Кампања

Барање пролетни јаглики

Кампањата за граѓанска наука „Барање пролетни јаглики“ бара учесници од целиот eвропски континент за да помогнат во развој на науката и зачувувањето на природата. Минатата година, благодарение на учесници од над 20 земји, собрани се податоци за повеќе од 400.000 цветови на јаглики.

Само од македонските учесници се собрани над 3.000 набљудувања, што е впечатлив број, особено за Јужна Европа, каде што бројот на учесници е релативно мал. И оваа година, благодарение на апликацијата за набљудување и објаснувањата достапни на македонски јазик преку страницата, секој може да им помогне на научниците да соберат што повеќе информации за јагликите. 

Македонските соработници на кампањата подготвуваат и други изненадувања за најмладите, но и за сите љубители на природата. „Нашата цел е да ги мотивираме луѓето да излезат во природа, да ја набљудуваат нивната околина, да научат повеќе за јагликите и како да ги зачуваме“, вели Бојана Стојанова, професорка на Остравскиот универзитет во Чешка и координатор на македонската кампања.

„Оваа пролет сите македонски институции кои се дел од кампањата ќе организираат работилници за да ја запознаат пошироката публика со специфичноста на јагликите и нивната важност во ливадските екосистеми преку игра и забава, како и научни екскурзии за набљудување на јаглики. Ќе организираме и натпревар за најуспешното одделение на бројачи на јаглики, кои ќе добијат награда од Наука за деца. Но дури и оние што не можат да се приклучат во настаните од Пролетта на јагликите, може сами да излезат во природа и да ни ги пратат податоците од нивните набљудувања“, објаснува Стојанова. 

Повеќе информации за настаните што се дел од Пролетта на јагликите ќе бидат објавени на 11ти април на страниците од партнерите на кампањата - Ботаничка градина на ПМФ, Едукативен центар за зачувување на природата во с. Негрево, Македонско eколошко друштво и Наука за деца, како и на официјалната страница на Фејсбук на македонската кампања Барање пролетни јаглики.

Прашањето зошто се битни јагликите го одговара проф. Ципе Авик од Универзитетот Тарту во Естонија, воедно и главниот истражувач на овој проект: „Насекаде низ светот имаме загуби на биодиверзитетот, па затоа и потребата од податоци за тоа како животната средина се менува сè повеќе расте. Граѓанската наука е одличен начин да се комбинира собирање на научни податоци и забава во природа. Кампањата Барање пролетни јаглики го нуди токму ова: сè што учесниците треба да направат е да излезат во природа, да ги најдат впечатливите цветови на пролетната јаглика (Primula veris), да погледнат во неколку цветови и да ни ги испратат податоците од нивното набљудување заедно со фотографии преку cowslip.science/mk.“

По неочекуваниот успех на минатогодишната кампања, научниците од Универзитетот Тарту ги анализираа собраните податоци. „Прелиминарните резултати укажуваат на тоа дека јагликите не се во рамнотежа, што е спротивно на нашите очекувања. Сите видови на јаглики имат две форми, S (лево на илустрацијата) и L (десно на илустрацијата) и доколку е сè во ред, бројот на двете форми треба да е еднаков. Кога двете форми се во рамнотежа, размножувањето на јагликите e непопречено и популациите се поотпорни на промени“, ни објасни Маријан Калдра, која ги истражува јагликите на Универзитетот во Тарту.

 

„Исто така, откривме дека рамнотежата меѓу двете форми е подобра во поголемите популации на јаглики, што ги прави поодржливи“, истакнува Калдра. Овие интересни откритија треба дополнително да се истражат и да бидат потврдени со уште повеќе податоци.Затоа кампањата Барање пролетни јаглики се повторува годинава, а научниците се надеваат на уште поголемо учество од јавноста.

„Според првичните резултати, популациите на јаглики кои се поблизу до урбанизирани средини не се во рамнотежа. Ова укажува на негативното влијание на присуството на луѓе врз јагликите“, рече Маријан Калдра. „Податоците сè уште треба да се испитаат детално, па во иднина ќе знаеме и како останатие параметри од животната средина, како што е растителниот состав, влијаат на јагликите“, додава таа.

Организаторите изработија и видео анимација која објаснува како се одвива целиот научен процес за да покажат што се случува со собраните податоци од набљудувањата.

Јагликите може да се набљудуваат низ цела Европа. Оваа иницијатива е поддржана од локални партнери во Австрија, Белгија, Бугарија Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Луксембург, Холандија, С. Македонија, Норвешка, Полска, Словачка, Словенја, Шведска, Швајцарија и Обединетото Кралство. Јагликите веќе цветаат во јужноевропските земји.

Кампањата Барање пролетни јаглики е дел од CENTRE OF EXCELLENCE ECOLCHANGE Екологија и глобални промени: природни и уредени екосистеми. Мрежата на Барање пролетни јаглики има над 40 учесници вклучувајќи Универзитети, училишта, владини институции и невладини организации од 30 различни земји.

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе