Хуманитарна мисија

Берберот Али, Турчинот од Чаир што продаде БМВ Х5 за да им купи храна на гладните

Сакам да помогнам, сакам да бидам како водач на војска што ќе може да стаса на секоја адреса каде што има гладни и тажни деца. Но ако никој не ми помогне и државата остане глува на моите апели, ќе морам да престанам бидејќи не можам да одговорам на сите барања, додава Али.

Мигот може да ви го промени живот, но и вие за миг можете да промените нечиј живот. Ако ви се чини дека може да ви се случи или едното или другото, една човечка и човечна судбина ќе ви покаже дека може да доживеете сѐ заедно.

Приказната на Февзи Али, Турчин што живее во Македонија, а работел во Виена, ги спојува трагедијата и среќата во едно. На овој човек животот и тука и таму му покажал дека мигот го менува живот, во првиот случај на лошо, а во вториот на добро.

До 2009 година Али живеел скромно и работел како бербер продолжувајќи го семејниот бизнис на својот татко во берберницата во Скопје. Воопшто не ни помислувал дека можеби еден ден ќе заработува доста посолидно. Заминал во Виена на гости кај братучед, а токму таа посета му ја отворила вратата на неговиот успех.

„Заминав кај братучед ми на гости, да го видам и да прошетам. Сакам да шетам по убави места. Се запознав со еден сопственик на фризерски салон за мажи и жени и така на шега се договоривме да види како работам. Потстрижив еден муштерија, па потоа друг и така... Во наредните денови еден од вработените мораше да замине на неколку дена поради обврски и бев повикан да го менувам“, ни раскажа Али.

Она што газдата на берберницата го натерало да му понуди да остане да работи се парите, односно прометот што успевал да го направи и, како што вели, поради квалитетното работење, но и поради тоа што умее да зборува неколку јазици. Од сите нив се чини дека најдобро го зборува јазикот на хуманоста. 

„Зборувам убаво турски, албански, македонски, германски. По малку знам и француски, српски, а сега се дружам и со Роми и учам и од нивните зборови. Со секој муштерија умеев да зборувам на неговиот јазик. И знаете, кога умееш да зборуваш на нивниот јазик, ќе ги насмееш и ете, така се прави промет. Не е само да знаеш да работиш, треба да умееш со муштериите“, вели Али со насмевка.

Насмевка имал и неколку години додека работел во Виенa, каде што во тимот во кој подоцна станал шеф, работи со 27 колешки.

Од мај, 2009 до ноември, 2019 година работел во Виена, а кратко во земјава се вратил во 2014 година. Пожарот што за малку за него ќе завршел кобно, му донел огромна промена во животот и тогаш Али се заколнал дека кога ќе се оправи и ќе застане на нозе, ќе им помага на луѓето и наместо да ги чува парите, ќе ги вложува за некого да го направи среќен.

„Добрината се наоѓа во срцето на луѓето, само треба да ја разбудиме. Во 2014 година дојдов на краток престој од Виена во Македонија, доживеав тежок пожар во зградата каде што живеам во Чаир. Се запали зградата и гореше од 5. до 9. кат. Кога се запали првиот стан, пожарот многу брзо се прошири и во горните катови. За да се спасам, кршев стакло и само што успеав да скокнав во друга просторија од станот, слушнав силна експлозија од плински боци. Миризбата од плинот почна да ме гуши и потоа не се сеќавам многу. Знам дека некој му зборуваше, ме симнуваа надолу, ногата ми беше расечена и имав огромна рана. Две недели сум бил во кома на Токсикологија и не знаев дали сум жив или мртов“, раскажуваше Али.

Нашиот соговорник вели дека кога се разбудил, почнал да ги гледа луѓето, но како во магла. Си ветил себеси, а како што вели, и на бога, дека дел од тоа што го заработил ќе го даде во хуманитарни цели на луѓе на кои тоа им е најпотребно. Кога застанал на нозе, Али повторно заминал во Виена и заработувал и за себе, но и за да го оствари ветувањето што го дал.

„Сум им дал многу пари на луѓе и воопшто не жалам за тоа. Периодот со короната најмногу го искористив за тоа, бидејќи во овој период има многу луѓе што останаа без работа и без приходи. Приоритет имаат самохраните мајки. Во Македонија пак се вратив во 2018 година за свадбата на брат ми и сега пак пред Нова година.

Али раскажува дека кога овде повторно почнал да работи во семејниот фризерски салон, најмногу го изненадила, но и разочарала, поделеноста меѓу луѓето, како и нивните тажни судбини.

„Многу тажни судбини и сиромашен народ има овде во Македонија. Многу социјални случаи има. Кога ќе потстрижев некој, знаеле да ми кажат 'Али, немам пари да ти платам, не сум платил ниту струја'. И така почнав да помагам, а воедно да го реализирам тоа што го ветив. Јас сум човек од збор. Почнав да им помагам на 3 семејства. Почнав да објавувам на Фејсбук за мојата мала и скромна мисија. Стасуваа пофалби, но и барања за поголема помош и така ја отворив страницата за хуманост 'Биди Али'“, додава Али.

Моќта на социјалните мрежи, вели, му помогнала за да може да открие каде сѐ е потребна помош, но и му ја отежнала работата, бидејќи тој е еден, а трите семејства со кои ја почнал хуманитарната мисија станале 30, па 300...

Секој негов ден почнува во 5.30, кога ја носи сопругата на работното место, а потоа се враќа дома и со првото утринско кафе прави список што и на кого тој ден треба да му однесе.

„Се расчу дека Али е хуманитарец. Секој ден правам список наутро со првото кафе. Купувам најчесто сол, шеќер, брашно, леб, млеко, памперси за бебиња на самохрани мајки, лекови. Носам дневно околу 30 пакети, а трошам отприлика околу 15.000 денари секој ден за хуманитарни цели. Го давам прометот од дуќанот, но и дел од она што го заработив во Виена. Имам свој буџет што решив за хуманост да го дадам и имам документи за сѐ што сум заработил“, вели Али.

Според неговата пресметка, тој до сега за 8 месеци во својата хуманитарна мисија потрошил околу 12.000 евра. За да може да им помогне на сите што му побарале помош, вели, пред неколку месеци за осум и пол илјади евра го продал едниот џип БМВ Х5 и сите ги дал за да помогне.

Дневно добива по 50 до 60 пораки и вели сега веќе не ги бара тој луѓето, туку тие го наоѓаат него. На страницата на Фејсбук „Биди Али“ овој човек испраќа и апели за донации и помош од хумани луѓе, бидејќи како што вели, тој е еден, а помош треба на многу места.

Но од пораките што ги добива 90 отсто се барање помош, а само 10 отсто за да му понудат нему да му помогнат, и финансиски и за носење на производите.

До 15 часот е во дуќан, а потоа, вели, пазари и разнесува пакети до 22 часот, а некогаш и до подоцна. На ден поминува по 120 километри низ Скопје за да може да стаса секаде да однесе пакети со храна.

„Носам пакети со храна, а сега почнавме и да реновираме куќи што изгореле во пожар и оставиле семејства на улица. Направив соработка за реновирање на 15 куќи, но тоа сега е во застој бидејќи сопственикот се повреди во сообраќајка и чекаме да се оправи за да продолжиме. Сакам сите деца на светов да бидат среќни. Им направив неколку родендени на дечиња што никогаш до сега не прославиле роденден. Нема поскапоцен подарок за мене од детската насмевка“, раскажува Али.

Приказната за хуманоста што Али ја почнал на Фејсбук сака да ја продолжи во организација што ќе има вработени лица и ќе функционира за да може да му помогне на секој, но апелира за поддршка од државата и од политичарите.

„Политичарите треба сами да се свесни, да донираат и да излезат од министерските фотелји за малку да се соочат со реалниот живот на сиромашните. Малку да го следат мојот пример и да учат за хуманост од мене. Пратив порака и до претседателот Стево Пендаровски. Ме побараа од кабинетот и ми кажаа дека ќе ми дадат поддршка. Но досега освен пофалните зборови за мене друга помош нема“, додава хуманитарецот.

Неговиот предлог е да има народна кујна во која секој ден ќе можат да се хранат оние што немаат што да јадат и немаат приходи. Состојбата овде, вели Али, е загрижувачка со тоа на колку луѓе им е потребна помош. Како пример ја наведе Виена, каде што вели дека секое социјално семејство зема по 820 евра помош месечно и дека таму нема гладни и заборавени од државата.

„Мојата идеја за во иднина е да отворам хуманитарна организација со официјално седиште, администрација, правно лице и вистински да функционира како што треба и сѐ да биде чесно. Сега ми ветуваат, но никој не ми помага. Мене не ми треба да ме фалат, ми треба помош. Не за мене, туку да има повеќе како мене и да го намалиме полека бројот на оние што гладуваат и се без пари. Скоро 9 месеци сум во оваа мисија, која почна како мала хуманитарна помош, но доби големи размери. Сакам да помогнам, сакам да бидам како водач на војска што ќе може да стаса на секоја адреса каде што има гладни и тажни деца. Но ако никој не ми помогне и државата остане глува на моите апели, ќе морам да престанам бидејќи не можам да одговорам на барањата на сите, ниту финансиски, ниту физички“, додава Али.

Ако тој ја прекине својата мисија, вели дека Македонија ќе изгуби еден од ретките хуманитарни луѓе што се решиле на ваков начин да помагаат.

Разговорот со него, поради препораките и заштитата од ковид-19, го правевме преку модерен начин на комуникација, односно онлајн.

Порака што тој на крајот ја сподели со нас е дека „Хуманоста е гаранција за на другиот свет, колку и да имаш пари, еден ден ќе немаш ништо“.

Секој што сака да помогне со пари, производи, облека, материјали за реновирање на куќи... може да му пише на Али на фејсбук-страницата „Биди Али“, каде што е отворена и донаторска смета, или да го побара на телефонскиот број 070330566.

Катерина Додевска

Објавено

Вторник, Октомври 20, 2020 - 14:53

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе