„Како прв лиценциран планинарски водич во Југоисточна Македонија при Федерацијата за планинарство и член на комисиите за планинарски водичи и планинарски патеки, ги предупредувам сите вистински планинари да внимаваат со кого одат и се движат во планина, Во последно време сведоци сме дека се појавуваат некакви диви друштва и клубови. Тоа се мал број на такви луѓе, кои на ваков или онаков начин, водејќи луѓе во планина, директно им ги загрозуваат животите на луѓето“, вели Чучуковски.
Тој додава дека ваквата појава е законски казнива, за што во повеќе наврати алармирала и Федерацијата за планинарски спортови.
„Значи тие диви друштва, ниту се некаде членки, ниту имаат лиценцирани водичи, ниту имаат познавање од планинарство, ниту ги познаваат планинарските правила и опасности и ориентација во планина. Затоа уште еднаш препорачувам до сите љубители на природата да се движат во планина само со регистирани лица и планинарски клубови“, додава Чучуковски.
Во Брегалничкиот регион како што вели, единствените легални клубови, кои имаат свои лиценцирани планинарски водичи и лиценцирани маркацисти се Планинарскиот-спортски клуб „Голак" од Делчево и Планинарско-спортско друштво „Осогово" од Кочани.