„Сметам дека карантин е неопходен за Прилеп. Состојбата е загрижувачка и не смееме да дозволиме да излезе надвор од контрола. Само вчера починаа шест граѓани, а просечно има по тројца починати. Ова е време кога треба сите да помогнеме. Затоа не само што две недели работниот ден го почнувам на инфективното одделение со цел од технички, организациски и медицински аспект да им помогнам на колегите, туку упатив апел и до сите матични лекари, медицински сестри, целиот персонал да одвојат дел од слободното време и да се вклучат во борбата со ковид-19 за да ја надминеме што поскоро оваа состојба," вели градоначалникот Јованоски.
Вчера во Прилеп беа регистрирани вкупно 78 нови заразени со ковид-19. Јовановски смета дека пикот ќе се достигне на крајот на овој месец, и дека потоа ќе се намали притисокот што сега се чувствува во општата болница, барем за одреден период.
„Има место за сите пациенти засега, на располагање се 100 болнички кревети. Освен во инфективното одделение, каде остануваат најургентните случаи, пациентите се хоспитализираат во очно, одделението за уво, нос и грло, во еден тракт од интерно одделение, неодамна и во гинеколошкото, а терапија пациентите примаат и во одделот за физикална терапија, што исто така е ставен на располагање на потребите на пациентите со ковид-19," додава Јованоски.
Градоначалникот на Прилеп, по утринската волонтерска работа во прилепската болница, работниот ден го продолжува во Општина Прилеп. Но, во вечерните часови од 19 до 22 часот, тој е повторно со пациентите во инфективното одделение. Помага секаде каде што е потребно.
Вели дека ќе биде со колегите лекари се додека им е тоа потребно и додека така налага состојбата во Прилеп.