Локализирани се и шумските и пожарите по депониите

Пожарот што од пред два дена беснее на потегот во планунските ридови помеѓу беровските селата Будинарци и Митрашинци е локализиран вчера попладне во 17 часот. Вчера се запалија и денониите во Скопје, Штип и во делчевското село Очипала.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека тимовите и сите други учесници во гаснењето на пожарот во Беровско се вратени во базите, а на терен остануваат дежурни екипи од Шумското стопанство „Малешево“ – Берово.

Во објава на својот профил на Фејсбук, ДЗС посочува дека во текот на денешниот ден ќе се направи контрола на теренот.

 Во гаснењето на пожарот учествуваа тимови од ПОЗС Берово, Валандово и Куманово. Тимот од Свети Николе со пумпи беа ангажирани за полнење со вода базенот за полицискиот хеликоптер. Ер тракторот дејствуваше на неколку наврати до целосно локализирање на пожарот, наведоа од ДЗС.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Берово, Сашко Руменовски информираше дека во гасењето на пожарот од утринските часови имале и хеликоптерска поддршка со направени над 27 прелети. Користена е вода за гаснење на пожарот од импровизиран базен во соседното село Будинарци, изјави вчера Руменовски.

Центарот за управување со кризи (ЦУК), информираше дека покрај полициски хеликоптер во гаснењето на пожарот се вклучени 20 лица од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), 35 вработени во шумските стопанства, како и неколкумина локални жители.

Според ЦУК, близу пожарот е направен базен со вода од противпожарните сили од кој хеликоптерот го полни со вода ведрото и времето на дејство е скратено за три пати, бидејќи не мора да полни од Беровско Езеро.

Вчера во попладневните часови се реактивираше пожарот на депонијата за градежен шут кај месноста Ралова Чука во делчевското село Очипала, кој беше локализиран во петокот вечерта.

Во попладневните часови вчера поради високите температури избувна пожар на депонијата „Вардариште“, лоцирана спроти Јавното претпријатие „Лајка“ во Скопје, кој го изгаснаа две противпожарни возила, а се самозапали и депонијата „Трештена Скала“ во Штип, каде интервенираа пожарникари со две цистерни со вода и багер.

Во однос на други пожари во државата што биле службено регистрирани во претходните 24 часа, скопската Бригада за противпожарна заштита (БППЗ) имала пет интервенции од кои две поради запалено стрниште и поради опожарена ниска вегетација. Во двата пожари вкупно се уништени се околу 6.000 квадратни метри.

Територијалните противпожарни единици (ТППЕ) од Битола и Прилеп имале по една интервенција, додека валандовските пожарникари имале три интервенции – две поради запалена ниска вегетација и меѓи во село Брајковци и една за гаснење на запалена шума на површина од два декари кај село Дедели.

Кичевската противпожарна единица со пет пожарникари и едно возило гаснела запалено стрниште кај село Црвивци, додека ТППЕ од Охрид имала една мала интервенција.

Велешката територијална противпожарна единица со пет пожарникари и едно возило интервенирала за гаснење запалена ниска вегетација кај градската депонија, а ТППЕ Кавадарци, со двајца пожарникари и едно возило, гаснела запалена ниска вегетација во близина на село Фариш на патот кон Плетвар.

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе