За власта францускиот предлог е прифатлив, за опозицијата е предавство, следува собраниска расправа

По Владата и претседателот на државата Стево Пендаровски вчера излезе со позитивен став во врска со европскиот предлог за симнување на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со ЕУ. Во врска со предлогот по состанокот на Советот за безбедност, премиерот Димитар Ковачевски имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој искажа дека тој за нив е неприфатлив.

Консултациите на владините претставници во Скопје продолжуваат и денеска. Премиерот Ковачевски вчера најави средба со лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села.

„Остана за консултација уште дел, јас утрово имав телефонски разговор со Зијадин Села, најверојатно утре ќе се видиме со вицепремиерот за европски прашања да му биде претставен, објаснет во сите делови“, изјави вчера Ковачевски по средбата со Мицкоски.

Во однос на консултациите со Собранието, премиерот рече дека дискусијата во Собранието ќе се одвива во согласност со собраниските процедури, бидејќи како што рече, „Владата не може да наложува на кој начин ќе се води расправата“.

Исто така се очекува, според најавaта на министерот за надвореши работи Бујар Османи од брифингот со новинарите во саботата тој денеска да има онлајн средба со неговата бугарска колешка Генчовска.

Премиерот Ковачевски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во Клубот на пратеници рече дека имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно израени ставови и за тоа не треба да имаме никакви дилеми.

„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Ова беше најважното прашање за нас и затоа сакам да сум кристално јасен. Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања и астерикси“, изјави тој.

Ковачевски истакна дека предлогот ги става билатералните и историските прашања надвор од преговарачката рамка.

„Отворените прашања треба да бидат затворени, но за тоа ќе имаме време се додека истите не се достоинствени и за двете страни. Европската унија посочува дека тоа треба да се реши на билатералната основа и затоа ова не е никако дел од рамката за преговори. Добрососедските односи како такви се фундамент на ЕУ. Ние сме се согласиле дека ќе го прифатиме тоа како факт уште во 2001 година кога е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во тој дух, по тој принцип и по таа воспоставена пракса наша обврска како членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи и тоа ќе го правиме преку исполнување на Договорот за добрососедство исто како што го правиме и со исполнување на Договорот од Преспа“, рече премиерот. 

Посочи дека протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија не е нотиран и не е дел во преговарачката рамка. Тоа е билатерален документ, кој не е дел од европскиот пакет. 

„Овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните приговори на Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година. Преговорите со ЕУ ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.  Сите сме свесни за чувствителноста по однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да изберме нова неизвесност. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија грижејќи се за иднината за нашите деца. Од ова прашаење не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање на кое секој политичар, граѓанин треба да му пристапи многу сериозно“, кажа Ковачевски. 

Тој апелира сите да се држат до фактите, до официјалните документи и нивната правилна интерпретација. Ги повика сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата и да постапуваат конструктивно, одговорно и државнички.

За Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ овие два документи се неприфатливи.

„Ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, овие два документи вакви какви што се се прифатливи. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. И трета работа, му понудив, ако толку верува дека е обезбеден идентитет, тогаш најпрвин во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членот 11 и членот 14“, рече тој по средбата.

Само треба да го одбијат предлогот, да речат не бидејќи, според него, ова не се преговори, и ова не е преговарачка рамка со којашто ние обезбедуваме европска иднина туку ова е преговарачка рамка со којашто или се асимилираме и бугаризираме па така да бидеме дел од ЕУ или нема да бидеме дел од ЕУ.

Пред Владата во Скопје синоќа продолжи протестот под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“. Учесниците се против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Според нив, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.

 

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе