Во согласност со максимата на Агендата за одржлив развој 2030 година „никој да не биде изоставен", од клучно значење е владите, јавниот и приватниот сектор заеднички да најдат иновативни решенија за и со лицата со попреченост, со цел светот да го направат инфраструктурно попристапен и правично место за живеење, смета народниот правобранител.
„Како позитивен исчекор е отпочнувањето на процесот на изготвување на Национална стратегија за правата на лицата со попречност, тековните процеси на деинституционализација и инклузивно образование, како и законско уредување на функционалната проценка согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), но сепак уште многу треба да се работи, особено во насока на хармонизација на националната легислатива со ратификуваната Конвенција за права на лицата со попреченост, со цел воведување на законска обврска за почитување и уживање на правата на лицата со попречност на еднаква основа со другите“, оценува Народниот правобранител.
Народниот правобранител смета дека проблемите со кои се соочуваат овие лица се системски и долготрајни, па државата треба попосветено да се заложи за остварување на правата на лицата со попреченост, пришто, да се пристаппи кон решавање на проблемите, заеднички со лицата со попреченост и нивните претставнички организации, овозможувајќи им притоа значајно учество во процесите со што би се постигнале промени во посакуваната насока.
Народниот правобранител потсетува на обврската за обезбедување услови и создавање можности за што поголема промоција, заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост, и нивно активно вклучување, со цел активен придонес во создавањето на инклузивно општество.