Државата под концесија дава ливади кај Лазарополе кои се во заштитено подрачје

Вчера заврши рокот за пријавување на јавниот оглас за закуп на земјоделско земјиште распишан на 24 јуни од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На списокот за давање на земјиште под концесија се и 39 хектари од атарот на селото Лазарополе, за што мештаните воопшто и не биле информирани, а згора на тоа се работи за заштитено подрачје во Националниот парк Маврово заради ендемичните видови на флора и фауна и биодиверзитетот. Тоа за надлежните од Општина Маврово Ристуше, веќе по обичај, не претставува никаков проблем.

Се работи за земјиште, кај местото викано Ливатчија, на кое мештаните со години ја одржуваат традиционалната манифестација „Фестивал на нарцисот, Лазарополе цути“. Причината за организирање на оваа манифестација е токму заштитата на влажните ливади, на флората и фауната, на природните разноликости, на ендемските влажни нарцисови ливади, на рисот, на дивата коза (Rupicapra rupicapra), на срната (Capreolus capreolus), на дивата мечка (Felis silvestris), велат од Месната заедница Лазарополе.       

„Судирите на предаторските видови и човекот во суштина се продукт на социо ‐ економските и политичките услови во регионот. Овие судири се потенцираат поради компетицијата помеѓу луѓето и предаторите во однос на лимитираните ресурси кои заеднички ги користат.

На подрачјето на Националниот парк Маврово постои широк простор за судири на интересите со човекот, од причина што на ова подрачје егзистираат релативно бројни популации на крупните карниворни цицачи (волк, мечка и рис), како и релативно голем број на други карниворни видови со мала и средна големина. Намалувањето на тензиите помеѓу одредени видови цицачи и локалната заедница, придонесува за помал антропоген притисок кон нив. Во таа смисла, мерките за заштита, превенција и компензационите шеми, во иднина мора да се развиваат и применуваат, како една од мерките за зачувување и заштита на цицачите во заштитеното подрачје“ (од  студијата за Заштита на животната средина, економски развој и промоција на одржлив еко-туризам во Национаен парк Маврово изработена од страна на OXFAM Италија, по барање на НП Маврово и Министерството за животна средина).

Според огласот на Министерството за земјоделство, овие 39 хектари (почетна цена на надавањето е 1.180 евра) ќе треба да се искористат за лозја, овоштарници, хмељ, насади со лешник, маслинарници, пчелни семејства, ливади, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште, спортско-рекреативни активности или рурален туризам.

Мештаните се револтирани затоа што никој за ништо не ги прашал. Месната заедница немала никаква информација се додека некој од нив сосема случајно не го видел јавниот оглас на интернет страницата на Министерството за земјоделство. Тие се незадоволни и од однесувањето на градоначалникот на Маврово Ростуше, Медат Куртовски, кој сега е владин повереник. Едноставно, велат тие, ова не може да помине без наше знаење и без дозвола од Националниот парк. А тоа пак се прави, како и во бројните претходно издадени дозволи за градба без одобрување на НП Маврово и на ЕСМ, државната компанија која управува со Мавровското Езеро.

На месноста Ливатчија растат бројни ендемски видови растенија, со биолошка разновидност, а ваквиот вид на ливади е многу невообичаен и редок. Според Законот за заштита на природата се работи за заштитено подрачје за кое мора да се води сметка за заштита на еколошкиот интегритет на еден или повеќе екосистеми за сегашните и идните генерации. Според законот, на ваквите подрачја забранета е каква било експлоатација или друг вид на употреба со која може да се наштети на целите на заштитата. Ливадите претставуваат посебен вегетациски тип со специфичен флористички состав, вегетациска структура и еколошки карактеристики, за чие зачувување многу значаен фактор претставува човекот.

Затоа бараме итно стопирање на издавањето под закуп на парцелата број 118/1 во село Лазарополе, бараат од месната заедница и додаваат дека „ливадите се душата на Лазарополе“.

Тие потсетуваат дека сопственоста на ова земјиште се уште не е решено. Откако се формирала земјоделската задруга „Кочо Рацин“, селаните своето земјиште го отстапиле или присилно здружиле на новоформираната задруга, но не го отуѓиле од лична сопственост. Земјиштето е сопственост на приватни лица, а овој проблем е во фаза на решавање. Со укинувањето на задругата, земјиштето станува државно (Уверение за историски преглед на извршените запишувања за КП 118/1 КО Лазарополе, бр.1107-234/2015 од 18.02.2015 година), но без договор со поранешните сопственици, жители од Лазарополе.

Се чека на одговорот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барањето на МЗ Лазарополе за поништување на овој оглас за давање под концесија на 39 хектари.

А.Д.

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе