Акцијата „Бегалец“ откри долга листа на убијци, измамници, крадци...

517 осудени бегалци завршија зад решетки, меѓу нив не се Груевски, Спасов, Исмаиловиќ, Демири, Красниќи...

Се бараат со потерница бидејќи се осудени дека краделе, измамувале, предизвикале сообраќајки, ја злоупотребиле службената положба, а некои од нив се и убијци... Полицијата ги бара, но тие успеваат да се скријат. Дел од нив бегале и се криеле и повеќе од 10 години. Нивната бројка е висока, односно дури 517 лица биле лишени од слобода минатата година, по што завршиле зад решетки. Но меѓу овие лица не е ниту Никола Груевски, поранешниот премиер по кого МВР распиша потерница, ниту Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски, ниту пак Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, ниту Агим Красниќи...

Поранешниот премиер Груевски се бара по потерница од пред повеќе од две години. За него сите знаат дека е во Будимпешта, Унгарија, каде што доби политички азил. Потерницата е активна, но никој ниту го апси, ниту пак може да го екстрадира во државава. Последниот збор за екстрадицијата го има судот во Унгарија, кој одлучи дека Груевски не може да биде екстрадиран бидејќи има одобрен азил.

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека државата нема ограничување колку пати може да побара азил, но сепак, последниот збор го има судот во државата во која се наоѓа бегалецот. А Унгарија е децидна, по втор пат не го даде Груевски.

Нема екстрадиција ниту за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинетите од случајот „Монструм". По нив потерница беше распишана уште во мај 2012, ама ниту по 8 години не излегоа пред лицето на правдата кај нас.

Им се судеше во Косово за оружје, таму издржуваа и затворска казна. И обвинетите од „Монструм" јавно признаа дека комуницирале со нив на вибер. Но за институциите кај нас тие се невидливи и се водат како недостапни на органите на прогонот. За петкратното убиство кај Смилковско Езеро по втор пат им се суди во отсуство.

Тие еднаш беа осудени на доживотни затворски казни, а сега повторно им се суди во отсуство, откако Врховниот суд ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторено судење. Ги бара и Интерпол, но двајцата се недостапни.

Недостапен е и Игор Спасов. Тој не побегна како Груевски, Демири и Исмаиловиќ, туку со уреден документ за здравствената состојба успеа да излезе од затворот во Идризово и некое време да го одложува издржувањето на затворска казна. Но во октомври 2019 не се врати во затвор да ја доиздржи казната, па полицијата објави дека по него е распишана потерница.

Кога нашата редакција, која редовно информираше за овој случај, се обрати до надлежните институции, тие си ја префрлаа вината како едните не ги известиле другите, па затоа третите не можеле да реагираат. Тогашната министерка за правда Рената Десковска одговорност побара од судовите. Министерот Оливер Спасовски на одговорност ги повика судиите и обвинителите. Но никој не одговараше, а Спасов го нема. Нема одговорност од никого ниту за бегството на Груевски.

Специјалецот Игор Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски. Од 14 години тој одлежа половина. Казната затвор ја издржува од 2011 година, а во прекин му беше повеќе од една година поради здравствени проблеми.

На листата на потраги на МВР е и името на Агим Красниќи, кој исто така излезе на викенд и не се врати повеќе назад во затворот во Штип, каде што треба да доиздржи затворска казна од 3 години и 3 месеци. По потерница се бара и Никола Војминовски, осуден за нападот врз пратеникот Зијадин Села.

Војминовски е осуден на 13,5 години затвор за обидот за убиство врз пратеникот Села. Нему му беше одреден куќен притвор до правилноста на пресудата.
На сајтот на Министерството за внатрешни работи во одделот за пораги е објавена одлука на судот во Кочани за распишување потерница за Жан Железарски, кој не се вратил на издржување затворска казна за случајот Детонатор.

Ги нема и Никола Бошкоски и Горан Грујeвски, обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина" и „Таргет", кои сега се споени во еден предмет.

Грујeвски е главниот обвинет во „Тврдина" и „Таргет". Бошкоски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.
Но листата на бегалците од правдата не завршува со овие имиња. Побегнале или од правдата се кријат уште многу што имаат правосилни судски пресуди. Во бегствата не ги запреле ниту правосилните судски пресуди со кои им се изречени високи затворски казни, ниту пак, потерниците што ги распишува полицијата по наредба на судовите или затворите.

Министерство за внатрешни работи поред неколку месеци ја започна акцијата „Бегалец". Според податоците од полицијата, во текот на 2020 година од слобода лишени се 517лица. О д нив 337 се за издржување на казна затвор , 95 за бегство од затвор и 85 за истрага.

Но ниту еден од оние што побегнал од затвор не е познат по спектакуларно класично или филмско бегство, туку сите заминуваат на викенд, кој им следува откако ќе издржат повеќе од половина од казната и ќе имаат добро поведенија. Тогаш слободниот викенд кој законски им следува, наместо за да се видат со семејството, го користат за бегство по кое речиси никогаш не се враќаат назад, освен ако не ги најде и врати во ќелија полицијата.

Некои од нив се апсат и од нивните домови. Тоа се најчесто оние кои имаат правосилни судски пресуди, па додека затворот ги чека самостојно да се пријават за издржување на затворска казнат тие ги игнорираат законите, но и судските одлуки. Тогаш на врата им тропа полицијата која доаѓа ненајавена, но со наредба за приведување и спроведување на лицето во некоја од затворските установи. За само 3 месеци во полициската акција „Бегалец" приведени се 209 лица.

Лицата барани по потерница во зависност од оперативните сознанија со кои располага МВР за нивниот престој и условите каде и кога можат да се лишат од слобода, според тоа и се постапува.

Некои од лицата се пронаоѓаат во нивниот дом. Но најголем број се кријат и имаат повеќе престојувалишта и јатаци, кои им помагаат при криењето.
Во одредени случаи кога се работи за лица од кои се очекува да пружат активен отпор или да имаат поддршка од семејството и роднините се изготвува посебен план за постапување со цел истиот да се лиши од слобода без проблеми за него и службата и тука се ангажираат и специјалци, кои вооружени до заби и со посебни оперативни планови успеваат да стасаат до бегалците и да ги реализираат наредбите за апсење.

Најчести кривични дела за кои се бараат овие лица се тешка кражба, измама, загрозување на безбедноста на сообраќајот, тешка телесна повреда, против правно лишување од слобода, неовластено производство и пуштање во промет на наркотички дроги, насилство, убиство...

Во периодот од септември до декември минатата година меѓу оние што завршија зад решетки се и осуденик баран од 2016 година за издржување вкупна затворска казна од 32 години, како и осуденик на казна од 20 година по кого полицијата трага 3 години и бегалец со казна од 19 години затвор баран од 2015 година.

И додека зад решетки завршија осудениците со помалку познати имиња, но не помалку важни за спроведување на законите, затворот се уште ги чека Груевски, Спасов, Красниќи, Демири, Исмаиловиќ, Железарски, Бошкоски и Грујeвски...

                                                                                                                К. Додевска

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе