ОБРАЗОВАНИЕ

Пубертет доаѓа со тортата на мама, Грција излегува на Јадранско Море, баци рака за почит... продолжуваат „лекциите“ за учениците!

„Кога пубертетот ’дојде’, малиот Огнен доби мозолче на лицето, а мајка му конечно направи торта. Потоа, Огнен го пофаќа мозолчето и се возбудуваше. Лакомо jадеше од тортата, а целото семејство го славеше неговиот пубертет. Откако се засити, Огнен ја побара својата соученичка Мара и заедно со прстите си ги пипкаа мозолчињата, полека, нежно, како да фаќаат нежни расцутени цветчиња“, вака петтооделенец би ја раскажал лекцијата од 61. страница од учебникот по македонски јазик.

 

Содржината на оваа „лекција за пубертетот“ деновиве се прошири по социјалните мрежи, па повторно на јавна критика се честите небулози, грешки, апсурдните толкувања и дефиниции што се вметнати и може да се прочитаат во дел од учебниците.

Материјалите од книгите треба да служат како редовна станица од образовниот стадиум на еден основец. Децата низ основното образование го оформуваат карактерот, практично, се оформуваат како личност, па не е чудно што се појавуваат коментари на загрижени родители од типот: „Што учат и зошто учат децата вакви работи? Каде да побараме логично и разумно објаснување? Од авторите на учебниците, од Министерството за образование, од кого?!“

Но настрана оваа пубертетска лекција, сигурно многумина се сеќаваат дека јавноста реагираше и бараше ревизија на учебникот за Граѓанско образование за осмо одделение. Осмооделенците таму учат дека „лојалните граѓани се добри и одговорни работници кои секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“.

„Ако човек го повтори ова седумнаесет пати, и на осумнаесетиот пат сигурно ќе му звучи екстремно глупаво! А како треба ова да го сфати еден млад тинејџер и како ќе влијае врз него?“, беа дел од реакциите по социјалните мрежи откако се појави содржината низ јавноста.

Истовремено истиот учебник, особено на првите страници, изобилува со разни илустрации што ги учат младите на покорност. Пример - бакнувањето рака на повозрасните е израз на почит кон авторитет!

„Кога покорувањето на моќта е прифатена, за таа моќ велиме дека прераснала во власт. Власта претставува облик на моќ која е прифатена како оправдана“, стои во делот за објаснување за власта, кој го пренесоа скоро сите медиуми.

Сликите ја претставуваат власта како огромен и силен моќник, додека граѓаните изгледаат како мали и немоќни пиони. Низ текстовите може да се забележат и карикатури - спринт-трка помеѓу двајца припадници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, како и камион со натоварени гласачи што поминуваат на царина.

Фактички грешки, погрешни или многу сложени дефиниции, јазични неправилности, разни небулози се објавуваа низ ланската година, а имаше „сочни“ примери и во 2013 година, во учебникот по Општество за петто одделение.

Родителите реагираа дека во овој учебник, чии автори се Виолета Митовска, Оливера Величковска, Весна Гаврилова-Аврамовска, може да се најдат „ретки бисери“ што по првото читање од срце ќе ве насмеат, но и ќе ве вчудовидат, ќе ве изненадат и ќе ве револтираат поради фактот што сè може да прочита еден петтоодделенец во учебник што ги поминал сите нивоа на проверка и што бил одобрен од Националната стручна комисија.

На пример, авторите на учебникот „откриле“ дека нашиот јужен сосед Грција излегува на четири мориња, меѓу кои и на Јадранско Море.

„Нашата татковина на југ граничи со Република Грција. Главен град е Атина. Таа е полуостровска и островска земја. Членка е на Европска Унија. Излегува на Егејско Море, Јонско Море, Јадранско Море и Средоземно Море.“

Принтскрин од учебникот

Ако човек не е убеден во својата основна географска едукација, тогаш може да погледне во сите релевантни светски енциклопедии, атласи и индекси (како на пример, Енциклопедија БританикаНешнелџиографикЕнциклопедиа.ком,Грис индекс). Таму пишува дека Грција излегува на три мориња: Егејско, Јонско и Средоземно Море. Во некои од нив се споменува и четврто море: Критско.

Во учебникот може да се прочитаат и вакви дефиниции: „Татковина е наследство, а истовремено и состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ. Република Македонија е нашата татковина“. (стр. 7).

Состојба на поседување земја? Како ова може да го прими главата на еден петтоодделенец? Како ли воопшто звучело во главите на авторите и што сакале да кажат со тоа?

Прашавме неколку македонски петтодделенци – што е татковина, и тие како од пушка ни одговорија: „Македонија е мојата татковина, земјата во која сум роден“. „Татковина е земјата што ја сакам“.

Оттука, зошто тогаш авторите решиле (а тоа некој го одобрил) да прават хаос во главата на едно десетгодишно дете? Сметале дека ако е покомплицирано, ќе биде и поблиску до вистинската дефиниција?

Пред четири години се појавија куп грешки и во учебниците на албански јазик. Тогаш Здружението на албански издавачи беше загрижено за правописните, техничките и грешките во преводот. Ова здружение тогаш обвини дека Министерството за образование не е издавачка куќа, а на конкурсите за автори и рецензенти, како што рекоа, доаѓаат до израз личните врски и пријателства, а не квалитетот.

Сите смешни дефиниции, погрешни равенки, слаб квалитет, како и содржини што не соодветствуваат на возраста на децата, се само дел од проблемите со кои се соочуваат учениците, наставниците, но и родителите. Проектот на Владата со кој на основците и средношколците им беа доделени околу четири милиони книги, државата ја чинеше најмалку една милијарда денари.

Абдулаќим Адеми

Инаку, последниов период имаше низа реакции и за состојбата во која се наоѓаат дел од учебниците што се префрлаат од дете на дете, па ресорниот министер Абдулаќим Адеми ја „смируваше топката“ и најави дека буџетот за образование за 2016 ќе биде повисок. Поточно, како што рече, околу 14 милиони евра се предвидени за снабдување на основците и средношколците со учебници, превод на 50 книги за факултетите, да се платат наследените долгови за лаборатории, почеток на изградба на Универзитетски комплекс во касарната „Илинден“, реконструкција на студентските домови... Останува да видиме дали сето ова ќе стане опиплива реалност или министерството ќе мора да бара приоритети од сите споменати проекти. 

Б.Ш. 

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе