Командантот Симоновски по две години се сеќава на трагедијата

„На раце носевме мртов колега, мрзневме од студ кај Ласкарци, но спасивме 14 животи и бебе“

Две години полни со лоши сеќавања, страшни сцени, повици за помош што останале во нивните глави. Некои ги загубија најблиските, а некои го загубија мирниот сон. И едните и другите доживеаја траума и носат една иста мисла, никогаш да не се повтори. Деновите пред и по 13 февруари за оние што беа во автобусот што пред 2 години излета од автопатот Скопје -Гостивар и падна во бездна длабока 6 метри, но и за оние што помагаа во извлекување на повредените и починатите патници, се претешки.

Во долгата листа на херои што несебично се жртвуваа за да спасат животи се лекарите, полицајците, жителите на Ласкарци, случајни минувачи, пожарникарите...

Командантот на Противпожарната единица, Владимир Симоновски, беше во првите редови за помош на повредените патници. Стоеше рамо до рамо со командирот на чета, Владимир Кочовски, и пожарникарот Мартин Божиновски.

Редакцијата на МКД.мк пред две години неколку дена по кобната несреќа го објави потресното сведоштво на храбриот пожарникар Божиновски, кој прв заедно со Кочовски влезе во превртениот автобус. Тие двајца беа единствените чии очи го видоа хаосот во превртеното возило тешко 15 тони. Божиновски си замина од работното место во противпожарната единица и денес не е во тимот, но неговото сведоштво за тоа како ги ваделе патниците и пожртвуваноста на тоа место на 13 февруари, остануваат.

(По Божиновски, во знак на сеќавање за трагичниот настан, во продолжение ќе ги објавиме и сведоштвата на командантот Симоновски и на командантот на чета Кочовски. Ваквата одлука за објавување на репортажите на овие пожарникари е поради тоа што тие единствено се успешни во својата работа само ако се во тим).

Во нашиот разговор, командантот Симоновски го враќаме две години наназад. На неговото лице забележувам измешани реакции, тага, разочарување за загубените животи, гордост за направеното, но и збунетост зошто мораше да се случи ваква кобна несреќа. Одговорот на последното прашање го нема никој, но одговорите за тоа како минала пет и полчасовната интервенција на пожарникарите се во умот токму на командантот Симоновски, Божиновски (кој веќе го објавивме) и Кочовски (со кого подоцна зборувавме) и останатите колеги што им помагале на местото. (Сите заедно се хероите од Ласкарци).

Првичната дојава на 193 на 13 февруари 2019 година нешто пред 17 часот воопшто не била јасна. Информациите што тимот ги добил се дека автобус се превртел и потребна е помош. Но овде помошта не се однесувала на тоа дека може да настане пожар ако има истекување гориво или фреон, туку треба да се спасуваат многу човечки животи.

Тој ден луѓето во пожарникарска униформа не видоа оган на лице место, но имаше искри во нивните очи и оган на нивните раце, кои, иако мрзнеа од студ, мораше да бидат доволно топли за да им дадат поддршка на оние што во овие луѓе гледаа трошка надеж за спас на својот живот. Не влечеа црева од пожарникарските возила, туку извлекуваа мртви тела од смачкано огромно возило превртено на покрив, тешко повредени патници, дури и бремена жена. Она што во умот им се вртело дека може да ги дочека на лице место, ни одблизу, вели командантот, не беше тоа што го видоа во бездната кај селото Ласкарци.

Бремената патничка остана во сеќавање на спасувачите како личност што носи храбро срце, смирен карактер и која иако во себе носела друг живот, останала стабилна и не испуштила ниту еден вознемирувачки глас.

Неа прва ја спомнуваме во разговорот со Симоновски, кој е пожарникар 22 години, но никогаш претходно не видел настан како Ласкарци. За тогаш повредената трудница, вели дека е храбрата патничка што ја преживеа несреќата и денес е мајка на бебенце.

„Првичната информација беше дека има превртен автобус на дадена локација. Јас и Кочовски со возило веднаш се упативме на местото. Но по пат на радиоврска добиваме дополнителна информација дека се работи за многу посериозна несреќа. Добив повици и од луѓе што поминале на местото и веќе ја виделе несреќата. Пристигнувањето на месото ни го донесе првичниот шок. Целата таа глетка, целиот тој хаос, луѓе по асфалтот, излетани од автобусот, и патници што буквално висеа низ малите отвори на скршените прозорци“, се присетува Симоновски на почетокот.

Зборува со свежо сеќавање исто како да е настан од пред неколку часа, недели, месеци, а не трагедија од пред две години.

Тешката глетка што ги затекнала на местото наложила потреба од тешка механизација и за неколку минути на местото бил донесен багер од жителите на Ласкарци за да може да се подигне задниот дел од автобусот. Само таму од задното стакло, според процената на пожарникарите, можело да се влезе внатре.

„Направивме принуден отвор и двајцата колеги, Божиновски и Кочовски, влегоа во автобусот со лазење. Толку беше мал тој простор низ скршеното стакло, што можеше само да се ползи. Јас стоев на половина надвор и внатре за да може да подавам опрема за да се вадат заглавените патници. Прв пат, а се надевам и последен, видовме таква трагедија и хаос. Првата информација беше дека има жена што е свесна и заглавена под три седишта со горниот дел од телото, односно со главата. Со хидрауличен алат во вид на ножици се двајцата колеги внатре ги сечеа столчињата за да ја извадат. Тоа се големи и тешки алати, замислете темно е, вие сечете покај неа железо, а таа е многу смирена и не реагира. Нема ниту страв, ниту извици. Тогаш е многу потешко, односно самата таа состојба, кога има паника од повредениот, ви прави паника и вам и ве тера да брзате во интервенцијата и може да погрешите. Тогаш дознавме дека е бремена“, сведочи нашиот соговорник.

За начинот како да извадите тешко повреден патник од која било сообраќајка мора да имате знаење, но сепак никогаш не постојат две идентични интервенции, вели Симоновски. Среќа во несреќа во оваа трагедија кај Ласкарци било тоа што за предводник на спасувачката мисија имале човек што комплетно ја познавал областа на медицината. Мартин Божиновски е пожарникарот што освен завршено средно медицинско училиште, ги имал поминато сите потребни обуки во странство за давање помош и извлекување тешко повредени лица.

„Среќа во таа несреќа ни беше тоа што Божиновски ги имаше поминато сите обуки, а имаше и средно медицинско училиште и многу практични обуки со тренери од Америка. Беше доволно обучен за да знае и умее како да разговара, да пристапи, да им помогне и да ги извлече. Од мене како командант доби наредба за да влезе во автобусот, но клучната одлука како ќе постапува внатре беше негова и според неговата проценка. Направивме план да им помагаме на оние што се тешко повредени, но живи. Имаше доста починати лица за кои не можевме ништо освен да ги извлечеме и тргнеме настана за понатамошна постапка и нивна идентификација. Жално е, но реалноста беше таква. Единствениот излез за да спасите нечиј живот е што побрзо да го извадите повредниот, но таа брзина исто така може да направите поголема беља. Од еден патник во автобусот ни беше кажано дека е заглавен во лим, а всушност тој беше само повреден. Паниката и болката од големите скршеници што ги имал веројатно си го направиле своето, па имал чувство дека е потиснат со нешто тешко. Овој човек го извлековме без сечење на седиштата“, продолжува нашиот соговорник.

Тежината на сликите и лошите сеќавања од 13 февруари 2019 беа причина човекот што носи титула командант, но сепак како што вели, пред сѐ е човек од крв и месо со емоции и чувства, да скокне со раскажување на настанот директно на последниот изваден патник од автобусот.

Не затоа што тој нема што да раскаже, напротив има многу, туку бидејќи оние слики на кои подоцна со колегите биле сведоци, се претешки и за присетување и за раскажување.

„Еден по еден ги вадевме тешко повредените, а меѓу последните беше и една девојка, која за жал ми се чини дека не успеа да преживее. Таа беше последна извадена од тие што покажуваа знаци на живот. Имаше многу гужва, многу прашања, многу имиња, луѓето од надвор прашуваа дали се живи и дали се добро нивните блиски, а дел од оние внатре бараа помош. Голем дел од оние што патуваа, односно можеби 90 отсто, се познавале“, вели Симоновски.

Делот што можеби му е најтежок од целата интервенција е загубата на нивниот колега и пријател Зоран Давидовски, кој работеше во Град Скопје, како раководител на Секторот за сообраќај. Оваа лична загуба и болка за познаникот што со Кочовски го изнеле на носилка, објаснува зошто Симоновски со силни емоции се трудеше да го прескокне овој дел. Сепак храбро ни посведочи за деталите.

„Во таа автобуска несреќа го изгубивме нашиот пријател Зоки. Го извлековме од автобусот, го ставивме на штица и некако ликот и во темно ни беше познат и на мене и на Кочовски. Но присилно го изигнорирав тој момент бидејќи не смеев да дозволам да ме понесат емоции. Им требавме на тие луѓе внатре што се борат за живот и што чекаа на нас. Подоцна видов дека имам пораки на мобилниот телефон и дека прашуваа за неговата состојба. Тогаш сфатив дека починатиот што во темнината го извлековме од автобусот беше нашиот пријател, кој почина на лице место. Тешко е, многу е тешко човекот со кого сте работеле и сте седеле еден до друг на работните состаноци, сега да го извадите починат. И денес, по толку време, јас имам реакции“, вели емотивно и со растреперен глас пожарникарот.

Симоновски се присетува дека пред интервенцијата чекале возило од Скопје за помош во поместување на превртениот автобус, но сфатиле дека така ќе изгубат многу време, па затоа побарале багер. Не чекале и ја користеле буквално секоја секунда, а дури подоцна, кога поминал шокот, сфатиле дека и нивните животи биле во опасност и во рацете на човекот што ја држел ногата на кочницата на багерот.

„Гледавме да искористиме буквално сѐ за да може да спасиме што повеќе луѓе. Точно е дека имаше 8 починати, но нивната смрт не беше вина на пожарникарите, туку тие беа починати на лице место пред да дојдеме ние. Спасивме доста патници, од кои 14 се опоравија и се живи. Всушност, подоцна доаѓа мисла дека кога се вртел автобусот, ако малку се поместеше ногата на сопирачката кај возачот на багерот и тешкото возило се помрднеше, тогаш и јас и Кочовски и Божиновски ќе бевме во опасност. Можеби јас половина, бидејќи со дел од телото стоев и надвор, но Кочовски и Божиновски ќе останеа за главени внатре. Тогаш ќе беше ситуација да нѐ спасуваат нас или не дај боже, да настрадаме. Можеби споредба можам да направам со земјотресот во Драч, Албанија, каде што помагавме. Отидовме во куќа каде што имаше 9 починати, меѓу кои и две дечиња од по две годинки. Страшни беа и тие слики, а разликата е во тоа што овде вие морате да донесете брзи одлуки, кои исто така ќе бидат правилни“, додава Симоновски.

Од сеќавањата во Драч го враќаме повторно на местото во Ласкарци. Во неговите мисли поминуваат слики од кои пред ги да раскаже, забележувам грч и бледило на неговото лице.

(Од етични причини и почит кон загинатите и нивните семејства овие сцени што живеат во сеќавањата на пожарникарите, кои ни беа раскажани и се многу потресни, ќе останат познати за новинарот и нема да ги објавиме)...

По повеќе од пет часа адреналин, неизвесност, стрес, притисок за носење брзи одлуки, желба да се помогне, борба за живот но и борба со студот таа ноќ, околу 23 часот работите за пожарникарите полека стивнуваат. Смачканиот автобус е празен и во него остануваат само крвави траги, расфрлени предмети, скршени седишта, стакло...

Надвор има толпа народ. Дел од жителите и оние што помагале во спасувањето се во болница и чекаат да чујат за состојбата на повредените. Има и такви во многу тешка состојба, меѓу кои и девојката на 20-годишна возраст што погоре ја споменавме како последна извлечена со знаци на живот, која за жал не успеа да се избори со тешка битка и почина во болница.

Пожарникарите веќе ја привршувале својата работа. Уште еднаш провериле дали можеби има уште некој во темнината на искршениот автобус, но кога се увериле дека нивната интервенција е завршена, полека се повлекле. Униформите облеани со крв, а како монистри низ црвената боја светкаат срчи што се забоделе додека работеле, но никој тогаш не ги забележал.

Крвав е и тешкиот алат од 30 килограми што полека го собирале и го враќале во возилата. На раце тежина од алатот, на плеќите тежина од глетките на трагедијата. Но храброста мора да потисне сѐ и тие мора да продолжат понатаму. Со тешки чекори газат низ темниот пат и полека тргаат кон возилата. Рацете им се премрзнати, но зарем некој во тие моменти има време и простор да мисли на студот? Околу нив гужва и врева, но сега просторот е обезбеден и полицијата поставила полициска лента за да ги тргне луѓето надвор од местото каде што допрва треба да се работи. Пожарникарите не зборуваат, одат и молчат. Секој заминува кон возилото со кое пристигнал. Нашиот соговорник го прави истото, тргнува кон автомобилот заедно со колегата Кочовски. Првата мисла им е дека спас за мир и малку стабилност по целиот хаос можеби ќе најдат во цигарата. Но силното тресење на рацете им покажува дека телото и умот им се борат со огромен стрес.

„Кога заврши интервенцијата, со Кочовски тргнавме кон возилото. Некои 10 минути молчевме и не изустивме ниту збор, двајцата запаливме цигара. Забележав дека рацете ми се тресат. Успеав некако да го земам мобилниот во раце и имав многу голем број повици што бараа информации, но никому не одговорив бидејќи не бев јас тој што требаше да каже кој починал или да утврди смрт. Тргнавме кон Автокоманда и кога стасавме таму, го оставивме алатот и опремата да се перат бидејќи беа во крв. По повеќе од половина час престој во противпожарната единица, заминав дома. Дури потоа почувствував траума од сликата што ја гледав во наредните денови на телевизија. Трауматските шокови се појавија потоа. И до ден денес и покрај две години поминати, ми се враќаат слики од несреќата. Се сеќавам дека деловите на колената на униформата ми беа цели со срчи и крв и не можев можеби половина минута да ја фатам цигарата во раце бидејќи ми се тресеше раката. Не можев да ги контролирам прстите, па ја фатив едната со другата рака за да ги смирам. Беше многу студено и рацете ни се кочеа дури од што ни беа премрзнати додека работевме и помагавме на луѓето. Тешко е, но сепак сѐ е до карактерот и како тоа ќе го прифатиш“, се присетува командантот.

Симоновски, еден од хероите од Ласкарци, два дена по несреќата се подготвувал да оди на погреб кај починатиот колега, кој на раце го носеше кај Ласкарци. Вели, мора да е цврст додека за последен пат го испраќаат трагично загинатиот Зоран.

Но кога заминува од Гостивар назад кон Скопје, неговата одлука е да се соочи со местото на кое само пред два дена во темница со колегите ја имаа најтешката интервенција. Автомобилот го остава малку настрана и застанува точно на високиот дел од автопатот каде што од совршен агол се гледа дупката покрај патот во која падна автобусот на „Дурмо турс“. Се враќаат сликите од настанот, но и мислите дека целата интервенција била опасна и за помагачите. Неговиот мозок буквално прави реконструкција на секој детаљ за тоа што се случило дента на 13 февруари 2019.

Оваа реконструкција која Симоновски ја имал во умот, на лице место се правеше и по заминувањето на пожарникарите од местото.

Увидот на надлежните траеше во текот на целата ноќ и наредниот ден. Одговорите за тоа што беше утврдено тој ден, беа презентирани на суд, каде што сѐ уште е во тек постапката за оваа несреќа. За оваа автобуска несреќа, која се случи на денешен ден пред две години, а во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се обвинети шест лица. Им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

По несреќата кај Ласкарци животот мора да продолжи, а Симоновски вели дека имал многу работни обврски и немал многу време да биде насочен да размислува за сообраќајката.

Сообраќајната несреќа командантот вели дека ја споменува како пример пред новите помлади колеги, за тоа со што се би можеле да се соочат, иако вели дека се моли и посакува никогаш да не се повтори таква трагедија.

„Ги учам дека од нивната одлука зависат животи. Нема ниту една иста интервенција, така што одлуката се носи на самото место. Сепак, во дадениот момент треба да се процени и дали и каде има опасност. Ние сме малку и ни фалат околу 200 пожарникари. Премногу сум горд со тимот , со оглед на тоа дека имаме доста стари возила. Во просек имаме можеби и по 6 до 7 пожари на ден и сите се успешно завршени. Точно е дека има жртви од Ласкарци, но не поради лошо постапување на бригадата или поради наша вина. Пожарникарите во Ласкарци вложија натчовечки напори за да помогнат. Бригадата располагаше со минусна опрема уште кога стаса на местото во Ласкарци. По овој настан противпожарната бригада се опремуваше. Треба да сфатиме дека полицијата, пожарната, брзата помош, здравствените работници, Црвениот крст... се клучна алатка во државава и во нив треба да се вложува. Сликите ги паметам и ќе ги паметам додека сум жив. Ќе изразам жалење за тоа што Божиновски си замина од бригадата и замина на сосема друго работно место. Тој имаше квалитети, а со неговото заминување загуби и бригадата. Се надевам дека во иднина ќе имаме нови и млади квалитетни колеги што ќе можат да се носат со товарот на оваа работа како пожарникари“, завршува Симоновски.

Прашањата за Противпожарната бригада ги оставивме за на крај за да го смириме нашиот соговорник по сеќавањата за кои направи напор и со емоции ни ги долови. Ги пренесуваме реално со надеж дека оваа трагедија нема да ја заборават оние во чии раце е чеканот на правдата и кои треба да донесат одлука за тоа дали и кој е виновен за загубата на животите на 16 патници.

Неоспорен факт е дека ниту една одлука на судот или на која било друга институција не може да ги врати овие луѓе, но сепак да се потрудиме да ја разбудиме совеста и свеста да бидеме одговорни учесници во сообраќајот, а одговорно да се прави и сервисирањето на возилата за превоз на патници.

Две години по Ласкарци повторно ќе ја повториме мислата на сите што тој ден го видоа ужасот, а тоа е - никогаш да не ни се повтори.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски и Град Скопје

Видеомонтажа: Софија Додевска

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе