Форин полиси

„Украина и Молдавија се во потесниот избор за ЕУ. Прашајте ја Северна Македонија како ѝ оди тоа“

Удоволувањето на ЕУ кон Бугарија постави опасен преседан за иднината на проширувањето, вели Форин полиси.

Фото: Роберт Атанасовски

Неколку часа откако Европската Унија минатата недела ја донесе историската одлука да им даде кандидатски статус на Украина и на Молдавија - потег што може да ја отвори вратата за членство во ЕУ - бугарските пратеници испратија потсетник за тоа колку долг и кривулест веројатно ќе биде тој пат.

Бугарскиот парламент минатата недела гласаше за укинување на сопственото двегодишно вето на преговорите за членство на соседна С Македонија, откако очигледно постигна договор за условите за пристапување на земјата. С Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но нејзиниот пристапен процес постојано е закочуван. Меѓу најжестоките приговори беше ветото на Грција за името на земјата, кое во 2019 година беше сменето од Република Македонија во Република Северна Македонија по 27-годишниот историски спор меѓу двете нации. Набргу потоа, Бугарија стави вето во 2020 година поради уште една долготрајна кавга за историјата и јазикот.

Процесот тргни-застани околу членството на С Македонија во ЕУ е порака до најновите потенцијални земји-членки дека, дури и ако Брисел е отворен за нови земји, не е секој друг во соседството. Сите одлуки за проширување на ЕУ бараат едногласно одобрување од земјите-членки, што го прави процесот на проширување заложник на историјата, јазикот и регионалните ривалства. По проширувањето во 1995 година за Австрија, Финска и Шведска, процесот на пристапување стана подолг и покомплициран, а најизразен е случајот со Западен Балкан.

Бугарија инсистира дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарско потекло. Софија, главниот град на Бугарија, исто така изрази загриженост за наводната репресија врз Бугарите во С Македонија, кои ги има околу 3.500. С Македонија ги негираше овие тврдења.

Гласањето во бугарскиот парламент во петокот за ветото во суштина даде зелено светло за нацрт-решението изработено од Франција. Но тоа е условно зелено светло. Меѓу листата на барања наведени во документот е повикот до С Македонија да го признае бугарското малцинство во земјата во преамбулата на својот устав. Исто така, постои барање дека „ништо во процесот на пристапување на С Македонија во ЕУ не може да се толкува како признавање од Бугарија дека постои ‘македонски јазик’“, кој многу Бугари го негираат како посебен јазик.

Скопје тешко дека ќе послуша. „Она што го имаме се невозможни билатерални прашања, кои се негирање на нашиот идентитет“, рече Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи на С Македонија. „Бугарија доби право (од ЕУ) да нѐ држи на краток поводник за време на процесот на пристапување. Тоа значи дека билатералните прашања ќе бидат промовирани во европски прашања како владеење на правото. Тоа не треба да биде така“.

Односите меѓу лидерите од Западен Балкан и ЕУ зовреа во четвртокот, неколку часа пред објавата за Украина и Молдавија. Во жестока размена на пораки, албанскиот премиер Еди Рама ја обвини ЕУ дека се залага за „искривен дух на проширувањето“ дозволувајќи ѝ на Софија да продолжи со своето вето.

„Духот на проширувањето од заедничка визија за целата заедница премина на киднапирање од поединечни земји-членки“, рече тој. Албанија, која доби кандидатски статус во 2014 година, имаше вложено многу: ЕУ ја групираше нејзината кандидатура со таа на С Македонија, како што е вообичаено во процесот на проширување.

Рама, исто така, упати предупредување до Украина и Молдавија во врска со нивните очекувања за членство во ЕУ. „Северна Македонија е кандидат веќе 17 години, ако добро бројам, Албанија е осум, па добредојдовте во Украина. Добро е да се даде кандидатски статус, но се надевам дека украинскиот народ нема да има многу илузии за тоа“. Премиерот рече дека му олеснило по гласањето во Бугарија, но го опиша како „крај на самиот почеток“.

Албанија сега најверојатно ќе напредува кон пристапните преговори со ЕУ додека С Македонија се обидува да постигне компромис. Испрекинатиот напредок, велат експертите, е потребен за да им се покаже на новите членки-аспиранти дека вратата на ЕУ не е затворена.

„Сега кога ЕУ им даде кандидатски статус на Украина и Молдавија, тие мораа да го обезбедат кредибилитетот на процесот на проширување на Западен Балкан за да се обезбеди кредибилитетот на процесот со овие две земји“, рече Зоран Нечев, виш истражувач во ИДСЦС, македонски аналитички институт. „Но процесот на Балканот е прекинат и претпоставувам дека тие (ЕУ) сакаа да знаат дека можат да придвижат нешто“.

Но удоволувањето на Бугарија постави опасен преседан за иднината на проширувањето на ЕУ, стравуваат аналитичарите. Не само што веројатно ќе поттикне дополнително националистичко расположение во С Македонија и Бугарија, туку може и да постави патоказ за другите земји-членки како да го искористат процесот на проширување за да ги расчистат старите пресметки со соседните земји.

„Еден пример може да биде Унгарија да стави вето на напредокот на Украина во пристапните преговори поради Транскарпатија“, рече Нечев, во врска со западниот дел на Украина во кој живеат приближно 150.000 етнички Унгарци. Пред руската инвазија на Украина кон крајот на февруари, Будимпешта се закани дека ќе го блокира членството на Киев во НАТО поради законот за јазиците на земјата, кој на украинскиот му даде специјален статус и ги натера средните училишта да се префрлат на украинскиот јазик, а јазиците на малцинствата да ги учат во посебни паралелки.

„На крај, ова е пирова победа за Бугарија. Нема љубов меѓу претпоставените браќа во С Македонија“, рече Димитар Бечев од Оксфордската школа за глобални и обласни студии. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски „е во позиција да биде обвинуван што и да одлучи“, рече Бечев.

Автори: Аманда Коукли, меѓународен дописник, и Милена Јесенска, новинар-соработник во виенски ИВМ

Извор: Форин полиси

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе