„Обединет Балкан за чист воздух“: загадувањето на воздухот предизвикува повисоки стапки на стерилитет

Долготрајната изложеност на загаден воздух во Западен Балкан може да ја намали плодноста на жените за повеќе од 10%; шансите за зачнување се намалуваат во деновите со високо загадување, а се зголемува можноста за спонтан абортус, констатира Европскиот фонд за Балканот, кој со партнерите во регионот ја спроведува кампањата „Oбединет Балкан за чист воздух“.

Овој месец, втората фаза од кампањата се фокусира на информирање на граѓаните за падот на плодноста и сѐ повисоките стапки на стерилитет кај жените и мажите низ Западен Балкан, предизвикани од загадениот воздух. Земјите во регионот бележат постојан пад на населението.

Научните истражувања потврдија дека зачестеноста на спонтани абортуси и мртвородени деца е значително поголема во период на изложеност на загаден воздух, според одредени студии. Студиите исто така покажуваат дека жените кои живеат во загадени области имаат помалку витални јајце клетки, пониски стапки на плодност и повисоки стапки на неуспех на имплантација на ембрион за време на ин-витро оплодување во споредба со оние кои не се изложени на загадување на воздухот. Честичките ПМ 2.5 ја намалуваат плодноста кај жените, а загадените градови низ регионот во просек испуштаат двојно повеќе од дозволените годишни вредности, што може да ја намали плодноста и до 10%.

Кај мажите пак, загадувањето од фините честички стигнува до тестисите, предизвикувајќи намалување на производството на сперма, помала подвижност на спермата и почести спонтани абортуси поради програмирана клеточна смрт. Сулфатните соединенија кои се формираат во процесот на согорување на јаглен го зголемуваат ризикот од спонтан абортус до 13%. Неплодноста е предизвикана и од пластичното загадување. Полистирен, вид пластика која во својата микро и нано состојба може да се најде во храната, водата и воздухот, влијае на раниот развој на ембрионот и може да предизвика абнормален развој и предвремено породување.

Загадувањето на воздухот со фини честички, тешки метали, микро и нано пластика и други супстанции доведува до зголемена стапка на спонтани абортуси дури и во случаи на ин-витро оплодување, бидејќи ги намалува стапките на успех во лабораториите каде што се спроведува овој процес.

Учесниците во кампањата го повторуваат својот повик за итно решение на хроничниот проблем со загадувањето на воздухот што ги гуши земјите од Западен Балкан:

 

-Прекин на употребата на јаглен за производство на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот, а важна улога може да игра и замената на котлите за домаќинства со почисти решенија.

-Ублажување на штетните ефекти од загадувањето на воздухот со намалување на употребата на пластика за еднократна употреба, како и замена на синтетичките влакна со природни.

-Надлежните институции треба да работат на политики за промовирање здрава бременост, со цел да се подобри знаењето на жените и мажите за овој процес и да им се помогне на идните мајки подобро да се заштитат себеси и фетусот.

-Неопходно е да се обезбедат високоефикасни филтри за воздух во затворените простории, особено за посебни институции кои се занимаваат со третман на неплодност.

-Потребно е и подобрување на капацитетите на дијагностичките центри како и спроведување на заеднички студии кои ќе користат податоци за следење и мерење на последиците од аерозагадувањето врз неплодноста, предвременото породување, појавата на болести и смртноста на новороденчињата во Западен Балкан.

Експертска анализа за штетните ефекти од загадениот воздух врз плодноста кај жените и мажите во регионот беше направена за кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ од Миодраг Стојковиќ, истакнат професор по хумана генетика и основач на специјалната болница за третман на неплодност во Лесковац. Тој предупреди дека без активности на законодавците и надлежните органи не може да има успех во спречувањето на болестите поврзани со загадувањето – вклучително и неплодноста. Сепак, нема напредок во таа област минатата година, а градовите во регионот остануваат на врвот на меѓународните листи за најзагадени градови.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ги повикува граѓаните од Западен Балкан да се приклучат на заедничката борба за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на неплодноста и подобрување на здравјето на децата.

Кампањата „Балкан обединети за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со организациите: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, Еркер од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград. Се одржува втора година по ред, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од загадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина. „Обединет Балкан за чист воздух“ ја нагласува неопходноста од регионална соработка за трансформација на енергетската индустрија и системот за заштита на животната средина, што би ја подобрило и економијата и јавното здравје.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе