Почна кампањата „Прекини го кругот – омразата не е мој стил“ во организација и реализација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за млади и спорт.
Кампањата има за цел подигнување на свеста помеѓу младите за штетните ефекти на нетолеранцијата и омразата во нашето општество кои најчесто произлегуваат од широко распространети стереотипи и предрасуди. Во обид да се разоткријат и променат негативните наративи поврзани со сите форми на нетрпеливост, кампањата е исто така наменета позитивно да влијае на социјалниот дискурс, не само помеѓу младите, туку и во општеството како целина.
На настанот се обрати амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка од Владата на Македонија. Почетокот на кампањата го означи и премиерното прикажување на првото видео кое покажува дека конфликтот меѓу младите може да биде разрешен со почит и толеранција, без оглед на нивниот пол, нивната етничка припадност, или верско уверување.
Кампањата превидува серија промотивни активности кои ќе се одвиваат преку официјалните профили на кампањата на Фејсбук, Твитер, и Инстаграм поддржани од познати личности кои се приклучија на кампањата и во нивен стил дадоа поддршка за позитивните вредности кои таа има за цел да ги промовира.