Скопје-Софија

Зајакнати дипломатски активности со Бугарија, Заев и Османи во Софија

Зајакнати дипломатски активности спроведува државниот врв на Македонија во претстојнот период кон соседна Бугарија, во насока за изнаоѓање решение на последните несогласувања, кои настанаа по објавувањето на бугарскиот појаснувачки Меморандум испратен до земјите-членки на Европската Унија, со кој се проблематизираат македонскиот јазик и македонската нација.

Во посета на Бугарија заминуваат премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи на средби со нивните бугарски колеги, Бојко Борисов и Екатерина Захариева.

Османи в петок оди во Софија, а посетата ја најави вчера, кога беше објавен и Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Тој вчера на прес-конференција рече дека неговата прва билатерална посета ќе биде на Бугарија што, како што потенцира, претставува порака сама за себе, бидејќи укажува дека подобрувањето, односно одржувањето на односите со нашите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија, е наш сериозен интерес и приоритет.

„В петок одам во официјална посета на Бугарија каде средбата со мојата колешка Захариева, ќе биде првата моја билатерална официјална средба како министер за надворешни работи и очекувам да испратиме пораки на пријателство, на заемна поддршка и во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува и исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата, а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи“, порача Османи.

Тој изрази очекување дека на средбата ќе стане збор за сите прашања, како што рече, во поддршка на создавање услови за непречена работа на Мешовитата експертска комисија дури и во време на рестриктивните мерки на пандемијата, како и отстранување на сите пречки за засилена политичка, но и економска соработка помеѓу двете земји.

Во однос на Договорот за добрососедтво со Бугарија, Османи вели дека во него има обврски и за нас и за Бугарија.

„Главната обврска на Бугарија е членот 2 во Договорот, што предвидува дека Република Бугарија ќе ја поддржи евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. И тоа сметаме дека е важен дел од обврските. И тоа досега е почитувано. И во делот на членството во НАТО и во делот на консензусот на одлуката за започнување преговори со ЕУ и очекувам истото тоа да се повтори сега со консензусот за преговарачката рамка и за започнување на меѓувладината конференција“, рече шефот на дипломатијата.

Меѓутоа и нашите обврски, потсети Османи, што се дефинирани во членот 5, став 2 од Договорот, а тоа всушност се взаемни обврски, е тоа дека ќе се формираат комисии на историчари кои ќе ги разгледаат врз основа на историски факти различните интерпретации на историските настани.

„Можам да кажам дека тука и покрај различната интерпретација колку работела комисијата, фактот дека за 20 месеци имало 9 средби, во кои е постигнат значаен резултат за повеќе историски епохи не може да се занемари, меѓутоа прашање е која динамика можеме да ја наметнеме и во услови на пандемија и во услови на други ограничувачки фактори“, истакна Османи.

Гоце Делчев ќе биде една од темите на разговор на средбата, која премиерот Заев ја најави со неговиот бугарскиот колега Борисов, а која треба да се реализира во Софија на почетокот на следниот месец.

„Очекуваме во периодот, не подоцна, од 10 ноември да направиме една средба. Секако, јас сакам да ја посетам Република Бугарија и да биде мојата прва официјална посета како претседател на Владата заради тоа што навистина имаме и прашања за разговори, а тоа е токму прашањето за ова следно историско поглавје, Гоце Делчев како историска личност и овој период од историјата. На 10 – 11 ноември се очекува да се одржи Берлинскиот процес каде што сме домаќини ние и Бугарија заедно, што ќе се одржи во Софија. Очекуваме овие денови да добиеме и повратна информација од Бугарија за да можеме да седнеме да поразговараме на подготовката за Берлинскиот процес, секако и за ова отворено прашање“, истакна Заев кон крајот на минатиот месец на заедничката прес-конференција со новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир.

Неизоставен дел во реакциите по вчерашното објавување на Извештајот на ЕК за Северна Македонија, беше несогласувањето со Бугарија и можноста тоа да доведе до одложување на првата Меѓувладина конференција.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој денеска престојува во посета на Скопје, вчера изјави дека им порачал на претставниците на македонската Влада дека треба да вложат во директен дијалог со Бугарија со цел надминување на споровите.

„Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед, бидејќи станува збор за взаемен интерес да се изнајде решение кое е прифатливо решение за двете страни“, рече Вархеји.

Тој потврди уште еднаш дека целта на Европската комисија, како и на германското претседателство, е да се одржи првата Меѓувладина конференција, односно отворањето на првите поглавја на преговори, до крајот на оваа година.

„Сѐ уште целиме на одржување на првите меѓувладини конференции под германско претседателство (до 31 декември, н.з.), тоа е пораката што ја пренесов до Европскиот Парламент и тука, уште имам надеж дека е возможно“, изјави Вархеји.

На македонско-бугарските односи се осврна и вицепремиерот задолжен за европско пршања, Никола Димитров, кој вчера заедно со евроамбасадорот Гир на прес-конфренција во Владата го коментираа најновиот извештај на ЕК.

„Да не заборавиме, од двете зелени светла, едното – за Северна Македонија, беше безусловно. Значи, нема услов што треба да се исполни за да почнат пристапните преговори. Затоа е многу важно за ЕУ таа одлука да се спроведе, во смисла на прва меѓувладина конференција. Но, покрај македонскиот и европскиот влог, тука голем влог има и нашиот сосед – Бугарија. Мислам дека успехот овој процес да продолжи, ќе биде успех и на Бугарија, како земја сосед и пријател што сака да стане уште поголем пријател“, посочи Димитров.

Како што рече Димитров, во ова време невреме, со многу предизвици, немаме луксуз да пропуштаме вакви шанси за успех. Ако успееме и ако во декември има меѓувладина конференција, тоа ќе биде голем успех за земјава и за ЕУ.

„Имав корисни средби во Берлин и на сите ми беше потврдено дека еден од главните приоритети на германското претседатлество во делот на соседството е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија. Мислам дека со таа поддршка и со мудрост од сите страни, ќе дојдеме до тој заеднички успех – и да заживее новата методологија и ние конечно да почнеме пристапни прегвори“, нагласи Димитров.

Вчера се огласи и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, кој во интервју за Сител оцени дека со Бугарија може да се најде решение, ако има доба волја од двете страни.

„Работите треба да се гледаат долгорочно. Тоа е од заемен интерес за двете земји, особено за да може тој пат да се изоди до Европската Унија. Но, потоа ги имаме прашањата поврзани со внатрешната политика во двете земји. Не го велам ова за да ја потценам внатрешната политика, но внатрешната политика има емоции поврзани со историски прашања, со идентитетот, кои се многу силни и кај едните и кај другите. Затоа ќе кажам дека сето ова не треба да се искористува, да се манипулира за да се избегнуваат другите прашања“, изјави Тимоние.

„Досега разговорите се водеа во пријателски дух  со кој се постигна и Договорот од 2017 година. Треба да се продолжи на тој пат, а ние како дипломати не забележуваме дека има нешто што би можело да биде невозможно за решавање ако се изнајдат соодветни формулации кои ниту за едната, ниту за другата страна не би претставувале непремостливи пречки, особено во поглед на јавното мислење“, посочи францускиот амбасадор во заминување.

Во меморандумот Бугарија на шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Македонија, бара поддршка од земјите членки на ЕУ нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“. 

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе