Најголемата набавка распишана во декември се однесува на т.н. хардверска платформа за хардверски облак за потребите на АЕК, односно изработка на научна студија за влијанието на зрачењето од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и животната средина која не опкружува (4Г, 5Г...). Цена – 60 милиони денари. За овие набавки некои експерти велат дека цените се нереални и неколкукратно ја надминуваат реалната побарувачка и пазарната вредност кои ги предвидел АЕК.
За одржување на возила предвидени се 1 милион денари, за обуки на вработените 3 милиони денари. Обезбедувањето имоти и лица за 2021 ќе чини 16 милиони денари или повеќе од 260 илјади евра.
Еве и уште една набавка за системот за сајбер безбедносен надзор над мрежна инфраструктура. За неа АЕК планира 400 илјади евра.
Ова сѐ е направено до 30 декември, а од тој ден Јетон Акику е назначен за нов директор на Агенцијата за електронски комуникации. Акику е предлог на владејачката ДУИ и доаѓа на местото на досегашниот директор, Сашо Димитријоски.
За сите овие прашања од АЕК не добивме никаков одговор.
АЕК своето финансирање во најголем дел го обезбедува од наплатата од работењето на Телеком и А1 ВИП како регулаторот надлежен за надзор врз телекомуникациските оператори и радиофреквенциите.
Генерално, годинава АЕК потроши речиси двојно повеќе пари од она што првично било планирано на почетокот на годинава.
Во предлог измените и дополнувањата на Финансискиот план на Агенцијата за електронски комуникации за 2020 година планирано е да се потрошат 15,5 милиони евра, наспроти 8,5 милиони евра колку што предвидела дека ќе поарчи со првичниот финансиски план за 2020 година. АЕК ги зголемува и трошењата за енергија, и тоа за нешто повеќе од 16 илјади евра, со што вкупниот износ на оваа расходна ставка ќе достигне 111 илјади евра. За 2020 година зголемени беа и трошоците за услуги за обезбедување на имоти и лица, и тоа за цели 65 илјади евра, со што таа расходна ставка ќе дојде до над 1,3 милиони евра.
Од Агенцијата за електронски комуникации веќе подолго време не одговараат и на прашањето за нивниот план за телекомуникациската кула на Водно.
Во измените и дополнувањата на Финансискиот план, вкупно планираните зголемени расходи за 2020 година изнесуваат 953.471.516,00 денари, што е рамно на 15,5 милиони евра.
Во делот на планирани приходи, пак, се изменува и дополнува - приходи од Надоместок за користење на радиофреквенции се намалува за 3.500.000 денари поради Уредбата со законска сила за начинот на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба објавена во Службен весник. Вкупниот износ на оваа приходна ставка за 2020 година изнесува 411.000.000 денари или 6,7 милиони евра. Според Финансискиот план за 2020 вкупните планирани приходи биле 953.471.516 денари, или 15,5 милиони евра.
A.Д.