Осуденичките во „Искра“ му најдоа место на новороденчето

Леон, бебето родено во затвор во екот на ковид-19, замина дома да расте на слобода

Во месец мај во време кога светот, а и нашата држава се бори со пандемијата од ковид-19 во затворот во Идризово осуденичка роди здраво машко бебе. Му дадоа име Леон, а неговото раѓање најде свое место и низ страниците на осуденичкиот весник „Искра". Ова бебе е прво родено во затвор по период од можеби 15 години.

Низ страниците на весникот, осуденичките раѓањето на малиот Леон го опишаа како искра надеж во едно невреме кога ова бебе им донело среќа.

Мајката на Леон има 24 години и во женскиот дел од затворот издржуваше казна за разбојништво и тешка кражба во траење од 5 години и 10 месеци.

На мајката ова и е четврто дете. Пред него има 2 сина и една ќерка.

„Кога почна корона вирусот и галопираше низ светот мислев дека е многу далеку и можеби не му обрнав внимание. Кога веќе пристигна и во Македонија, бев на викенд и имав помалку време да мислам на тоа. Кога се вратив од викенд, првото нешто што го чув на капија беше дека повеќе нема посети, нема викенди и дека од тој ден КПУ Идризово е во карантин. Во мене се уште беа свежи импресиите од поминатото време со семејството и повторно не дозволив да мислам на вирусот", напиша осуденичка опишувајќи го периодот пред раѓањето на бебето во затворот во Идризово.

Низ страниците на весникот во делот посветен на Леон осуденичката вели дека по информацијата за првиот пациент заболен од корона вирус кај нас, во женскиот дел од затворот следел шок, карантин, вонредна состојба, рестриктивни мерки, полициски час, вести, прес-конференции, стравови, мислења, бројки за жртви, новозаболени, отворени онлајн дискусии, маски, ракавици...

„Она што беше далечно, она што беше само фикција во филмовите на Стивен Спилберг стана сурова реалност тука и кај нас и околу нас. Завладеа стравот. Стравот за нас, за нашите блиски, за луѓето околу нас, за луѓето што ни се драги. Преку ноќ замре се. Не сакам ни да мислам како ја минавме таа прва недела со вестите за вирусот. И некако потоа минуваше времето, навикнавме се да биде посветено на тоа. Деновите минуваа, бројките беа повисоки, па и го очекувавме и второто и трето продолжение на вонредната состојба. Вирусот ни беше секојдневие и научивме да живееме со тоа. И се уште живееме, веќе неколку месеци", дополнува осуденичката во весникот „Искра".

Единствената светла точка во ова време за осуденичките во затворот пристигнала доцна вечерта на 22 мај, кога ја примиле веста дека една осуденичка на свет донела здраво машко дете.

„Емоциите и чувствата на секоја од нас беа различни. Но тоа бебе ни донесе таква искра на среќа. Со нетрпение чекавме Леон да ни го донесат. Тоа мало ситно невино душиче нам ни беше се. Како со раѓањето на Леон да заборавивме на секојдневните вести за вирусот. Секоја од нас на различен начин го доживуваше времето минато со Леон. Како штафета минуваш низ многуте женски раце . Кога пристигна Леон, пристигна и веста за укинување на рестриктивните мерки и олабавување на дел од нив. Велевме дека Леон ни донесе среќа. Каков само мир ни влеваше, чувство на среќа и спокојство додека го држевме во раце, а потоа си спиеше мирно со рацете во вис чиниш е господар на Универзумот", опишува осуденичката.

Но, како што вели нивната среќа траела кратко бидејќи по само една недела отако се родил зад решетки, Леон си заминал дома да расте на слобода.

„Чувствата ни беа измешани и се плашевме дека искрата на среќа ќе ни избега.Сите му посакавме среќно и безгрижно далеку од сивите ѕидови и решетките на кои беше осуден од стартот на својот живот. Се уште не ни легнаа емоциите кога повторно се вративме во реалноста на вирусот. Повторно карантин, повторно полициски час, повторно високи бројки. Ние мораме да продолжиме да живееме со вирусот и еве не пак пред ТВ екраните како во исчекување на новите вести чекаме да чуеме како и кога ќе се врати животот во нормала", завршува осуденичката.

На породената осуденичка и следува период од 9 месеци за да може да биде со своето дете. Откако ќе изминат 9 месеци, мајката треба повторно да се врати во затвор каде треба да продолжи да ја издржува затворската казна.
Но, овој пат сама, без своето бебе. Иако Леон е роден во затвор, сепак тој е дете кое како и останатите, има право да расте на слобода.

Леон се роди во можеби еден од најтешките периоди низ кои минува секој од нас. Период на заразна болест за која сите сме чуле и на која сите барем по еднаш сме помислиле. Но, тој расте безгрижно бидејќи е мал. Не знае ниту во каков период се родил, ниту каде се родил.

Можеби еден ден некој ќе му ја раскаже неговата приказна, дека е тој роден зад решетки без да биде виновен.

Но, и зад решетките има чувства и таму осудените имаат емоции. И таму првите денови од неговиот живот ги минал растејќи со љубов.

Тоа ни го покажува и описот на осуденичката во весникот наменет за осудените лица кои редакцијата на МКД.мк го доближува и до читателите.

 

К. Додевска 

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе