Министерството за екологија очекува до крајот на годината да бидат собрани 120 милиони денари во Фондот за управување со отпад

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСП) ја подготвува Програмата за финансирање на управување со посебни текови на отпад, која е креирана за враќање на средствата собрани од надоместокот за биоразградливи кеси за транспорт на стока во проекти за животна средина. До крајот на годинава се очекува да бидат собрани вкупно 120 милиони денари, информираше министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој на денешниот брифинг со новинарите посочи дека во Фондот за управување со отпад до крајот на септември се собрани околу 96 милиони денари.

Програмата предвидува финансирање на набавка на 5.000 контејнери и садови за селекција на отпад за домаќинствата, со што ќе им се помогне на општините за обезбедување услови за воспоставување на систем за управување со отпадот.

„Ќе се користи посебна методологија. Пример, за општините што потпишале договор со колективни постапувачи со отпад, што не се опфатени во други проекти. Ќе се спроведе кампања за развивање на позитивни навики за селектирање на отпадот во домаќинствата“, рече Нуредини.

Министерот напомена дека идејата е да се набават пет илјади контејнери и да се споделат со сите општини во државата за селектирање на хартија, пластика или конзерви, но контејнерите ќе бидат доделени само на општините кои ќе потпишат договор со колективниот постапувач.

Во однос на пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје, Нуредини напомена дека проектот е во финална фаза на евалуација.

Според Нуредини, остануваат отворени обврските на Град Скопје да ја комплетира урбанистичко планската документација и заврши процесот на експропријацијата.

Договорот за градба, согласно работниот план, се планира да биде потпишан во февруари 2023 година. Средствата за овој проект се обезбедени со заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и грант средства во висина од 70 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западниот Балкан (ВБИФ) на ЕУ.

Според министерот Нуредини, овие проекти се апсолутно важни за нашето членство во Европска Унија.

„Ако ние немаме пречистителна станица во Скопје, никогаш нема да бидеме членка на Европската Унија. Ова е базично барање од ЕУ, ние да имаме сопствени станици и да имаме инфраструктура за собирање и управување за отпад. Заради тоа, ние како Влада инвестираме во вакви проекти, додаде Нуредини.

Во врска со изградбата на колекторски систем за Град Скопје, министерот Нуредини информираше дека заради низа проблеми во текот на градбата од страна на изведувачот, договорот е раскинат и проектот ќе биде довршен со национални средства. Според него, останати се за поставување уште 900 метри цевки и десет шахти.

 

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе