Шолц за „Маркише алгемајне цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијатива за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги користеше само како изговор за истовремено да ги преместува своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи германскиот канцелар.
Како што тврди тој, токму тогаш на виделина излегле „масакрите“ во Буча и Ирпин – неверојатни злосторства против човековите права извршени од руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа Запорожје и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментов разговараат на ниво на советници за безбедност како би можело да изгледа нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да ја заврши својата „варварска“ кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.