„Секако дека сум горд што ги имаме двата договори затоа што повторно изградивме добри односи со нашите соседи. Република Северна Македонија е пријател со сите свои соседи и со остатокот од светот. Ќе повторам уште еднаш дека македонскиот идентитет и јазик се загарантирани и непроменливи. И грчките и бугарските високи политички личности зборуваат за Македонци, за македонски јазик. Идентитетот ни е попочитуван од порано. Ете, се случи и тоа, Руската православна црква да ја признае Македонската православна црква. Сето тоа значи дека само со пријателство можеме да одиме напред", изјави Заев.
Тој и додаде дека е добро да се направат уставни измени за да тргнат побрзо преговорите со ЕУ, затоа што тоа, нагласи, „им го должиме на нашите деца„.
Изјавите Заев ги даде на универзитетот ФОН во Скопје каде титула почесен доктор му беше дадена на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.
Во изјава за бугарски медиуми по тој повод, Заев им се заблагодари на пратениците од бугарскиот парламент затоа што го поддржаа францускиот предлог за деблокада на евроинтеграцијата на Македонија.