Лоша среќа, кривично дело или не докрај завршена работа на институциите

Црногорската полиција за 5 минути го откри бункерот со дрога во крајслерот што 3 години го возеле македонски полицајци

Агенцијата за управување со одземен имот уште во 2018 година го дала на користење на МВР крајслерот во кој вчера беше најдена дрога, а со кој полициски службеници патуваа до Црна Гора. Информацијата за МКД.мк ни ја потврди Фатос Асани, директор на Агенција за управување со одземен имот. Тој во телефонски разговор до детали го објасни начинот на кој возилата се чуваат во Агенцијата со која раководи и потврдува дека нивната надлежност е само да ги чуваат возилата, а не да ги претресуваат. Овој автомобил се чувал во Агенцијата од 2016 година, кога бил запленет од Царинската управа, а потоа, пред 3 години бил предаден на користење на МВР. Зошто возилото кое било предмет на кривична постапка за трговија со дрога не било до крај претресено и дали и како дрогата останала внатре, останува да покаже истрагата. 

МВР вчера по информацијата дека полициски службеници се фатени со дрога, ги одбрани полицајците дека не се вмешани во шверц со наркотици, туку возилото им било дадено од Агенцијата за одземен имот. За тоа дали и кој не си ја завршил работата на време, дали се работи за кривично дело или пак, полицајците имале само лоша среќа, првиот човек на Агенцијата за управување со одземен имот вели дека ќе одговори Обвинителството.

Истрагата ќе треба и да покаже како е можно во институција која што е задолжена за откривање на шверц на дрога, да седи автомобил полн марихуана цели 3 години и никој да не забележи дека во бункери под седиштата има дрога. Згора на се, уште возилото да се вози во Црна Гора и таму цариниците да откријат се што овде не било откриено цели 5 години, односно од 2016 кога ова возило било запленето од Царинската управа, па предадено на Агенцијата за одземен имот и на крајот на МВР.

„Ќе ви објаснам детално за да нема недоразбирања. Искрено, кај нас изгледа дека само лошата вест е добра вест, и за жал полицајците имале и лоша среќа односно некој на време не си ја завршил работата. Во случајот агенцијата располага со имот кој што е одземе од страна на судот, на Царина или на полиција, Финансиска полиција... Во моментот кога се одзема било што е само чувар на истото и го чува се додека не добие правосилно решение од страна на Судот. По ова, има две опции или истото возило да го продаде или да го отстапи на државна институција. Ние сме сиромашна држава и мојата политика до сега беше повеќе возила да се отстапуваат на државни институции отколку истите да одат на продажба. Зошто? Затоа што имаш болници кои им фалат возила, а се грижат за нашето здравје, го имаме и МВР на кое му се доделени околу 100 возила за овие 4 години, бидејќи се грижат за нашата безбедност. Сме отстапувале возила и на пожарна бидејќи и тие се грижат за нашата безбедност. Во овој конкретниот случај за кој што ме прашувате, ова возило е одземено во 2016 година од швајцарски државјанин. Правосилно решение до Агенцијата за одземен имот е доставено во 2018 година кога сме одлучиле да им го доделиме на МВР", ни изјави Асани.

Тој појаснува дека обврската на Агенцијата не е да ги проверува и претресува возилата, туку само се чувари на истото.

„И да сакаме, не смееме да ги отвораме, ниту претресуваме возилата, немаме такви надлежности. Во 2018 не било претресено пред да се даде на МВР бидејќи не сме должни да го претресеме пред да го предадеме. Мене ми е многу жал што истите тие возила се во голема бројка и немало континуирана работа на институциите и тие си се трупале. Во државата има над 10.000 возила кои што се одземени, но не се сите на нашите плацови. На нашиот плац има само 3 до 4 илјади, но бројката е поголема по полициските станици, Македонски шуми. Најголем број од овие возила се од дрвокрадците", додава тој.

Асани вели дека е рано да биде повикан во Обвинителството за овој предмет, а целата документација што Агенцијата за одземен имот ја има за овој автомобил е само записник од примопредавањето на возилото на МВР и пресудата.

„Сме добиле пресуда и тоа ние основа или да го предадеме возилото на институција или да го продадеме. Ова возило е одземено е од Царинска управа", дополнува Асани.

Постапката ја појаснува и поранешниот директор на Агенцијата за одземен имот, Ванчо Шехтански. Тој вели дека за секое одземено возило се прави записник за прием на тоа возило.

„ Тоа подразбира дека возилото претходно е детално прегледано од полицијата, царината или од судот, дека е сѐ запишано во записникот. Тоа се прави заедно меѓу вработени на Агенцијата и полицијата, или царината или од судот, во зависност од каде е одземениот предмет. Ова се прави согласно Правилникот за постапување со времено запленети предмети. Кога има сомневање, се земаат и кучиња трагачи за да ја откријат дрогата. Така, ако се почитувала процедурата, нема шанси во возилото толку години да остане дрога", вели Шехтански.

За тоа кој постапил кој не постапил, кој ја оставил, или не ја открил дрогата во возилото, одговори треба да даде Обвинителството.

МВР вчера по објавување на настанот го соопшти следново:

„Во текот на вчерашниот ден, вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена под седиштата. Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје", се вели во одговорот што МВР ни го истари.

Од таму додаваат дека за целиот случај го известивме и нашето Јавно обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот.

Дрогата е пронајдена во полициско возило, а како што соопшти царинската служба на Црна Гора службеници на царинска испостава во Сукобин во координација со полициската управа, заплениле дрога и спречиле шверц при контрола на автомобил со регистарски таблички од Македонија. Автомобилот се движел од правецот на Албанија кон Црна Гора.

Службеници во царинската испостава Сукобин, во координација со Полициската управа, при контрола на патничкото моторно возило, пронашле поголема количина на растителна материја за која постои основано сомнение дека се работи за наркотици.

Возилото со регистарски таблички на Македонија се движело од правец од Албанија кон Црна Гора, а супстанцата, спакувана во неколку поединечни пакувања, била пронајдена во скриен бункер на возило наменето за криумчарење.

К. Додевска 

 

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе