Хуман млад човек од Ново Лисиче помага во пандемијата

Мики од стари компјутери и делови создава „машини“ за онлајн-учење

Мики Цветанов од населбата Ново Лисиче во Аеродром од стари употребувани или расипани компјутери и разни компјутерски делови создава функционални машини за онлајн-настава, кои бесплатно им ги дава на сиромашни семејства за да можат нивните деца да ја следат наставата. Станарите од влезот 3 на зграда кај „Паркот на музиката“, каде што Мики живее, без надомест му ја отстапија заедничката просторија на приземјето за да може тука, од спалната соба на малиот стан, да ја пресели својата хуманитарна дејност. Во адаптацијата му помагаат другарите од маало.

Фото: ЕПА

Спалната соба од станот на Мики Цветанов наскоро ќе се ослободи од многуте стари компјутери, компјутерски делови и друга галантерија, од кои тој склопува функционални компјутери способни да им овозможат на учениците од сиромашни семејства без проблеми да ја следат онлајн-наставата. Станарите од влезот 3 на „Видое Смилевски Бато“ 87, кога разбраа каква хумана дејност развил Мики, се согласија да му ја отстапат заедничката просторија на приземјето.

Мики и неговите другари од маало Боби Шврки, Ристо Ричи, Саше Манго и Саше Топер ги затекнавме во работа – чистење, молерисување, осветлување. Набавија материјал, ги засукаа ракавите и почнаа со работата. Кога ќе завршат со просторијата, велат, ќе се обидат и пред неа да го разубават малиот простор пред влезот за и тој да се вклопи во убаво уредениот и раззеленет амбиент на зградите кај „Паркот на музиката“, пак, создаден од неколкумина ентузијасти жители од тукашните згради, за што пред неколку години добија и посебно признание од општината Аеродром. Другарите и Мики велат, ова е Ново Лисиче, нема играчка со тоа, а посебно овој дел од населбата е познат по тоа што како ретко каде денеска другарите од детството и натаму секојдневно другаруваат и си помагаат.

„Ако не може државата да им помогне на ранливите семејства, може Ново Лисиче колку – толку“, велат неговите другари.

Мики работел во ИТ – секторот, поправал компјутери, едно време и работел и на нивна продажба во маркет во ГТЦ, потоа се обидел во различни мали бизниси. Сега е невработен, има семејство, две деца – прво и трето одделение, среќа сопругата заработува малку и тој самиот овде – онде по нешто. Од стари нефункционални компјутери и делови што ги поседувал им направил два компјутери за да можат да ја следат онлајн-наставата. Вели, само по пет-шест деца одат на настава со физичко присуство, останатите се дома, по одлука на родителите. Ги тестирал компјутерите со оперативен систем Виндоус 7 и со 3 гигабајти рам меморија и успешно работеле. Сега неговите деца немаат проблем со учењето. Од други делови направил уште еден компјутер и му го подарил на свој пријател, кој немал пари да му купи на своето дете. Тогаш ја добил идејата. Посакал да се вложи целиот и да им помага на семејствата што живеат во беспарица.

„Кога ќе успееш да составиш компјутер и потоа ќе видиш насмеани детски лица и среќни мајки и татковци, тоа навистина те исполнува. Нема поубаво чувство од тоа кога знаеш дека некому си помогнал, кога гледаш дека во некој тажен дом си внел малку радост. Кога знаеш дека сега некои деца, кои ќе беа несреќни, можат да учат и радосно да кажат дека дома имаат компјутер и следат настава. Да сме живи и здрави и епидемијава да ја пребродиме, тоа е најважно, ама важно е и на децата да им овозможиме услови. Не знаев дека вака ќе се шири оваа моја случајно започната дејност“, вели Мики.

Своите делови ги комплетирал и со разни други делови и стари компјутери што му ги донеле другарите и направил уште неколку. И тие ги подарил за деца чии родители едвај врзуваат крај со крај. Се расчуло за Мики, па почнале да му се јавуваат социјално загрозени семејства. Преку Фејсбук добрите вести брзо се шират.

Но има и добри луѓе што почнале да му носат компјутери што се расипани или веќе не им се потребни, па и процесори, функционални или нефункционални графички картички и други делови - ем добро дело да се создаде од вештиот и информатички образован Мики, ем тие да се ослободат од непотребната техника. Понекогаш и самиот од својот џеб купува по некој дел што му недостасува, понекогаш преку форумите се наоѓа делот. Така Мики веќе дал 21 конфигурација и толку деца сега немаат проблем со учењето. Во моментов подготвува една конфигурација за самохран татко со пет деца, од кои две се ученици, потоа за две деца од Стајковци, за деца од Радовиш, Демир Капија... една конфигурација ќе оди во куќата на една баба што чува две деца ученичиња – таткото починал, мајката заминала некаде... во моментов работи на 17  половни конфигурација – толку деца ќе бидат израдувани.

Но има и нечесни луѓе. Преку социјалните мрежи бараат компјутер иако не се социјално загрозени. Мики затоа сега има тефтер, запишува што направил, планира што треба да направи, води евиденција за секој компјутер што содржи, сака да види и доказ дека компјутерот ќе оди во семејство што е навистина сиромашно. Некогаш вели, не треба доказ, од лице место сѐ е јасно кого каква немаштија го зафатила.

Мики вели дека и покрај тоа што официјално беше соопштено дека за да работи добро онлајн-платформата за учење на Мајкрософт тимс, дека е потребно да се поседува компјутер или лап топ со минимум 4 гигабајти рам меморија, 64-битен процесор и оперативен систем Виндоус 10 или барем Виндоус 8.1, дека неговите тестирања покажале дека може и со послаби карактеристики. Така, стабилно може да се учи и со 3 гигабајти рам меморија и Виндоус 7, битно е истовремено на интернет-пребарувачот да не се вклучени табови со други содржини, а никако Фејсбук или Јутјуб, потоа треба да се има двојадрен процесор и минимум интегрирана онбоард графичка икс3100. За оперативниот систем вели дека не мора да е Виндоус, туку може и со не многу стара верзија на Линукс - Убунту да се работи, што исто така го тестирал, имајќи предвид дека во услови на пандемијата, Мајкрософт ја отстапи бесплатно апликацијата за симнување и за други оперативни системи.

Бидејќи Мики Цветанов сега има и „прастари“ компјутери, некои познати како ДДР400, од кои не може да се состави поефикасна конфигурација, вели дека има план што да направи со нив.  Кога ќе најде време, ќе ги „среди“ и ќе ги донира, па и тие некому ќе му послужат. Кому? За тоа потоа ќе ни каже.

П.Џамбазоски.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе