Една пратеничка изјава силно одекна во јавноста

Зошто Милошоски реши да каже дека има пратеник во Собранието кој силувал жена?

„Имаме колега пратеник кој извршил силување врз жена! За тоа бил казнет, но сепак извршува висока функција". Овие зборови искажани вчера од собраниската говорница во расправата за Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, одекнаа силно во јавноста.

Веднаш се запали „црвеното светло" во редакциите. Кој е тој пратеник кој имал болен ум да можел да изврши едно такво злодело, едно од најтешките кривични дела? И како е можно денес, со чиста совест да биде народен избраник и во Собранието да претставува илјадници граѓанки и граѓани, илјадници девојки и жени? Со каков „внатрешен“ став ќе гласа за овој закон за спречување и заштита од насилство на жените? Зеленото копче „ЗА“ законот, секако ќе го притисне. Тоа не е прашањето.

Важно е најпрво дали Милошоски има точна информација. Со долг стаж во политиката и функциите кои ги обавувал, сигурно е дека Милошоски знае каква е одговорноста за една таква јавно дадена изјава. Свесен и за последиците од неосновано обвинување. Без оглед што вчера рече дека името на тој пратеник нема да го соопшти, зашто не сака да разбуди лоши спомени кај жртвата.
Јавноста остана без поблиски информации. Некои неофицијални извори сметаат дека станува збор за судска пресуда донесена пред повеќе од 35 години - условна казна од 1 година затвор.

Претпоставаме дека пратеникот за кого станува збор, не е од ВМРО-ДПМНЕ, зашто, веруваме дека со оглед на кажаното, Милошоски би реагирал и таа личност не би имала можност за ваква функција - народен претставник, или ако е посвежа информацијата, би бил принуден на оставка. Значи, сомнежот е фрлен во други дворови.

Зошто токму сега Милошоски проговори? Од неговата изјава се чини дека случајот го искористи за да предложи измена во законското решение, па нѝ изјави:

„Во контекст на Законот за заштита на жените од насилство, сметам дека треба да се воведе норма според која сторител на кривични дела против половата слобода (глава 19 од Кривичниот законик), во кои жртви биле жени, деца или други ранливи групи, не треба да биде достоен за вршење на висока државна функција. Сторителите на вакви дела сметам дека не треба да имаат ниту законски основ да бидат дел од образованието на ученици или студенти".

Вчера тој ги повика пратениците, особено Клубот на жени пратенички, да изготват амандмани со кои ќе се воведат дополнителни критериуми, човек што извршил кривични дела од овој тип, да не може да биде избран на високи функции. А на предлагачот на законот за кој вчера се расправаше, Милошоски му сугерира дека покрај регистар на жртви треба да се изготви и регистар на насилници.

Милошоски појаснува дека неговата поента е да иницира да се воведат норми за делумни ограничувања на избор за вршење на функции во повеќе закони. Потсетува дека Уставот ја определил категоријата „недостоен за функцијата“, што може да биде појдовна основа. Имено, во делот каде се предвидува одземање на мандатот, пишува „ако пратеникот е осуден за кривично дело или казниво дело што го прави недостоен за функцијата“.

Прашањето за актуелниот пратеник кој некогаш го извршил тоа кривично дело е од морален аспект. Но, може да е и прашање за партијата која го кандидирала.

Траба да се верува дека податокот за пресудата го знаат во партијата во чии пратенички редови седи. Барем големите партии имаат и имале луѓе на највисоки функции и во судството и во безбедносните органи. Или, тоа никој навистина, освен Милошоски не го знаел? Не е за верување дека во една мала држава на партија или коалиција може да ѝ се протне непроверена личност. Или, побитно е која личност може најмногу гласови да повлече на избори?

Секако, мора да се има предвид фактот дека секој што ја издржал својата казна, има право да се врати во секојдневието и тој е потоа рамноправен граѓанин кој има право на работа. 

Овде сепак, станува збор за високи функции во државата.

Кога во прашање е изборот на пратеници законот не предвидува многу забрани, сигурно затоа што главниот збор го имаат граѓаните на избори. Така во одредбите е дефинирано: „Право да биде избран за пратеник има секој државјанин на Република Македонија ако: наполнил 18 години живот; има деловна способност и не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело".

Но, исто така, се сеќаваме дека кандидатите за пратеници бараат потврда дека пред законот се чисти. Па така, во новинарски текстови од претходните изборни циклуси можеше да се прочита дека „во надлежните судови има наплив од барања за неосудуваност, поради тоа што кандидатите за пратеници брзаат да не го испуштат рокот за да добијат документ без кој не може да се кандидираат за изборите".

Бркотницата за судско уверение е затоа што според законските одредби, кандидат за пратеник не може да биде лице кое е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување сѐ уште не е започнато и се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

Со други зборови, лице кое некогаш ја издржало казната има право да биде пратеник. И секако, не може цел живот да отплаќа за своите гревови, грешки и недела и да биде трајно жигосан.

Прашањето е повторно од морален аспект и се однесува на политичките партии. Колку и дали внимаваат при изборот? Самиот Милошоски внимателно ги избираше зборовите и сугерира во иднина да не биде можно на „висока државна функција“ да се избере човек кој сторил такви кривични дела во кои жртви биле жени, деца или други ранливи групи.

Дали вакво решение би можело да помине, останува на пратениците, но можеби подоцна и на Уставниот суд, пред кого сите граѓани се еднакви. Затоа, најдобриот филтер се самите политички партии, бидејќи на тој начин ќе спречат да не се отвораат старите неизлекувани рани на жртвите, потоа, да не се вадат пред судот на јавноста оние за кои судот во минатото се изјаснил, а тие издржале казна, но конечно, и да не паѓа дамка врз целиот државен и политички систем.

П.Џамбазоски

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе