13 ученици на возраст од 12 до 17 години изработија Извештај

„Меѓаши“: „Децата не се само деца, тие имаат свое мислење и моќ да променат важни работи“

Првата детска амбасада Меѓаши објави Извештај по направено истражување за правата на детето. Извештајот на „Меѓаши" е изработен од вкупно 13 ученици на возраст од 12 до 17 години од повеќе градови, рефлектирајќи се на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на своето лично и искуството на своите врсници. Во истражувањето опфатени се повеќе теми, меѓу кои и дали и колку децата ги познаваат своите права, како го поминуваат слободното време, колку имаат можност за спорт и здрав живот, колку се безбедни дома, што би промениле во нивните училишта...

Податоците беа собрани во периодот јуни-јули 2020 година преку анкетен прашалник. Според истражувањето, 56,4 % од децата сметаат дека се запознаени со правата на децата, 62,8 % имаат слушнато за Конвенцијата за правата на детето, а само 2,85 % ја имаат прочитано.

Значаен дел од децата се почувствувале дискриминирано во одредена ситуација, а помеѓу најчестите причини за тоа се вбројуваат возраста, полот, како и финансиската состојба на нивното семејство. Децата, исто така, наведуваат дека биле дискриминирани поради нивниот изглед, телесна тежина и боја на кожа, како и поради местото на живеење, нивниот стил на облекување или музика која ја слушаат...

„Многу често сум дискриминирана од страна на моите пријатели од училиште кои што живеат во градот, заради тоа што многу често одам кај баба ми и дедо ми во село каде што имам многу пријатели и се чувствувам убаво. Но, кога ќе се вратам во градот, тие често знаат да ме наречат селанка или да ми се заканат дека нема да се дружат со мене само заради тоа што летниот распуст го поминувам во село и се враќам дома најмногу еднаш месечно. А тие не се свесни дека во текот на учебната година сум цело време со нив и немам прилика да се гледам со пријателите од село кои се многу поразлични затоа што кога имам прилика да отидам во село, тие се среќни што сум дошла да ги видам и секоја минута ја поминуваме во игри и смеа, додека пак кога се враќам во градот, цела недела ми поминува во расправии со пријателите од училиште зошто сум отишла во село наместо да искочам и да се дружам со нив. И многу често се прашувам дали всушност тие ми се вистински пријатели заради тоа што јас ги сакам и почитувам премногу сите од нив само што не се чувствувам како љубовта и почитта да ми се возвраќаат во истата количина", е изјавата на едно од децата објавена во Извештајот. 

Децата изјавуваат дека се дискриминирани и поради возраста на родителите, а едно од нив вели дека истепало друго дете поради навреди упатени кон негово другарче дека нема пари и е циган.

Децата најчесто се информираат за своите права во училиштето (92,33 %), од интернет (55,83) или пак во нивните домови (51,91). 95% од децата сметаат дека и децата и возрасните треба да едуцираат повеќе за детските права.

Децата сметаат дека нивните права најмногу се почитуваат во нивните домови, додека помалку во училиштата и нивното место на живеење. Така, 56,84 % сметаат дека детските права целосно се почитуваат во домот, 37,32 % сметаат дека детските права целосно се почитуваат во училиштето, додека 28,19 % во местото на живеење.

Децата наведуваат бројни случаи кога правата на децата не се почитуваат, вклучително кога децата се предмет на дискриминација и насилство, кога децата се спречени да посетуваат училиште, кога нивното мислење не се почитува, кога тие живеат во сиромаштија, кога им е загрозено правото на здрава животна средина поради загадениот воздух.

Најголем дел од децата (61,76 %) сметаат дека децата се моќни да променат само некои од работите што им се важни.

Децата истакнуваат дека недоволното почитување и вреднување на нивното мислење од страна на возрасните претставува една од главните пречки поради кои тие не можат да ги променат работите кои им значат, додека дел ги наведуваат недостатокот на искуство, ниската информираност, возраста и недоволната помош од возрасните, како и системските пречки од економска, политичка природа и општествените норми кои го ограничуваат детското учество.

За тоа колку имаат слободно вре,е 53 % од учениците сметаат дека секогаш имаат доволно слободно време за активностите во кои уживаат, 64,07% наведуваат дека слободното време им е ограничено поради премногу домашни задачи и други училишни обврски, а речиси 80 % од децата имаат услови за учество во активностите во кои уживаат во местото на живеење, но наведуваат многу работи кои недостасуваат како: зелени површини, места за спорт и рекреација, културни и едукативни активности.

Децата кои живеат во рурални средини и помали градови особено го истакнуваат недостатокот на услови, активности и места каде тие би го поминувале своето слободно време.

Најчесто децата го поминуваат времето дружејќи се со другарите надвор од домот, слушајќи музика или на социјалните медиуми. Многу е помал процентот на оние кои посетуваат културни настани, кино, приватни часови по музика и шетање на домашно милениче.

Повеќе од половина од испитаниците имаат безбедни и чисти јавни површини во непосредна близина, додека речиси 1/3 сметаат дека зелените површини во нивна близина не се чисти и/или безбедни. За 2/3 од децата проблемот со загадениот воздух, особено во зимскиот период е секојдневие.

Децата истакнуваат дека загадениот воздух во голема мера влијае на нивното физичко и ментално здравје, го ограничува нивното секојдневно функционирање и ги принудува да го поминуваат најголемиот дел од своето време затворени во нивните домови.

Дел од децата нагласуваат дека веќе се навикнати да живеат во такви услови и дека загадениот воздух не им влијае на нивното секојдневие или пак на нивното расположение.

Покрај загадениот воздух, децата наведуваат низа други еколошки проблеми во нивното место на живеење, како нечисти јавни површини, загадување на водите и почвата, недоволно зеленило, фабрики во близина на населени места кои испуштаат штетни материи, диви депонии, често палење ѓубре, рудници и недостаток на еколошка свест во државата.

Најголем дел од децата (62,80 %) имаат учествувано во некоја активност за заштита на животната средина.

Децата најчесто се информираат за своите права во училиште, од интернет или пак во нивните домови . Сепак, многу мал дел од испитаниците сметаат дека децата и возрасните се доволно информирани за детските права, и дури 95 % сметаат дека постои потреба од поголема едукација и на децата и на возрасните.

Децата истакнуваат дека недоволното почитување и вреднување на нивното мислење од страна на возрасните претставува една од главните пречки поради кои тие не можат да ги променат работите кои им значат, додека дел ги наведуваат недостатокот на искуство, ниската информираност, возраста и недоволната помош од возрасните.

Некои од испитаниците сметаат дека постојат и системски пречки од економска и политичка природа, како и општествени норми кои го ограничуваат детското учество. Од друга страна, децата објаснуваат дека се моќни да ги променат работите кои им се важни, затоа што имаат право на тоа, како и затоа што имаат доволно знаење, капацитети и потенцијал.

Децата сметаат дека тие не се само деца и не значи дека ако не се политичари, не можат да ги менуваат работите. Сметаат дека треба да им се даде право на мислење и дека треба повеќе да бидат информирани за нивните права, да се прашуваат за мислење и да не се ставаат во втор план.

 

К.Д.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе