Невреме во попладневните часови

Истура силен дожд во речиси цела Македонија

Обилни врнежи, на места проследени со силно невреме, ја зафатија Македонија во попладневните часови. Во некои места силниот ветер искорна дрвја, има штети и врз возила врз кои паднале дрва и гранки. УХМР извести дека до 16 часот во Прилеп наврнаа 25 литри дожд на метар квадратен, во Крушево 23, во Маврово и Пожаране 12, во Охрид шест, во Битола пет, во Тетово и Виница четири, во Демир Капија два, а во Скопје на Зајчев Рид еден литар дожд на метар квадратен. Но дожд и натаму врне.

Врнежите од дожд проследени со грмежи, како што посочуваат од УХМР, почнаа попладнево во југозападните и јужните делови, а подоцна се проширија и локално беа во форма на невреме со интензивен пороен дожд и силен ветер. Во Штип ветерот достигнуваше до 60 км/час, а во Струмица до 45 км/час.

До крајот на денот времето ќе биде облачно со врнежи од дожд проследени со грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (над 35 л/м2), појава на град и силен ветер со брзина над 60 км/час. Обилни врнежи од дожд ќе има и во текот на ноќта. И во Скопје врнежите од дожд во делови од котлината повремено ќе бидат обилни и поројни проследени со грмежи и засилен ветер во форма на невреме, информираат од УХМР.

Времето утре ќе биде претежно облачно и свежо со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни (10 до 20 л/м2). Локално врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и со услови за појава на град. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната значително ќе опадне во однос на денешната и ќе се движи од 18 до 24 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно и свежо со врнежи од дожд, кој повремено ќе биде обилен и пороен. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде околу 17, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Од недела следува период на претежно стабилно време со постепен пораст на температурата, потенцираат од УХМР.

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе