале во намерата, а 44 биле во обид. Во СВР Штип според евиденцијата на МВР, пријавени се 9 случаи, од кои сите се во Свети Николе.

Од нив, само во еден случај сторителот успеал во намерата и од оштетената зел пари, додека останатите случаи останале само во обид. На подрачјето на СВР Велес пријавени се два настани и тоа во Велес. И во двата случаи сторителите успеале во намерата да стекнат противправна имотна корист.

„На 7.9.2020 околу 11.00 часот во СВР Велес, О.С. од Велес пријавила дека на 5.9.2020 била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари. Според пријавеното, телефонски ѝ се јавило лицето и ѝ кажало дека нејзиниот син и снаа направиле сообраќајна незгода во која со возилото удриле во дете-мигрант и побарало пари да му помогне на синот. Таа му дала 300.000 денари на лицето, но потоа сфатила дека била измамена. Истиот ден во СВР Велес, Т.Т. (74) од Велес пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 1.500 евра. Според пријавеното, во 16 часот на фиксен телефон му се јавило лицето и му кажало дека неговата ќерка и неговиот зет направиле сообраќајна незгода и удриле дете и побарало од него пари за да им помогне. Според пријавата, тој му ги дал парите, но подоцна сфатил дека е измамен", стои во извештаите на МВР за измамите во Велес.

До сега, според МВР ваков тип на измами или обиди за измами нема пријавено на подрачјето на СВР Тетово, СВР Охрид, СВР Битола, СВР Струмица и СВР Куманово.

Секторите за внатрешни работи велат од МВР преземаат интензивни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на пријавените настани.

„Вакви и слични настани често се пријавуваат и во некои од соседните земји и упатуваме апел до граѓаните да бидат внимателни и да не одговараат на вакви повици, односно да ги проверуваат информациите што им ги пласираат непознатите јавувачи што наводно им нудат помош. Секако, доколку добијат ваков повик, веднаш да пријават во полициска станица“, додаваат од МВР.

И покрај ваквите апели од полицијата и објавите во медиумите, граѓаните сè уште наседнуваат на лажните телефонски повици, а МВР сè уште ги бара оние што ги мамат, но и ги плашат и ги потресуваат граѓаните. 
                                                       

                                                                                                                                К.Д.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Септември 23, 2020 - 09:21

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе