Преку НАТО координативниот центар за одговор при кризи

Шекеринска: Црна Гора испраќа хеликоптер Бел 412 да помогне во гасењето на пожарите, до денес ангажирани 1.600 војници

Утре изутрина во земјава треба да пристигне црногорски хеликоптер Бел 412 со екипаж од 4 лица, којшто ќе помогне во гасењето на пожарите, информира Министерството за одбрана.

„Советот за одбрана и безбедност на Црна Гора донесе одлука да го одобри барањето на министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац за упатување на хеликоптер Бел 412 како помош за Северна Македонија за справувањето со пожарите.

Помошта од Црна Гора доаѓа како резултат на барањето упатено од министерката за одбрана Радмила Шекеринска до нејзината црногорска колешка Ињац, а ќе биде имплементирана преку НАТО координативниот центар за одговор при кризи EADRCC“, се наведува во соопштението.

Инаку, како што информираше Шекеринска на денешната прес-конференција, во моментов 1.614 припадници на Армијата се ангажирани за гасење на пожарите, а оваа бројка постојано се менува. Над 1.000 припадници на Армијата секојдневно се во фаза на приправност, а во просек дневно помеѓу 250 до 400 војници со целосна опрема, механизација и летала беа ставени на располагање на цивилните институции за да помогнат.  Ова, според неа, е најголемата бројка на човечка сила која што се вклучи во гасењето на пожари.

„Повеќе од 80 прелети со над 650 тони исфрлена вода, беспоштедно, без резерви, без калкулации Армијата излезе и за своите граѓани и за својата држава“, рече Шекеринска и изрази благодарност до припадниците на Армијата за нивниот голем ангажман и ризиците со кои се соочуваа, и на земја, а особено на воздух.

Таа потсети дека ги посети војници и офицерите распоредени на терен во Старо Нагоричане, во Беровско-пехчевскиот регион, во Прилеп, Штип…, додавајќи дека разговарала и со дел најголем дел од припадниците на воздухопловниот ВИНГ.

„Мислам дека сите заслужуваат највисоки оценки и пофалби дека тоа што го сработија беше навистина херојство. Ниту еден од нив не постави прашање, ниту еден не се скри, ниту еден не замина во најтешкото, туку сите беа присутни и тоа беа присутни навистина постојано“, нагласи Шекеринска, притоа изразувајќи благодарност за добиената помош од Словенија, Романија, Србија, Австрија, Бугарија… и на сите други што помогна.

Според информациите што ги имаат, вели, постои сомнеж дека причини за еден дел од причините е човечки фактор.

„Мојата порака и денеска, како и пораката на армиското раководство е дека Армијата останува будна и остануваме распоредени на повеќе локации меѓу другото и за да спречиме понатамошна ескалација. Нема да дозволиме ниту еден човечки живот да биде во опасност заради ваквите неодговорно или криминално однесување“, рече Шекеринска.

Командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски информираше дека заклучно со вчерашниот ден реализирани се огромен број летови, како на домашните, така и на странските хеликоптери и авиони вклучени во гаснењето на пожарите, при што се исфрлени 850 тони вода. Прашан колкав дел од тоа количество вода е исфрлено од армиските хеликоптери, полковник Пејовски нагласи дека не би било добро да се мери, кој колку постигнал во реализацијата на сите активности.

„Повеќе од 50 отсто од оваа реализација и 70 отсто припаѓа на нашите воздухоплови. Но, не е добро да работиме со конкретни бројки, имајќи предвид дека секој кој дошол тука да помогне при гасењето на пожарите, не дошол да ги мериме достигнувањата“, рече тој.

Како што кажа, денеска армиските хеликоптери се ангажирани на две локации со капацитети и сили потребни за локализирање и ставање под контрола на опожарените подрачја, додавајќи дека со исто темпо ќе продолжат и во наредните денови со цел ставање под контрола и гасење на сите опожарени региони. Полковник Пејовски потенцира дека голем предизвик претставуваат и екстремно високите температури на воздухот што сега достигнуваат до 41 степени, но, како што нагласи, кога ќе влезете во воздухопловот таа температура се качува и до 60 степени. Тој предупреди дека не треба да се заборави и температурата над опожарените подрачја со пламените јазици, каде не може да се измери до кој степен достигнува, а воздухопловот се наоѓа точно над него при истурањето на водата.

Според полковник Пејовски, широчината на најкритичните подрачја, конкретно на пијанечкиот регион, каде се Делчево, Пехчево и Берово е во широчина од 8 километри и 16 километри. Овој пожар, подвлече тој, во моментот е ставен под контрола и денеска по извршувањето на летачките активности на армиските хеликоптери. Има еден мал чад, истакна Пејовски, има единици на земја и веќе за тој пожар не се потребни ангажмани на хеликоптерските единици.

Тој информира дека ангажманот на ВИНГОТ за пружање помош за гасење на пожарите започнал уште на 29 јуни во реонот на Општина Чашка, а веднаш потоа и во Липково и Македонски Брод, а интензитетот  на воздухопловната поддршка постојано се зголемувала од 29 јули во кочанскиот регион, по што следувал регионот кај Гевгелија, Старо Нагоричане, Куманово, Петровец, Прилепско и овие денови во новоотворените жаришта.

„Како кулминација на моменталната кризна состојба се веќе петдневните активности во пијанечко-малешевскиот регион. Најинтензивните пожари ја наметнаа потребата за скратување на времето потребно за прелет на хеликоптерите од скопскиот аеродром и доведување на истите во близина на опожарениот регион, со цел да се зголеми бројот на циклуси за земање вода и истурање на истата врз опожарените подрачја“, истакна Пејовски.

Тој додаде дека за таа цел, е организирана истурена позиција за дополнување на хеликоптерите со гориво, конкретно во реонот на село Смојмирово, со што е зголемена брзината, ефикасноста и најважно количината на исфрлена вода во опожарените подрачја.

„Хеликоптерите со истурање вода врз пожарот само го загаснуваат. Тие се само помош на персоналот, на луѓето, кои работат на земја, човечкиот фактор што е носител што може во целост да го угаси пожарот“, појасни тој.

Бригадниот генерал Емини информираше дека по барање на ЦУК, а по наредба на врховниот командант, Армијата активно се вклучила од 2 август во гасењето на пожарите, на располагање имало 1.000 луѓе, а ангажманот бил вкупно на 12 локации на цела територија на државата, претежно на непристапен терен зафатен со пожар.

„Вкупно до денеска се ангажирани 1.614 припадници од Командата за операции со потребна опрема, техника и три воздухоплови од нашиот состав“, рече меѓу другото Емини.

Во регионот на Берово, информира тој, денеска ќе се продолжи со гасењето на пожар, иако е локализиран. Во Делчево, во регионот на село Разловци пожарот исто така е локализиран, но има припадници на терен со цел да интервенираат доколку повторно се запали. Во Пехчевско пожарот е ставен во мирување, додека во прилепското село Топлица, како што рече, пожарот е локализиран, а таму ќе дејствува и авионот од Романија. Во село Дрен и село Смолари пожарот е локализиран и е под контрола и нема опасност да се прошири.

„Активен пожар со намален интензитет, има на источната стана на планината Кожуф. Во општина Сарај пожарот е активен и таму има припадници на Армијата кои дејствуваат по копно, но планираме да дејствува и авионот од Романија“, информира бригадниот генерал Емини.

Во реонот на општина Петровец, пожарот е локализиран, но се уште има припадници на Армијата во тоа подрачје. Во реонот на Штип, месноста Драгоево и село Селце, пожарот е изгаснат и криви Дол пожарот е локализиран и изгаснат. Целосно е локализиран и пожарот во реонот на Куманово во село Ранковце.

 

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе